Toshe.Premin.jpgНе знам кој друг после Господ во секој момент можел да собере илјадници народ?... Имало, верувам... и ќе има... Но во поблиското минато наше, не паметам толку многу луѓе на едно место! Но и да имало сигурно не оставиле таков впечаток како вечерта на 5 октомври, на долгоочекуваниот концерт во чест на Тоше, нашата ѕвезда која не престана да сјае.
Кога велам ѕвезда не мислам на него само како на музичка поп ѕвезда, туку како искра од „ѕвезденото небо" кое го створи присутната публика на градски, а кое ме асоцираше на соѕвездието (небесните тела) на свети апостол Павле (1 Кор. 15,40-41).
Зачудувачки е фактот дека овој концерт, кој беше и хуманитарен, организациски помина со една неверојатна леснотија. Гости, опрема, водители, квалитетен ТВ и аудио пренос, за на крај на сето ова да биде возвратено со огромна гледаност што го овозможија дури 180 телевизиски куќи кои бесплатно го преземаа сигналот од Македонска Телевизија, во дваесетина држави.
Море од луѓе т.е. море од љубов се акумулираше на едно место. И пак ќе речам чудно, оти мирно и тивко без турканици влегуваа вечните обожаватели на ангелскиот глас. Како Господ да го изли дарот на љубовта врз сите присутни, за секој поединечно да почувствува што поседуваше нашиот Тоше.
Си спомнувам за 16 октомври 2007 година, и за деновите по овој ден, на безбројните наслови, како: Тоше го разубавил краткиот живот на Милена; „Мамо, како сега јас да му помогнам на Тоше?" (кај што „големиот" Тоше го спасува малиот Тоше Илиев од Кочани) и безброј други наслови кои укажуваа на добрите дела направени од Тоше за кои сите ние дознавме по неговата несакана смрт.
Милостиња во тајност.
Па тоа е всушност основата во христијанскиот живот, на што ни укажуваат сите свети Отци, а и Господ Исус Христос за тоа ни вели: Кога даваш милостиња, не разгласувај... (Мат. 6, 2), а нашиот брат во Христа не само што ја разбрал, туку и во дело ја спроведе заповедта Господова.

Toshe.Premin1.jpgВе сакам од срцето и душата! Така започна...
И... неверојатно, но неговиот глас не те остава, а да не затрепериш. И на водителите и учесниците, многу малку им требаше за да заплачат, а потешко да проговорат.
Ве сакам, беа зборови, што Тоше ги употребуваше многу често. Но убавината на овие зборови е во тоа што тој навистина тоа и го мислеше. Навистина, сите ги љубеше подеднакво, од најмалите до најстарите.
За љубавта пак, има многу кажано, на пример, во Првото послание до Коринтјаните (13,1-13), но еве и една убава мисла од свети Максим Исповедник: Љубовта се раѓа од бестрастието, бестрастието од надежта во Бог, надежта од трпението и великодушноста, тие се раѓаат од сеопфатното воздржание, воздржанието се раѓа од стравот Божји, а тој страв од верата во Господ.
Значи, ако љубовта е дар Божји, тогаш ќе си земам за право да речам дека Тоше го имаше и дарот на љубовта. Но и дарот на радоста, трпението, добрината, верата, смирението, воздржливоста...
И затоа мислам дека нема да претерам ако кажам, дека во неговата личност може да се види човек како што Бог го замислил, богољубив и човекољубив, а не самољубив.
И ако од самољубието извираат основните страсти, и тоа: сластољубие (борба за задоволување на најниските телесни нагони), среброљубие (борба за пари и имот) и славољубие (борба за слава и власт), тогаш пак ќе речеме дека нашиот Тоше сепак е она првото.
Можеби некој ќе рече дека премногу го воздигнувам и возвеличувам ликот на нашиот брат?! Не сум судија, но сигурен сум и не жалам за реченото. Ниту сум првиот ниту последниот. А нели, и онака треба во секој човек да Го гледаме Христос.
И затоа, за се сторено од тебе ...Он, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно. (Мат. 6,6).
Он, е Оној кој Тоше најверојатно добро Го познавал, па затоа како вдахновен од Светиот Дух, знаел за тоа или не, ги пишувал стиховите на својата најнова песна, кои стануваат стихови на неговиот живот. Всушност, знаејќи го тоа или не, тој ги напишал овие стихови и за да ги утеши сите свои ближни, т.е. сите кои го познававме, а посебно својот малечок, кој е најголемата радост негова што во моментот го опкружувала.
...Малечок мој, не плачи, што не стигнав да те поздравам...
Виша сила ме повика,... иако се чини дена Он ме краде од тебе...
Дел, од новата песна Му little оnе, која со нетрпение ја чекавме сите до крајот од спектаклот.
А оние четири-пет часа, додека траеше концертот, поминаа како еден миг, со измешани чуства, солзи таговни и солзи радосни. Овие еднолични чуства, на сите кои беа на градскиот стадион во Скопје, и на оние кои го следеа концертот од пред малите екрани, или пак ги испишаа во вид на коментари на сите оние интернет страници кои ја објавија веста за концертот, без разлика, само ме потсетија на насловот на книгата од старецот Силуан - Таговна радост, радосна тага.
А, целиот концерт, пак, беше како едно големо потсетување, за годишниот помен на починатиот наш брат во Христа Тоше (Тодор) кој треба дабиде.
Дотогаш заеднички сите да се молиме за покој на неговата душа, а нам грешните Господ да ни дари голема милост.

 acroread.png

 ПОГЛЕДНИ

 

 

 o.Grigorij.sr1.jpgотец Григориј Јакимов

 

 

 

 

 

Извор: Православно списание „ПРЕМИН“

Поисети: {moshits}