vozdvizenie.jpg

"Во секоја музика - Бах"...

 Во музиката на Бах има нешто универзално, се'општо, се'опфатно. Како што напишал поетот Јосиф Бродски, во секоја музика - Бах, во секого од нас Бог. Бах е појава од се'христијански размер. Неговата музика е вон конфесионалните граници, таа е екуменична во најисконското значење на тој збор, затоа што припаѓа на вселената и на секој нејзин жител. Бах може да се нарече православен композитор во таа смисла, зашто во текот на сиот свој живот тој учел правилно да Го слави Бога: своите партитури тој ги украсувал со натписите "слава на Единиот Бог" (Соли Део глориа), "Исусе, помагај" (Јесу, јува), пришто тие натписи не биле за него словесни формули, туку исповедање на верата, коешто се проткајува низ целото негово творештво. Музиката за него била богослужение. Бах бил вистински католик во исконското сфаќање на грчкиот збор "католикос", што значи "целосен", "се'општ", "вселенски", затоа што тој ја разбирал Црквата како вселенски организам, како некое се'општо славословие што се воздава на Бога, и својата музика ја сметал само за еден од гласовите во хорот што ја воспева славата Божја. И, секако, Бах во текот на сиот живот останал верен син на својата сопствена црква - лутеранската. Впрочем, како што вели Алберт Швајцер, вистинска религија на Бах не било ортодоксното лутеранство, туку мистиката. Музиката на Бах е длабоко мистична, затоа што е основана на оној опит на молитва и служење на Бога, којшто е вон пределите на конфесионалните граници и е наследство на секој човек.

 Како и секој пророк, Бах не бил вистински вреднуван во својата татковина и во своето време. Секако, него го знаеле како великолепен оргулист, но никој не го осознавал неговиот гигантски композиторски размер. Тогаш низ цела Германија одекнувала славата на Карл Филип Телеман - композиторот, чие име денес малку кому му е познато. Тогаш цела Европа се восхитувала од Гендел.

 По смртта, Бах бил речиси веднаш и речиси целосно заборавен. Издадената посмртно "Уметност на фугата" - највеличественото ремек-дело на композиторската вештина, творение со безмерна духовна длабочина - воопшто не било побарувано: на Карл Филип Емануел, синот на Бах, не му успеало да продаде повеќе од триесет примероци; на крајот на краиштата дошло до тоа да ја продаде на лицитација матрицата на тоа издание, за некако да ги покрие сносените трошоци.

 Во 18. век, имено, Емануел Бах бил сметан за голем композитор, а за творенијата на неговиот татко, Јохан Себастијан, знаеле само малкумина. Се раскажува дека еднаш Моцарт се појавил во црквата на св. Тома во Лајпциг за време на исполнувањето на мотетите на Бах. Откако слушнал само неколку тактови од баховата музика, тој повикал: "Што е тоа?" и сиот се претворил во уво. По завршувањето на интерпретацијата, тој побарал да му ги покажат сите партитури на Бах, што се наоѓаат таму. Партитури немало, но имало некои записи. И Моцарт, откако ги распослал записите на рацете, на колената, на најблиските столови, почнал да ги разгледува и не станал, додека не завршил со читањето. Влијанието на Бах, безусловно, се одразило врз највеличественото и најдлабокото дело на Моцарт - Реквиемот. Меѓутоа, Моцарт бил само еден од малкуте исклучоци: на повеќето музичари од 18. век не им било познато името на Јохан Себастијан Бах.

 Обновата на интересот за Бах во 19. век, пред се', е поврзана со името на Менделсон. "Тој лајпцишки хорист е Божјо јавување, јасно, но, сепак, необјасниво" - рекол Менделсон, откако се запознал со партитурите од делата на Бах. Кога дваесетгодишниот Менделсон во 1829 година во Лајпциг ги исполнил "Страданијата според Матеј", тоа било вистински триумф - вистинско возрождение во живот на музиката на највеличествениот меѓу композиторите, за кои историјата некогаш знаела. Оттогаш Бах веќе не го заборавале, а неговата слава со текот на годините растела. Сите големи композитори по Менделсон, вклучувајќи ги Бетовен и Брамс, Шостакович и Шнитке се обраќале кон Бах како кон непресушлив извор на музичка и духовна инспирација. И ако во "галантниот" 18. век музиката на Бах излегла од мода, бидејќи застарела и изгледала досадна, затоа, пак, во 19. и 20. век, па и сега, на почетокот од 21. век, музиката на Бах е современа како никогаш досега. Бах, со неговата длабочина и трагизам, е особено близок на човекот од нашето време, кој поминал низ сиот ужас и сите потреси на 20-тото столетие и конечно ја загубил верата во сите хуманистички обиди да се преобрази светот без Бога. На човештвото му требало неколку векови за да го осознае она, што Бах го сознавал со целото свое битие: на земјата нема и не може да има вистинска среќа, освен единствената - да Му се служи на Бога и да се воспева славата Божја.

