1928 год.
(Неврокопски митрополит Борис Разумов 
- новомаченик од комунистичкиот режим)

 Првиот основен недостаток во нашето училиште се состои во тоа што тоа само обучува, но не воспитува. Тоа обрнува внимание исклучително само на умот а совршено ја “прескокнува” душата. Тоа дава “образование” (об-разува), без да негува добродетели. Ги развива само способностите на умот, а ги атрофира силите на душата. Тоа го “изострува” студениот начин на расу-дување и лажно го нуди топлото чувство на живот. Ја зема главата на ученикот, ја тапчи со суви и мртви познавања создавајќи во неа хаос од “вис-тини” и заблуди, и најчесто наместо да го просвети умот на детето - го покри-ва со мрак. Неретко тоа ја користи главата на ученикот како сад преку кој влегува отровот во неговата душа. На тој начин нашето училиште со тоа што обрнува внимание само на едно својство од човечката природа - умот, го осакатува детето внатрешно, водејќи го кон понатамошно духовно растрој-ство и така ја нарушува полнотата и хармонијата на човечката природа и нејзината суштина. Така тоа создава “умствени изроди” и морални чудовиш-та. На тој начин нашето училиште го разрушува основниот принцип на секое образование, па ја уништува крајната цел: создавање на целосна, хармони-чна, воспитана и благородна личност.

 Тоа еднострано “интелектуализирање” во нашето училиште е производ на големата заблуда: - “умствените  способности се најважни”, и дека умот  е сè во човекот. Но, (раз)умот е само една од способностите на човечката при-рода. Тој не е суштината на човекот! Величината и суштината на човекот лежи на друго место - во Божествената красота на неговата човечност и во ве-личината на неговиот Богоподобен и бесмртен дух.
 Нашето училиште, не само што се занимава само со умот на детето и ја игнорира душата, туку прави нешто пострашно - тоа ја одрекува душата! Тоа е вториот смртоносен недостаток во нашето училиште. За нашето училиште сосема е туѓо најголемото, вечното во човекот т.е. неговата душа. Тоа ја пре-зира таа Божествена суштина во човекот. Ја признава само материјата, само телото, и ја одрекува душата. Тоа тежнее да ја сокрие суштинската разлика меѓу човекот и животното, и “гледа” да вметни мисли кај нашата младина дека нивните претци биле човекоподобни животни и дека тие - луѓето се од животинско потекло!

 Со такви сугестии станува јасно каков светоглед можат да образуваат тие млади момчиња и какви поуки ќе извлечат за себе, како личности, а и понатака за иднината на својот живот.

 Штом по суштина и род луѓето (децата) се близу до животните, тогаш не постои причина зашто тие со својот начин на живеење да стојат подалеку од животните т.е. да станат “скотоподобни ”.

 Нашето училиште надворешно се развива правилно и расте нормално; како што расте едно здраво животно без душа, но внатрешно во својата суш-тина е “бездушно” и мртво. Тоа е без основен креативен дух, без идеализам и емоции, без добродетели и благородни пориви, без стремеж за возвишени идеали и високи цели; со други зборови тоа е само “материјално”.

 Нашето училиште не само што ја одрекува човечката душа, а го одре-кува и Вечниот, Апсолутниот Дух, од Кој човечката душа е само дихание. Нашето училиште го одрекува Бога! Во нашето училиште нескриено на сите можни начини се зборува против Бога и против сè Божествено во човекот, светот и природата. Но и да не е така, штом во нашето училиште не се збору-ва за Бога; штом Бог е “избркан” од него, значи тоа е без Бога - тоа е “безбожно”! Кога Бог не се изучува во училиштата, тогаш се одрекува. Штом ние во училиштето ќе престанеме да зборуваме за Бога и душата, тогаш ние со самиот молк - молчеливо проповедаме “безбожие и бездушие”. Не може да има безразлично однесување, т.е. да нема разлика. Всушност, индиферентиз-мот е одрекување. Во душата и свеста на човекот не може да има целосно “безразлична” состојба: човекот или е согласен или одрекува. Во нашето училиште не само што не се изучува Бог, но јавно се одрекува. А штом се одрекува Бог, се одрекува и се руши сè што е Божествено и возвишено во жи-вотот на човекот, а со тоа пак се одрекува и се негира човекот и неговата суштина.

 Нашето училиште е атеистичко! Штом атеизмот и материализмот про-никнаа во нашето училиште - на сите страни почнаа да сеат пустош. Тие темни сили разрушија сè што е возвишено и свето, она што е основно и вредно за човекот. Атеизмот е демонска појава, а материјализмот е појава на “животинското” во човекот. И едното, и другото доведени до последна кон-сенквентност означуваат крај на човечноста и културата. Атеизмот го одрекува Бога и сè Божествено во животот на човекот, а материјализмот го одрекува човекот и сè возвишено во него. Атеизмот означува торжество на демонскиот почеток во животот на човекот, а материализмот - начало на животинскиот т.е. бесловесниот... Атеизмот сака да го демонизира човекот, а материализмот да го направи животно . И едното, и другото, имајќи иста суштина имаат една единствена цел: разрушување на човечкиот образ во човекот, и уништување на “човекот” во човекот! Во нашето училиште пак, каде што атеизмот и материјализмот се шират слободно, тие разурнувачки сили ја имаат истата крајна цел и ги даваат истите погубни резултати.

 Нашето училиште што го одрече Бога и душата, неприкосновено тре-баше да го одрече и човекот кој е незамислив без душата и Божјата основа во него. Со тоа, училиштето го одрекува човекот како целина, а во детето гледа само ученик  во кој не го гледа образот и личноста во него. За нашето училиште е неразбирлива највисоката цел на секое образование и култура: “совршениот човек”.

 Материјализмот и атеизмот како определена форма и појава - кои во училиштето го родија целото зло; своето разрушувачко дело успешно го вршат и во самото општеството. Формата на материјализмот е социјализмот, а на атеизмот - анархо-комунизмот. Корените на социјализмот се кријат во материјализмот, а пак, корените на анархо-комунизмот во атеизмот. Послед-ната основа на социјализмот е материјализмот; неговата единствена цел - материјалноста; а пак, единствениот извор - појава на анархо-комунизмот е атеизмот; неговата единствена крајна цел - демонизирање (помрачување) на човечката личност.

 Социјализмот и анархо-комунизмот помеѓу кои не постои суштинска разлика, така како што нема суштинска разлика помеѓу материјализмот и атеизмот, дејствително го одрекуваат она што само привидно го утврдуваат. Социјализмот ја одрекува социјалноста и го руши општеството; анархо-комунизмот ја одрекува “човечноста” и ја деградира личноста. Социјализмот е целосно анти-социјално движење! Анархо-комунизмот - целосно “анти-човечка”појава!

 Материјализмот и атеизмот и нивните рожби - социјализмот и анархо-комунизмот во “чудовишни” размери нараснаа во нашето училиште придо-бивајќи образ на страшен ѕвер, ѕвер кој во душата на нашата младина ја разрушува секоја возвишена идеја. Тој ја разруши религиозно-карактерната особина или идејата за Бога, а исто така ја разрушува и социјално-човечката и национално-државотворната идеја. И откако тој ѕвер во нашето училиште внесе дух на одрекување и распадливост, тој од таму го прогони и нацио-налниот дух, обидувајќи се да го замени со духот на интернационалноста и “нетатковиноста”...

Църковен вестник,                                                                    превод:
брой 10 за 2003 година                                                            Ристески Борис Гоце