Свети Стилијан

Св. Стилијан е роден и живеел во периодот меѓу 400-та и 500-та г. после Христос во Пефлагонија, која се простирала покрај јужниот берг на Црното Море во Мала Азија. Благословен уште од мајчината утроба, тој растел со Светиот Дух. Иако дете, во него веќе се појавиле исклучителните дарови на светиот живот. Тој не ја оставал своеволноста да го гнаси ниту неговиот дух, ниту неговата душа – бил чист, пречист. Така растел настрана од земните страсти и без да дозволи користољубието и љубовта кон земните богатства да завладеат со него и да го потчинат, односно да го покорат со развратот и распадливоста.
Со силата на Божјата благодат тој успеал да се избори со сите замки на времениот земен живот и гледајќи на него преку чистата Божја премудрост, решил да го следи стремежот на својата душа. А таа, неговата душа, го повикувала кон борба, кон здобивање на добродетелите, за да истрае на тешкиот и мачен пат кон вечниот и блажен живот.
Неговото чисто срце одговорило на тој повик на душата и вака постапил: целото наследство го продал и разделил на воцрковените сиромашни луѓе. И кога целосно се ослободил од татковото богатство, исполнет со олеснување и радост, си рекол: „Ех, го отстранив острото бодило, кое ми беше приковано за желбите на моето смртно тело, а сега ме чека пат кон животот во вистината“.
Така, откако се ослободил од земниот имот, св. Стилијан тргнал кон небесното богатство. Отишол во еден близок манастир и облекол монашка облека. Од тој момент па натаму никаква земна мисла, никаква помисла за нешто материјално не можела веќе да го оддалечи од верата и молитвата. Единствено се трудел да му се допадне на Господ, да си ја разубави душата и да си добие живеалиште на небото. Немал никакви желби, кои ѝ противречат на Божјата волја.
Оттука па натаму, неговиот аскетски живот за мноумина бил неопислив. Неговата чистота блескала, постот му бил најстрог, бденијата – чудни, смирението – светоносно. Во борбата против трите непријатели – плотта, светот и ѓаволот, тој ги употребувал трите монашки добродетели – воздржанието, душевната чистота и послушанието, кои совршено ги владеел.
Пустинскиот живот го претворил св. Стилијан во светла ѕвезда на аскетизмот. Тој станал пример за подражавање во добродетелите за млади и стари.
Но патот на аскезата никогаш не завршува и затоа решил да се оддалечи и да се предаде на уште построг живот, на отшелништво. Се поздравил со браќата од манастирот и заминал во внатрешноста на пустината, во осамените места каде никој не престојувал. Таму се вселил во една пештера и почнал да живее небесен живот. Во сѐ Го гледал Бог и себеси совршено се предал на Трите Божји Лица. Се хранел со диви тревки, а кога и нив ќе ги снемало, Самиот Бог се грижел за Својот преподобен. И како некогаш на св. пророк Илија, на св. Марко Философот од Атина и на други, Тој му испраќал храна преку небесните ангели.
Така св. Стилијан проживеал многу години во осамеништво. Десетици години се борел со ѓаволот, со себеси, за да стигне до светоста, како што рекол Бог: „Бидете совршени како што е совршен вашиот небесен Отец“.
Но дошло време кога Бог посакал да го воздигне Својот преподобен во пример за аскетскиот живот, да го прослави како столб на воздржението и тој Негов светилник да блесне низ целиот свет. Надалеку се расчуло за неговата слава. Од блиску и далеку почнале да доаѓаат луѓе кај св. Стилијан за од него да добијат душевна и телесна утеха. Мнозина, привлечени од светоста на неговата личност, ги отфрлиле од себе лошите навики, се покајале и подготвиле за нов живот. Христијаните, таму, во пустината, во испосницата на преподобниот, престојувале во умиление. Тој знаел да ги утешува душите што страдале, зашто знаел дека за да се придобие една душа за во небесното Царство, таа треба да биде налик на душичките на малите деца, според зборовите на Господ: „Ако не бидете како овие деца, нема да влезете во небесното Царство“.
А, пак, за децата, тој знаел дека тие имаат ангелски души. Колку шлаканици и да им удираат нивните татковци, тие пак ќе се вратат кај нив. Ако другарчето ги удри, тие пак ќе му простат, без да кријат ни најмала злоба. Затоа и св. Стилијан многу сакал да им помага на децата, силно посакувал да биде нивни таен чувар. И за да може да ја оствари таа своја желба, на премудриот отец му била подарена чудотворната сила за лекување болни деца.
Мајките од околината и од подалеку ги носеле своите сакати и болни дечиња кај светителот, полни со вера, за да најдат лек за својата болка. По цели денови патувале низ пустите места за да стигнат до пештерата на прославениот од Бога свети Стилијан. И кога ќе го сретнеле, паѓале пред нозете на Сатрецот-аскет, Го прославувале Бог за тоа што ги удостил да го сретнат, и го молеле да им ги излекува децата. Свети Стилијан, полн со добросрдечност и сострадание, ги земал младенците во своите раце и со солзи во очите започнувал да Му се моли на Бога да ги излекува. Небесниот Владика ја слушал неговата срдечна молитва и светителот извршувал чудо – децата оздравувале. Најразлични и болни страдања кај децата исчезнувале за миг, како никогаш и да ги немале. Мајките плачеле од радост, со благодарност ја целивале раката на светиот Старец и Го прославувале Бога. И тој, милиот, непрестајно го прославувал светото Божјо име и Му благодарел за чудата кои го удостојувал да ги изврши. Потоа, со нежност гледал на невините созданија и мила и ангелска насмевка се појавувала на лицето на Старецот.


