sv.-Prohor-donnybrook2

 

  Свети Прохор Пчински е роден во Македонија, во Областа Овче Поле, од благочестиви родители Иван и Марија. Тие благородни, богобојазливи луѓе имаа  и голем имот но секогаш го поставуваа  Божјото пред световното, духовното пред материјалното и даваа и помагаа многу на сиромашните, но беа бездетни. За тој свој недостаток тие непрестајно се молеа на Бога. И  Бог ги услиша нивните искрени молитви и им дарува машко дете и тие му ставија име Прохор.

Кога порасна Прохор, родителите сакаа да го оженат, како би имале наследници на имотот, но тој научен од нив да го бара најнапред  Царството небесно,  не сакаше и затоа отиде во Црквата да се помоли на Бога за да му го открие патот на спасението. Тој ден на Литургијата се прочита Евангелито каде Христос говори: Кој го сака таткото или мајката повеќе од Мене, не е достоен за Мене. Кој остави… или жена или деца… Заради Моето име ќе прими стократно и ќе наследи живот вечен! (Мт 10, 37)

Свети Прохор се трогна од тие зборови, заплака во душата и се помоли на Бога да го упати на патот кон спасението.

И штом излезе од Црквата се упати во планината. Како што еленот се стреми кон водни извори (Пс.41,2), така и свети Прохор се устреми кон горската пустина од каде може непрестајно да пие од непресушивиот извор на живата вода, та се насели во горската пустина Нагоричанска, во Жеглиговскиот крај, каде најде пештера и покрај неа мало изворче, та таму се насели како во царски палати. Храната му се состоеше од диви плодови, треви и корења, а притоа јадеше еднаш во седмицата. И кој би можел да ги опише сите неговите подвизи, во непрестајната молитва, солзи и трудови, во зимен мраз и летна горештина лежејќи на гола земја наместо на мека постела.  Навистина испосник, навистина пророк, навистина маченик, кој лежи врз студен камен! И засветли со добродетелите како сјајна ѕвезда од исток и запад со благодатта на пустиножител. На тоа место свети Прохор помина 32 години, без да види човек и живееше со горските ѕверови.

Еднаш по Божјо допуштение, кога старецот седеше пред неговата пештера, дотрча една исплашене срна и старецот ја праша: Мило, зошто си изморена? Диоген пак, ловецот, ја гонеше таа срна . Но кога дотрча Диоген и ја виде срната како спокојна лежи пред нозете на светителот се засрами и се исплаши од старецот па почна да бега. Тогаш светителот повика кон него: Диогене, не бегај, врати се, зашто и јас сум човек како и ти.  Тогаш Диоген уште повеке се исплши кога го слушна своето име од старецот и со страв падна пред неговете нозе барајќи благослов. Старецот го благослови и му рече: Диогене, да одиш во Цариград за да станеш цар. Но кога ќе се искачиш на престолот, спомни си за мене, старецот, дека ти го предскажав тоа!

Потоа Диоген си замина, а воодушевен од средбата со светиот старец, но не мина многу, а тој ги заборави неговите зборови. А срната стана и тргна длабоко во гората и светителот по неа. Скитајќи така по гората, тој најде друга тесна пештера, па се всели во неа, говорејќи: Бог да го благослови ова место. Овде светиот старец продолжи со своите подвизи жеднеејќи за богопзнание и непрестајна заедница со Бога. На тој негов пат кон духовното совршенство и обожение, имаше и многу искушенија.

На тоа место светителот помина други 30 години. А откако по Божјата милост созерцувајќи, светителот го предвиде свото заминување од овој свет, стана, се прексти, и ги виде светите ангели кои дојдоа во пештерата по неговата душа. Се помоли за светот и се престави пред Бога на 14 Октомври/ 1 Ноември. И му почиваше таму неговото нераспадливо тело.

Тогаш свети Прохор му се јави на Диоген, кој веќе се беше зацарил во Цариград под името Роман Диоген (1067 – 1071), и му рече: Ти ја заборави предходната положба, како што ме заборави и мене, старецот!  Поразен од тоа сновидение, царот веднаш испарти луѓе да го најдат местото и да ги донесат моштите на светителот. Тие ги најдоа моштите, ги пренесоа до реката Пчиња, направија кивот*(ковчег), го украсија со злато и намислија да го пренесат во Цариград. Но моштите останаа неподвижни. Светителот повторно му се јави на царот велејќи му: нема да можеш да ме однесеш од тука!

Тогаш император на тоа место основа манастир на свети Прохор, го освети и ги положи моштите на светителот оддесно на олтарот, каде сега има параклис. И веднаш потече миро од моштите од кое слепи прогледаа, сакати проодија и болни оздравеја. Постави Диоген и игумен во манастирот,  и јеромонаси и јероѓакони и монаси. Им даде и метоси за да можат самите да се прехрануваат. И прекрасно чудо, од гробницата на свети Прохор продолжуваше да истекува свето миро и да им дарува исцеление на сите, кои со вера пристапуваа да се поклонат на неговите свети мошти. Да се удостоиме и ние со исцеление и спасение на душата, како и со телесно здравје. Слава Му на Бога во сите векови! Амин

Извор: http://www.prohor.org/%D0%BF%D1%80%D0%B5%D0%BF%D0%BE%D0%B4%D0%BE%D0%B1%D0%B5%D0%BD-%D0%BE%D1%82%D0%B5%D1%86-%D0%BD%D0%B0%D1%88-%D0%BF%D1%80%D0%BE%D1%85%D0%BE%D1%80-%D0%BF%D1%87%D0%B8%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B8/