Митрополит Филарет (Воскресенски)

valaam.jpgЖивеејќи во овој свет, христијанинот е во постојано, животодавно општење со Бога и со своите ближни. Покрај тоа, во текот на својот живот, христијанинот се грижи за себе, за својата благосостојба и за спасение на својата душа. Оттаму, неговите морални обврски можат да се поделат на три групи: 1) во однос на себеси; 2)  во однос на ближните; и 3) најбитно од се, во однос на Бога.

Првата и најважната обврска што човек ја има кон себеси е градењето на духовниот карактер, на нашето вистинско христијанско “јас”. Духовниот карактер на христијанинот не е нешто што однапред му се дава. Не, тоа е нешто што се бара и истражува, што се стекнува и гради со сопствена мака и труд. Ниту телото на христијанинот со сите свои способности, сили и стремежи, ниту пак неговата душа—како вроден центар на неговото свесно искуство и како витален принцип—не се неговата духовна личност, духовното “јас”. Духовниот карактер на православниот христијанин е она по што тој се разликува од секој иноверен. Во Светото Писмо тој не се нарекува душа, туку дух. Токму овој дух е центарот, сосредоточувањето на духовниот живот; тој се стреми кон Бога и бесмртниот, благословен, вечен живот.

Задачата на целиот човечки живот е дефинирана како неопходност да се искористи земниот, минлив животен век како подготовка за вечниот, духовен живот. Во случајов, ова може да се каже поинаку: задачата на земниот живот на човекот се состои во тоа тој да е способен, во текот на животот, да го изгради и разработи својот духовен карактер, своето вистинско, живо, вечно “јас”.

Човек може да се грижи за своето “јас” на различни начини. Има луѓе кои се наречени егоисти и кои го слават и се многу загрижени за нивното “јас”. Но, егоистот мисли само на себе и никого друг. Во својот егоизам, тој настојува да се здобие со својата среќа на било кој можен начин—дури и ако цената е страдањето и несреќата на ближните. Во својата заслепеност, тој не сфаќа дека од вистинската гледна точка—во смисол на христијанското поимање на животот—егоистот само се повредува себеси, своето бесмртно “јас”.

Тука православното христијанство (т.е. Светата Црква) го повикува човека да го создаде својот духовен карактер, насочувајќи го во текот на ова создавање, да го разликува доброто од злото и вистински корисното од лицемерно корисното и штетното. Светата Црква не учи дека не може нештата што ни биле дадени од Бога (способности, таленти, итн.) да ги сметаме за наше “јас”, туку да им укажеме почит како на Божји дарови. Мора да ги искористиме овие дарови (како материјали при градење на куќа) за градење на нашиот дух. За ова, мора да ги користиме овие “таленти” дадени од Бога не егоистично, за нас самите, туку за другите. Зато што законите на Небеската Вистина се во противречност со законите на земната корист. Според Божјата Вистина, оној кој во земниот живот дава и чини добро, се стекнува со богатство за во вечноста. Во познатата парабола за неодговорниот управник, главната идеја и клучот за нејзиното правилно разбирање лежат во принципот на распознавање на земниот егоизам и Божјата Вистина. Во оваа парабола Господ нарочно го нарекува земното богатство, егоистично набавено, “неправедно благо” и налага да не се користи за себеси туку за другите, за да наградата биде примена во вечниот дом.

Идеалот на христијанско совршенство е недостижно висок. “Бидете совршени како што вашиот Татко на Небото е совршен” рече Христос Спасителот. Затоа, не постои крај на работата на себеси, на својот духовен карактер. Целиот земен живот на христијанинот изминува во  постојана борба за морално самоусовршување. Се разбира, христијанското совршенство не му се дава на човека одеднаш, туку постепено. На христијанинот кој, во своето неискуство, мислел дека ќе се здобие со светост одеднаш, Св. Серафим Саровски му рекол:  “Работи се споро, не ненадејно; доблеста не е круша—не можеш да ја изедеш целата  наеднаш“. Ниту пак Апостол Павле, во целата своја духовна височина и моќ, не се сметал себеси за совршен, туку само се стремел кон совршенство. “Велам така не затоа што веќе достигнав , или дека веќе постигнав совршенство, туку се стремам   не би ли го  достигнал она за кое Христос  ме достигна мене.
Браќа, јас не мислам  дека сум го  достигнал тоа; но едно правам: го заборавам  она што е зад мене, а се стремам, кон она што е пред мене,
трчам кон целта- кон наградата на горното признание од Бога во Исуса Христа.“ (Фил. 3,12-14)

Подготви:Б.Ѓ.

 

Посети:{moshits}