Mал извадок од крајот на Поуката на Богојавление на Господ наш Исус Христос, во која Свети Климент Охридски го резимира значењето на овој голем Христијански празник, како и начинот на неговото славење:

 

          bogojavlenie2.jpg  "... Денес Христос во Јордан ја потопува човечката нечистотија и го измива од нас прадедовскиот грев; денес се осветува природата на водата  со крштението на Господа; денес Светиот Дух слезе од небесата во вид на  гулаб, и на Јован Претеча му покажа да Го познае Создателот на секоја твар и Господ; денес Бог Отец невидливо говори: 'Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го'. Затоа и ние да го послушаме гласот Христов: да се покаеме, просветлувајќи се со смирение, цутејќи со братољубие, приближувајќи се кон
Бога со гостопримство, вознесувајќи се до небесата со постење, правејќи се синови Божји со милостина, отфрлајќи секаква злоба, и очистувајќи ја телесната нечистотија со покајание, па така да го примиме пречистото тело и светата крв Христова, бидејќи, кој недостоен го јаде телото Христово, тој грев за себе јаде и пие, бидејќи не ги разликува тајните Христови, зашто ова не е, браќа, обична служба или принесување, туку самото живо тело и крв Христова, кои нe осветуваат сите нас, словесна духовна жртва, пред која херувимите и серафимите со страв и трепет стојат и, сите небесни сили, не смеејќи да погледнат, трепетно се движат, отстапувајќи од божествената трпеза. А ние, пак, со усните допирајќи се, го примаме пречистото тело на  Христа нашиот Бог, еден од (Света) Троица, Кој заради нас стана човек, и така да го прославиме празникот Богојавление. Потоа да примиме и осветена  вода за здравје на телото, за спасение на душата, за осветување на домовите, за прогонување на ѓаволот, за очистување од секаква скверна, и за секоја друга добра потреба. Та, откако ќе поживееме добро овде, да станеме учесници и во идните блага, во Христа Исуса нашиот Господ..."

            Од овие неколку мисли на свети Климент, кои се целосно во духот на здравото библиско-отечко предание, централен настан во славењето на овој голем празник, како и на сите други христијански празници, е активното учество во Литургијата и причестувањето со телото и крвта на Спасителот Хирстос. Свети Климент сведочи и за чинот на осветување на водата, кој датира од најраниот христијански период, а е поврзан со крштавањето на огласените (катихумените) во денот пред Богојавление, за да можат и тие, како нови членови на Телото Христово - Црквата, да земат учество во празничната Литургија и да се причестат. Затоа на богојавленската Литургија, наместо "Свети Боже..." се пее: Вие кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте (Елици во Христа крестистесја, во Христа облекостесја):

            Денешниот начин на славење на овој голем празник битно се рaзликува од оној од времето на свети Климент. Имено, мал е бројот на верници христијани кои се причестуваат на Богојавление, но, за сметка на тоа, се повеќе расте бројот на оние 'верници', кои се собираат покрај реки, езера или море за да го глеаат чинот на 'фрлање на крстот' и негово ловење занекоја награда. Потврда за овој нов обичј (адет) не најдов ни кај свети Климент, ниту кај било кој друг свет отец, или литургиски типик (правило).Напротив, отец Сергеј В. Булгаков, во неговото капитално дело Настољнаја книга дља свјашчено-церковно-служитељеј, Харков 1900, во фуснота 2, на стр. 19, вели дека во некои места има обичај на фрлање на крстот во море, реки или езера, заради некаква награда за оној што ќе го фати, при што доаѓа и до несреќни случаи некој да загине (да се удави). Тој обичај во Русија, а и кај нас, е пренесен од некои колонисти од Грција... Отец Сергеј заклучува: "Само по себе се разбира, дека ваквите опишани обичаи, кои ја нарушуваат светоста на празникот што се слави, и кои му противречат на духот на вистинското  христијанство, не може да бидат толерирани, и треба да бидат уништени".


Бог се јави!

о. Јован Таковски

 

Посети:{moshits}