 Самиот Бах се одликувал со длабоко смирение и никогаш немал високо мислење за себеси. За свој позитивен квалитет, тој го сметал трудољубието. На прашањето, како достигнал такво совршенство во уметноста, Бах скромно одговарал: "Бев усрден. Кој ќе биде толку усрден, ќе го достигне истото". Бах секогаш се сметал себеси за ученик, а не за учител. Во детството и младоста, при светлина од свеќа, скришно од своите родители ги препишувал партитурите на старите германски мајстори, многу километри одел пешки за да го слуша свирењето на знаменитиот оргулист Дихтрих Букстехуде. Но, и во зрела возраст не престанувал да ја препишува музиката на Палестрина, Фрескобалди, Телеман, вршел преработки на музиката на Вивалди и на другите италијански композитори, од кои во текот на целиот живот смирено се учел на комозиторската вештина.

 Бах живеел во епохата на барокот. Но, неговата музика не е условена со особеностите на таа епоха. Освен тоа, Бах како композитор се развивал на страна, спротивна од онаа, во која се развивала уметноста од неговото време. Епохата на Бах се карактеризира со стремежот на уметноста кон страната на осветовувањето, хуманизацијата: на прво место се' повеќе и повеќе се издигнува човекот со неговите страсти и пороци, а во уметноста се' помалку место останува за Бога. Веќе синовите на Бах ќе живеат во "галантниот век" со неговата бесмисленост и лекомисленост. Кај Бах се' е обратно: со текот на годините во неговата музика се' помалку има човечко, а се' повеќе божествено. Во музиката на доцниот Бах има повеќе готика, отколку барок: слично нешто на старите готички катедрали во Германија, таа целата е устремена кон небото, кон Бога. Последните творенија на Бах - "Музички принос" и "Уметност на фугата" - конечно не' водат од епохата на барокот назад во времињата на Букстехуде и Пахелбел.

 И тука доаѓаме кон клучниот момент: уметноста на Бах не била "уметност" во нејзиното современо сфаќање, таа не била заради уметноста. Кардиналната разлика помеѓу уметноста од древноста и средновековието, од една страна, и уметноста на новото време, од друга, е во нејзината усмереност: древната и средовековна уметност била усмерена кон Бога, новата се ориентира на човекот. Главниот критериум на вистинитоста во древната уметност е верноста на традицијата, вкоренетоста во опитот на претходните поколенија. Во новото време, пак, главен критериум на автентичната уметност постанува неговата оригиналност, новина, несличност со она што претходно е создадено. Бах се наоѓал на границата на тие две култури, на тие два светогледа, два спротивставени погледи на уметноста. И тој, безусловно, останал дел од културата, која била вкоренета во традицијата, во култот, во богослужението, во религијата и која само по Бах се отстранила од своите религиозни корени.

 Бах не се стремел да биде оригинален, не се стремел во ништо да направи нешто ново. Секојпат, кога творел ново дело, тој прво ќе ги отсвирел за себе делата на другите композитори, од коишто го црпел вдахновението. Тој не се плашел да позајмува од другите теми, што често биле положени во основата на неговите фуги, хорали, мотети, кантати и концерти. Бах не се чувствувал себеси како изолиран гениј, којшто се возвишува над своите современици, туку, пред се', како неразделив составен дел од големата музичка традиција, кон којашто припаѓал. Тајната на шокантната оригиналност, неповторливост, новина на неговата музика е токму во тоа, што тој не се откажувал од минатото, туку се потпирал на опитот на своите претходници, кон кои со благоговение се однесувал.