Така Бог го прославил името на преподобниот Стилијан, кој си го посветил животот на Божјата слава. Но не лекувал само деца. Неговото име се прославило и со неговата молитва за неплодните родители. По неговите молитви бездетните жени добивале прекрасни и здрави деца. Многу христијани и после успението на Старецот, барале негово застапништво. Тие се повикувале на неговите молитви и благодарение на неговите икони добивале рожба.
Додека бил овде на земјата монаси и аскети од сите манастири го посетувале Старецот за со него да се радуваат во Господ и да ја наследат неговата светост. Тие барале совети од него за тоа како да се борат со искушенијата и како да постигнат мир во нивниот општежителен живот. Сите го почитувале како света аскетска фигура. Неговата личност се одликувала со смиреномудрие и од неа зрачела Светлината на небесната убавина. Св. Стилијан неуморно и со ангелска нежност поучувал, на тој начин исполнувајќи ги срцата и храбрејќи ја слабата вера. Тој со своите совети ги смирувал и оддалечените манастири, во кои имало недоразбирања.
Св. Стилијан така живеел и така го прославил Божјото име, и самиот бил прославен од небесниот Отец. Кога доживеал длабока старост, Бог ги испратил Своите ангели да ја земат неговата света душа, за да одмори од долговремените трудови, лишувањата и суровоста на аскетскиот живот. Но каде бил погребан никој не знае, ниту пак, останале други сведоштва за неговиот живот овде на земјата. Останало само неговото име, почитувано од целото православно христијанство. Православните, кога имаат потреба, нему му се обраќаат за своите болни деца. Величенствени храмови се издигнати и  посветени на овој светител. Неговите чуда не запираат и тој продолжува да биде верен заштитник на децата, моќен во молитвата пред Бога, светител Детепазител.
Дури велат дека и името во превод од грчкиот глагол му означува „заштитник“ или „Заштитник на здравјето на децата“. И како детезаштитник св. Стилијан на иконите се изобразува со дете во своите прегратки. Православната Црква неговиот спомен го прославува на 9 декември.
И на крајот треба да се знае дека св. Стилијан им помага не само на физички болните деца, туку и на оние деца кои страдаат душевно и духовно. Затоа што и децата, и младите страдаат од гревовите и страстите, и можат да бидат неурамнотежени, нервозни и „злобни“. Под дејство на лукавиот и на злите луѓе тие можат да станат дури и лоши кон своите домашни и да тргнат по лоши патишта. Во таквите ситуации родителите нека побараат застапништво од св. Стилијан, зашто тој е подготвен да помогне и благодарение на молитвите ги исполнува своите задолженија. Но и надвор од овие околности личноста на св. Стилијан нѐ повикува кон дела на благочестие, смирение, правда и милостина. Нѐ повикува, пред сѐ, кон огнена вера, благодарение на која ќе се сретнеме со Бог лице во лице, во последниот ден. Да твориме дела според Божјата волја за и нашата душа да биде земена од небесните ангели и однесена кон блаженството на небото. Амин!

Подготви: Петар Георгиевски