(Τι κακά κάνουν οι Χριστιανοί στις απόκριες. Αγ. Νικόδημος ο Αγιορείτης)

 Кој би можел да ги раскаже безредијата, што ги прават христијаните во текот на велигденските поклади, па и на островите? Навистина, би можел да каже некој, дека тогаш сите христијани се демонизирани, бидејќи играат, свират, пеат несовесно, а меѓу нив најбројни се старите луѓе.

И, оној којшто не игра и не пее, се смета за луд, бидејќи мажите облекуваат женски облеки и жените машка; зашто секој се облекува со разни облеки и маски, општо познати како сурати. Тогаш нема разлика меѓу денот и ноќта, бидејќи цел ден и цела ноќ се трошат во ора и маскирање; тогаш не се разликуваат лаиците од клириците и освештените, бидејќи сите подеднакво прават безредие. Тогаш, такаречено, торжествува похотливоста, празнува развратот, се радува пијанството, се весели уживањето и заблудата, танцува ѓаволот со десет марами и со него танцува и сето мноштво демони; бидејќи добивката која ја губат на поклади, не можат да ја стекнат во целата година. Тагува добродетелта, загрижена е целомудреноста, безутешно плаче христијанската чесност и благопоредок, протеран е стравот Божји и стравот од пеколот и судот; Христос жали, и плачат сите ангели и праведници.

Па и кој не би плачел? И кој не би пролеал срдечни солзи, гледајќи ги развратот и безумноста на овие христијани? Тие се толку безумни, што наместо да стекнат полза од постот во Великата Четириесетница, повеќе добиваат штета од покладите, и, за да добијат едно, губат сто. И овие злочестивци прават како безумните трговци, кои итаат по загуба, а не по добивка, бидејќи неспоредливо поголема е штетата која ја добиваат на поклади, отколку ползата што ја добиваат од Четириесетницата што доаѓа. Милостив, милостив, милостив да биде Бог. Барем Он да ги просветли светите архиереи и духовници и учители да ги спречат овие зла со одлачувања (од Причест) и епитимии, како што одредува и 62 канон од Шестиот Вселенски собор.

 

Канон 62 од Шестиот Вселенски собор

/За (паганските) календи, и боти, и брумалии/[1]

Таканаречените календи, и таканаречената бота, и наречените брумалии, и панаѓурот што се одржува во првиот (ден) од месецот март, сакаме сето тоа целосно да се оттргне од живеењето на верниците. Исто така ги отфрламе и јавните женски танцувања, кои можат да нанесат многу штета и расипување, а уште и, во името на лажно наречените кај Елините (паганите) богови, машки и женски танцувања и обреди, кои се случуваат по некој стар обичај, туѓ на христијанското живеење, одредувајќи ниеден човек да не облекува женска облека, ниту жена да облекува облека која им доликува на мажи[2]. Исто така да не играат со маски комични или сатирични или трагични маскаради, ниту да го призиваат името на гнасниот Дионис (Бахус) кога се гази грозјето во каци, ниту да се предизвикува смеење кога виното се лие во бочви, правејќи го од незнаење или од суета она што е демонска прелест[3]. Оние, пак, кои иако добро запознаени со ова, ќе се дрзнат отсега (па натаму) да прават нешто од гореспомнатото, заповедаме за таквите: ако се клирици, да бидат расчинети; а ако се лаици, да бидат одлачени. (Трул. 24, 51, 65; Лаод. 54; Гангр. 13; Карт. 15, 45, 63)

 Изворник: „Χρηστοήθεια των Χριστιανών“,

Αγίου Νικοδήμου Αγιορείτου, Λόγος Β’,

Μεταφραστής: Βενέδικτος Ιερομόναχος Αγιορείτης,

Εκδότης: Συνοδία Σπυρίδωνος Ιερομονάχου

Νέα Σκήτη Αγίου Όρους, Έτος

[1] Свештени канони на Светата Православна Црква, издание на Повардарската епархија, Велес 2011.

[2] Бог уште во Стариот Завет јасно го забранил: „Жена не треба да носи машка облека, и маж не треба да се облекува во женска облека: секој, што го прави тоа, одвратен е пред Господа, твојот Бог“ (5. Мој. 22, 5). Гангрскиот помесен собор (канон 13) не дозволува ни заради подвиг (т.е. аскетско прикривање) жена да носи машка облека. (Денес речиси насекаде во Црквите гледаме потполно игнорирање на овој канон, или од човекољубие се срамиме на верната жена, која доаѓа во храмот пред лицето Божјо, барем да ì обрнеме внимание на ова противење на Божјото и Светоотечко слово и заповед, бидејќи верната жена би го послушала гласот на Пастирот).

[3] Канонот го дополнува 24 канон Трулски (види и 51 канон, како и Лаодикискиот 54). – Синопсисот на Стефан Ефески на овој канон гласи: „Да се оттргнат од христијанскиот живот ботите, и календите, и брумалиите, и танцувањата за боговите, и комичните и сатиричните и трагичните маскаради, и призивања на Дионис при гроздобер, и засмејувањето над садовите (кога се точи вино). Оние кои по овој канон ќе останат упорни, одговорни се“. – Календите се пагански прослави во првите денови од месецот (првите десет дена се нарекуват календи, вторите 10 се викаат нони, а третите 10 иди). Боти се празник во чест на богот Пан, заштитникот на стадата; брумалиите се во чест на Дионис, богот на виното (Брумос бил назив на Дионис, богот на опивањето. (На овие во сè слични се подоцнежните, и денешни, карневали). – Валсамон наведува дека некаде селаните во Византија, при газењето на грозјето и точењето вино, наместо паганското смеење, ја кажувале молитвата: Господи, помилуј! – Како што рековме, борбата со паганството трае во самиот човек во текот на животот, бидејќи паганството е всушност покорување на ниските уживања и страсти, а кон тоа е склон стариот човек во нас, додека во крстовоскресното сораспнување и совоскресение со Христа не се роди нов, боголик, добротољубив човек (Гал. 4, 8-10. 18-19; Ефес. 4, 17-24), кому подвизите за христолика добродетел му се радост, а страстите и ниските задоволства горчина и одвратност. Затоа христијанскиот живот не е розова и сентиментална романтика „на телото и крвта“, туку сеживотна крсновоскресна борба и подвиг (Рим. 6, 3-8), живеење и одење по Духот и во плодовите на Духот Божји („вера, љубов, долготрпение, воздржување, мир и радост“) и духот човечки богокопнежлив, а не страстољубив и себељубив (Галат. 5, 16-25). Православното подвижништво, како благодатна аскетика, не е борба против богодадената човечка природа, ни душа, ни тело, туку против противпрородниот грев и душегубните и телоубиствени страсти („παρα φυσιν = пара-физички“, како што велат Светите Отци, а не „κατα φυσιν = по природа“; и исто така светоотечкото слово: „Не сме телоубијци, туку страстоубијци“). Кон ова придонесуваат Светите Канони како црковен терапевтски начин и метод на лечење на сите кои сакаат да Му веруваат на Христа, и според Него да живеат, за вечен живот (а не за минливо живуркање).

 

Извор: Ортодоксија и ортопраксија