ИНИЦИЈАТИВА НА ПРАВОСЛАВНИТЕ ЦРКВИ

 

Се очекува одлуката да биде донесена на следната сеправославна конференција, а ќе ја прифати и МПЦ, вели владиката Петар

Божикните пости да се скратат на две недели и да се утврди точното време на траењето на петровденските пости, е иницијатива за која православните цркви во светот ќе треба да донесат одлука на следната сеправославна конференција.  Преспанско-пелагонискиот митрополит на МПЦ г. Петар изјави дека прецизирањето на роковите во кои православните верници ќе се воздржуваат од јадење мрсна храна е потребно за да се одбегне различното времетраење на постите.Должината на петровденските пости е определена со датумот на кој се празнува Велигден.

Ако Воскресението Христово, празник со променлив датум, се празнува порано, петровденските пости траат и по шест недели. Ако, пак, Велигден се празнува подоцна, постите траат само шест-седум дена. Идејата е да се прецизира точното траење на петровденските пости, кои, на пример, би можеле да траат од десет до четиринаесет дена - објаснува владиката Петар.Според него, истото може да се направи и со божикните пости, кои сега траат шест недели.Тие би можеле да траат околу две недели, како и што било порано пред да се продолжат на шест недели - вели владиката Петар. Тој вели дека не се размислува за скратувањето на богородичните и на велигденските пости.

Поради големата љубов на верниците кон мајката Божја и кон нејзиниот празник Успение, никој не дискутира за тоа да има ревизија на богородичниот пост, кон кој верниците строго се придржуваат и без никаква забелешка. Образецот за 40-дневниот велигденски пост е оставен од Исус Христос и никој нема право да го ревидира - вели владиката.Според него, кај верниците има заблуда дека за време на постите не смее да се јаде растително масло, кое е дозволено за викендите. Тој смета дека преголема слобода си земаат верници што на своја рака одлучуваат да постат една недела, да се причестат, а потоа повторно да се вратат на мрсната храна пред истекот на постите. Владиката Петар предупредува дека никој нема право по сопствена иницијатива да ги крати постите и за нивно време да јаде месо. Тие што си го дозволуваат тоа, вели, дека го прават на свој ризик. Само во случај кога човек е болен, вели владиката, духовникот може да му го ублажи постот со јадење масло, па и евентуално риба во вторник и во четврток.

(Ж.З.)

Дневник

Посети: {moshits}