Никој нека не се плаши од веронауката, нема да ги направи сите деца верници, како што сите што учат информатика не се информатичари, но и во двата случаи ќе имаат барем основни информации кои ќе им помогнат во животот

g.Goran.jpg

Многу прашања во нашата држава остануваат неодговорени, ниту пак се трудиме да дадеме одговор со аргументи и да се научиме да не се служиме со стереотипи. Ова е присутно во сите области од нашиот живот, ако се даде поинаков одговор или ако се има поинакво размислување надвор од матрицата на претходниот систем веднаш се жигосува без да се даде аргументација и без да се понуди алтернатива. Пример, за актуелното прашање со воведувањето на веронауката, постоеа и постојат написи и размислувања дека тоа е противуставно, дека училиштата ќе се претвореле во цркви и џамии, а истите тие што го тврдат тоа, кога од Уставот се правеше швајцарско сирење и кога не успеаа да го одбранат барем со исти написи, промените се бранеа со тези од претходниот систем, се е во духот на братството и единството кое бидејќи беше безбожно заврши по само педесет години, но најважно остана повторно да се делат провинцијални мудрувања, па сега остана само веронауката да го урива уставниот поредок, или според Христовите зборови, камилата ја проголтавме, а остана комарецот да го цедиме. Нели е тоа лицемерие?

Втор пример, исто поврзано со изборните предмети, демек подобро било да се изучува историја на религии, иако правото на избор не сакам да му го одземам на никого бидејќи е неприкосновено за секој човек како слободна личност, но погледот во таа историја на религии кон верата и религијата не отскокнува и нема да се гледа поинаку освен низ призмата на историјата, филозофијата и социологијата која се изучуваше во претходниот систем. Бидејќи сеуште таму се е втемелено на Дарвиновата теорија за еволуцијата, која патем Православната Црква никогаш не ја осудила, зашто не се занимаваме со научни истражувања за кои си постојат научници, и на кои верата не им пречела и не им пречи за да ги изнесат научните вистини, туку мисијата на Црквата е да го води народот кон спасение. Исто така, не може да се тврди дека општеството и државата, класите итн. се плод на развојот на производствените односи и дијалектичкиот материјализам на Маркс и Енгелс, а за верата и религијата да се тврди дека се социолошки феномени, а личноста на Богочовекот Христос мит. Или дека, заради тоа што човекот не можел да си ги објасни природните појави, па тогаш започнала религијата како анимизам, па се до политеизам и монотеизам, а дека атеизмот не е религија. Зошто не се чуе објаснувањето дека човекот ја носи верата уште од самото раѓање, и дека ако не е вера, тогаш е суеверие, на пример, тројно тропање во дрво, тројно поплукување во градите, поместување од место, отварање на врати од манстир, баење, курбан, тарот, хороскоп, хиромантија, повикување духови, кои иако празни, сепак за некого и тоа се “верувања”, а и не е одамна времето кога се величеше атеизмот, кога верските празници се заменија со пролетерски, а светителите со творците на комунизмот и нивните чествувања, зарем тоа не беше безбожна религија? Историски постојано се укажува на тоа, дека Црквата била против науката и прогресот, и дека за таа цел имало инквизиција или крстоносни војни, а нема кој да им објасни дека тоа во Православната Црква не се случувало, и дека тоа неможе да се генерализира и стереотипно да се карактеризира. И дека од моментот кога се одделува од Црквата, Западот се соочува со потреси од типот на крстоносните војни, инквизицијата, реформацијата, контрареформацијата, насилни покрстувања во новиот свет, револуции кои воопшто немаат врска со верата, со мисијата Црквата во овој свет, ниту со спасението. Тоа било злоупотреба на верата, плод на искривувањето на верата и отстапување од неа. Или пак, малку да биде познат фактот што се случувало тогаш на Истокот, како што е исихастичкото движење, масовноста на евангелскиот повик за спасение и светост преку молитвено практикување на Исусовата молитва, Господи Исусе Христе помилуј ме, како и за тоа дека цариградскиот патријарх обраќајќи му се на царот во однос на прашањето за богомилите, го искажал и ставот на Црквата, дека не може да се осуди на смрт човек што има поинакви размислувања, и дека животот што го дава Бог треба да се почитува и цени, а дали тоа важело за сините револуции под паролата братство, еднаквост и слобода, или пак во црвените револуции?   