 Бах бил човек на Црквата. Тој не бил само длабоко религиозен лутеран, но и богослов, кој добро се разбирал во религиозните прашања. Неговата библиотека ги вклучувала собраните дела на Лутер, а, исто така, и такви дела, како "Вистинското христијанство" на Арндт - книга, што во Русија во 18. век ја читале светителите Димитриј Ростовски и Тихон Задонски.

 Многу може да се каже за лутеранството на Бах и за неговото време, но најглавното, ми се чини, се состои во следното. Многу современи православни и католици се навикнале да се сметаат себеси за носители на црковната Традиција (со голема буква), а лутераните и другите протестанти за претставници на либералното, омекнато, полуцрковно христијанство. Во епохата на Бах не било воопшто така. Лутеранството историски возникнало како реакција на недостатоците на средновековната Католичка црква, коишто се сметале за повреда на првичната чистота, строгост и јасност на христијанската вера и црковната пракса. Главен стремеж на лутераните било да се врати христијанството кон она, што тие го сметале за првична Традиција, којашто датира од првите векови на христијанството. Од многу причини тоа не им успеало. Но, постоел огромен стремеж кон традиционалното христијанство, кон вистинското христијанство, кон она христијанство, што, како што сметале Лутер и неговите следбеници, било загубено во средновековниот католицизам. И лутераните создале своја Традиција, кон која строго се придржувале во текот на неколку векови.

 Еден познат современ богослов, кој на стари години се обратил од лутеранство во Православие, во својата книга "Бах како богослов" искажал мислење за тоа, ако сите поетски творби на Лутер по некаква причина денес се загубат, нив без никаков труд може повторно да се востановат од Баховите партитури. Навистина, Бах напишал музика за повеќето црковни химни на Лутер. Имено, тие химни легнале во основата на таа црковна традиција, која со таква усрдност ја граделе лутераните од времето на Бах. И самиот Бах бил дел од тој создавачки процес.

 Во времињата на Бах светот веќе почнал да се движи кон пропаста на револуцискиот хаос, кој во периодот од крајот на 18. век до почетокот на 20. век ќе ја опфати цела Европа. Помлад современик на Бах бил Волтер, хуманист и деист, предвесник на идејата на "Просветителството" (Ренесансата). Четириесет години по смртта на Бах избувнала француската револуција, која постанала прва во редот на крвавите пресвртници, сторени во името на "човечките права" и кои однесоа милиони човечки животи. И сето тоа се правело за човекот, повторно, како и во предхристијанските, пагански времиња во кои тој бил прогласен за "мера на сите нешта". А за Бога како Творец и Господар на вселената почнале да забораваат. Во векот на револуциите луѓето ги повториле грешките на своите древни предци и почнале да подигаат вавилонски кули - една по друга. А тие - една по друга - паѓале и ги погребувале своите градители под своите урнатини.

 Бах живеел надвор од тој процес, затоа што целиот негов живот течел во друга димензија. Тој бил потчинет не на световниот, туку на црковниот календар. Кон секоја недела Бах бил должен да напише "свежа" кантата, кон Страдалната седмица пишувал "Страданија" - според Матеј или според Јован, кон Пасха пишувал "Пасхален ораториум", кон Божиќ - "Божиќна". Имено, со таквиот ритам на црковните празници, со ритамот на свештените споменувања се определувал целиот строј на неговиот живот. Културата на неговото време се' подалеку одела од култот, а тој се подлабоко навлегувал во длабочините на култот, во длабочините на молитвеното созерцание. Светот се' побрзо се хуманизирал и дехристијанизирал, философите се усовршувале во пронаоѓањето на теории, кои требале да го усреќат човештвото, а Бах Му воспевал песна на Бога од длабочините на срцето.

 На прагот од 21. век ние јасно гледаме: никакви потреси не можеле да ја поколебат љубовта на човештвото кон Бах, како што не можат да ја поколебат и љубовта на душата човечка кон Бога. Музиката на Бах продолжува да биде онаа карпа, на која се разбиваат сите бранови на "морето житејско". 


Превод од руски: Г.Г.

Друго:

 Интервју со архиепископот волоколамски Иларион Алфеев