vozdvizenie.jpg

Беседа на еден мирјанин
ЦЕНАТА НА ЧУДОТО

Венко Андоновски

Браќа и сестри Христијани! Слава и похвала на Светителот Христов Николај, големиот Чудотворец, брзиот помошник и извонредниот посредник пред Бога!
 Ја парафразирам првата реченица од житието на Свети Никола, за да почнам да ви беседам за она што сакам да ви глаголам овојпат. Тоа житие, во издание на МПЦ, Манастир Свети Никола од Љубанци (2003), сум го читал повеќепати не само како човек кој се обидува (со сите свои слабости) да Го љуби Бога, туку и како некој кој веќе две и пол децении се обидува да предава лепословие или - книжевност, како што тоа се вика во академските кругови. За второто има добра причина: во студиумот по книжевност многу често се прави разлика меѓу фантастичната и “реалистичната” книжевност и за таа поделба постојат многу јасни и строги параметри кои, следствено, поставаат јасна граница меѓу “чудото” и “веројатното”. Науката за лепословието, односно теоријата на книжевноста прави строга разлика меѓу нив па чудото неповратно го сместува во “неверојатните” нешта.
 Тоа е темата на мојата беседа: дали чудата се веројатни, и во оваа наша веќе изгниена постмодерна цивилизација - дали се веќе можни?
 Секој кој макар и го прелистал ова житие, знае дека Свети Никола е чудотворец кој со своите чуда спасувал морнари на пат зафатени од силни бури, луѓе неправедно осудени на смрт (како што е примерот со тројца богољубиви војводи), дури и давеници оживувал (како што е примерот со удавеното дете на еден верник). Правел чуда и додека бил жив, но и откако се преставил и се настанил во Станот Небесен Господов; за тоа говори вториот дел од книшката за него, насловен како “Небесните чуда на Свети Николај”. Се прашувам: зошто ова житие еден студент по книжевност кој не е верник го чита само како “книжевност” и тоа - фантастика, додека човек чие срце е богољубиво го чита како реализам (од типот на “Војна и мир” на Толстој)? Што се случува денес со нашето сфаќање на чудата, драги мои христијани?
 За да покажам колку денес поимот “чудо” е обесмислен и истрошен во трговски цели (како долгокористена монета на која не ѝ се препознава ликот), ќе се послужам со еден медиумски пример. Секој ден телевизијата, таа избезумена пропагандна кутија за одземање на душата, емитува економско-пропагандни програми кои ве учат дека (парадоксално) чудата не само што се можни, туку и - секому и секаде достапни, под услов да ги платите. Парафразирам една таква програма: “О, не! Доаѓа лето, време за плажа, а вие имате дебели масни наслаги! Тоа ве излудува до очај! (на екранот гледаме слика на дебел човек со пуштен стомак кој се гледа во огледало). Но, погледнете го ова! Нашиот супер елиминатор на наслаги прави чуда! Доволно е само да го ставите околу својата половина и без никаков физички напор (истакнатото мое), за само седум дена ќе изгледате вака (гледаме слика на човек кој очигледно е професионален боди-билдер). Со само пет минути дневно носење (истакнатото мое) на нашиот супер-елиминатор ќе постигнете резултати како и секој професионален спортист! Заборавете на мачните вежби и напорните тренинзи (истакнатото мое)! Сè што треба да сторите е да го повикате нашиот бесплатен телефонски број ... и ние за само 7000 денари ќе ви го испратиме елиминаторот по пошта!”
 И? Што сега со сите оние кои макотрпно работат на своето тело (пливачи, билдери, атлетичари, гимнастичари)? Тие биле будали. Не знаеле дека смислата на животот не е во макотрпен подвиг, туку дека сè можело да се добие со стискање копче, односно вртење телефонски број! Дали тоа важи и за оние што си ја подвигуваат душата? Да не има и за нив некакво такво чудо кое очистува од сите гревови? Само чекам да чујам и такво нешто! Каква безобразно одземање на смислата на животот: подвигувањето, трудот, стремењето кон идеалот, макотрпното заслужување на резултатите!
 Таа наша гнила цивилизација која ги воспитува нашите деца игра на лицемерна карта: таа, како и верата, тврди дека чудата се можни. Лицемерието е во тоа: таа не вели (безбожнички) дека тие се фантастика. Напротив, таа тврди дека чудата се можни, но треба да се платат со злато (тука е веќе нејзиниот безбожнички лик)! Веројатно, од почетокот на мојот текст заклучивте дека ќе ја критикувам таа наша морално распадната цивилизација затоа што чудата ги сместува во неможното; сега гледате дека нејзината перверзија оди подалеку: и таа (демек) верува во чуда, само што на чудата им определува цена!
 А сега, слушнете го ова: кога Свети Никола ги спаси тројцата војводи од мечот кој веќе беше кренат над нивните глави, тој тоа не го направи затоа што некој му беше свртел телефонски број и му беше платил златници, туку затоа што го слушна плачот на тројцата богобојазливи. Кога одеднаш го пренесе (буквално го “телепортираше”) грабнатиот син на еден верник од кај Сарацените во неговиот дом, тој тоа чудо не го направи затоа што верникот му уплати одредена сума пари, туку затоа што ги слушаше усрдните молитви на родителите. Кога пак, го спасуваше сиромашниот од помислата да почне да ги продава своите ќерки, Свети Никола анонимно му уфрли три вреќи со злато за да може паднатиот верник да ги омажи ќерките во чесни бракови! Чудото не беше во самите златници, туку во желбата да се направи чудо! Ова е целосно спротивен случај од оној кој го презедовме од нашите телевизии: овде чудотворецот “плаќа”, само за да не падне неговиот избраник во стапицата на нечестивиот.
 Да заклучам, драги мои: чудата денес се претворени во стока, односно со нив се тргува. Тие имаат цена. Затоа тие чуда се лажни (познавам луѓе кои купуваа такви “чуда”; и денес се дебели затоа што се мрзливи). Без напор, подвиг, сопствено воздигнување и страдање - нема ниту успех, ниту се заслужува нечија љубов, најмалку онаа на Бога. Не лажете се: чудата не се можни ако ги плаќате со пари. Чудата се можни само под еден услов: да ги заслужите со љубов, добродетел, молитва кон Бога и милосрдие кон другите. Тие се можни само ако верувате во нив, а за да верувате во нив треба да верувате во Оној Кој Ги Прави. Или, како што стои во споменатото житие на Превеликиот Чудотворец Свети Никола, на страница 70: “...вистината на Севистинитиот е оваа: Сè е можно за оној што верува”.
Амин.

Извор:

 

 

 

 

Излезе од печат новиот број на списанието „Премин“ (19.12.2009)