Филозофијата, не подразбира историскиот тек од антиката кој  завршува со Маркс и Енгелс, и со по пет реда за современите западни филозофи кои се познати по својот краен либерализам или заради тоа што кај нив низ историскиот тек Бог беше претставен како апсолут, креативан аморфна маса, авторитет, суров казнувач, па сето тоа зврши со една парола за време на студентските демонстрации во Париз кон крајот на шеесетите која гласеше, “Бог е мртов”, па се сметаше тоа и овде како авангардно и напредно. Затоа треба барем да се објасни како на Истокот се развиваше филозофијата и што ја напојуваше. Зарем не е вредно да се споменат делата на свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов, свети Јован Златоуст, свети Григориј Палама, или христијанскиот еклектицизам, исихазам итн.  Или, не ли е вредно да се споменат дека врвни научници кои имале вера или многу добро познавање за верата како што е Макс Планк преставник на квантната физика кој сметал дека сите научни откритија го водат напред кон Бога, или Кант, чиј морален закон се темели на Светото писмо, или. Паскал на кој не му пречело да посетува богослужби, Њутн, Ајнштајн итн.

Затоа сите оние во матриџ-от на пролетерско “знање” и стекнато “звање” на некоја научна марксистичка тема, постојано ќе кажуваат дека веронауката е противуставна, дека верата е контапродуктивна, дека Црквата е против науката и прогресот,  и дека се друго освен диктатурата на пролетеријатот е демократизам, тоталитаризам, автократизам, фашизам,  зашто ако не  се во позиција на влијание, тогаш се им е ненародно, антидржавно, уривање на секуларизмот итн. Начинот на размислување и делување од претходниот систем живее и денес. Затоа толкав бунт и против веронауката, а со тоа задскриено и против Црквата. Зарем мислат дека повторно треба да се влезе во катакомбите, или се гори од желба пак да дојде времето кое помина и повторно скришум да се оди во храмот, за пак  да ја земат “судбината” на народот во свои раце и да го водат кон “светлата” неизвесност. Историјата покажала и покажа, кратко траеше. Она што се сметаше за просто ја преобрази Римската империја, и она што сеуште за некои е мит, трае и е полно со живот повеќе од две илјади години.

Колку и да се труди некој да биде против, ќе потсетиме на еден настан од Светото писмо, кога свети апостол Павле пред да постане христијанин тргна да ги гони христијаните, но на патот му се јави Господ, и му даде совет со љубов: Савле, Савле зошто ме гониш, тешко е за тебе да се риташ против бодило. Навистина тешко е да му се спротиставуваш на Бога. Но како и да е, нека биде според Христовите зборови, прости им Оче, зашто не знаат што прават, зборови кои ги повторил и Џордано Бруно, кој не се откажал од верата во Христа, како оние кој го ставиле на клада. И покрај се, рацете на Распнатиот и Воскреснатиот Христос се раширени и секогаш подготвени со љубов да не прегрнат, да не прими  и да ни прости на сите нас без исклучок кога и да посакаме тоа слободно, како личност кон Личност, со љубов и без страв од казна. Дали сме за или против,  скапо сме платени со Крвта Негова. Никој нека не се плаши од веронауката, нема да ги направи сите деца верници, како што сите што учат информатика не се информатичари, но и во двата случаи ќе имаат барем основни информации кои ќе им помогнат во животот. Барем ќе знаат што се празниците и зошто ги празнуваме, што се светителите и зошто ги прославуваме, што е икона, а што фреска, што е иконостас и која е неговата намена, што е храм, а што Црква, итн. Ќе научат зошто не е убаво да се лаже, да се краде, да се прави прељуба, да се убива, а зошто е убаво да се сака ближниот свој, па дури и непријателот, што е смислата на бракот, ќе знаат што е молитва, крштевање, пост, исповед, Причест. Ќе научат и ќе знаат да им одговорат на други кога ќе ги прашаат, зошто одат во црква, или зошто родителите за празник ги носат, а кога знаеш нема да црвенееш и да креваш раменици.

Нова Македонија 02.09. 2008 г.

Посети: {moshits}