Еднаш многy одамна, еден умен научник решил да докаже дека не постои Бог. Работел, собирал податоци, читал книги, анализирал, прибирал сведочења… потрошил години на својата теза и на крај успеал. Имал се пред себе, се што докажува дека не постои Бог. Бил пресреќен, бил најмоќниот, бил воодушевен што ја потврдил својата теза… И така запишал во своите забелешки на крајот…. ДА! БОГ НЕ ПОСТОИ… МУ БЛАГОДАРАМ НА БОГА, ЗАВРШИВ…

Така е тоа во приказните и за Бог, но нешто слично веројатно е и за науката. И овој умниот, а поумен од мене секако, и многу по него, а и пред него, никогаш не го докажале непостоењето на Бог. Ниту религијата го докажа постоењето. Но, ниту науката одговори со цврсти докази, за многу состојби. Ако беше така, денес сосема без проблем, во услови на развиена технологија, научниците ќе создадеa човек од мајмун во лабараториски услови и ќе го потврдеа тоа што Дарвин, своевремено го тврдеше. Но, наместо докази… се погласни се ставовите дека тоа е една добра бестселер приказна. Им се придружувам на оние, кои во огледало од себе не препознале мајмун.

Туку, поентата не ми е да докажуваме дали постои, или не, и кој што создал. Затоа што секогаш ќе недостасува одговор, барем на едно прашање. Како на пример, на она кога наставничката по географија, онака сликовито, со учителското стапче, правејќи кругови покажувала како настанала земјата, згустувајќи се од концентричните кружни движења, а сепак не успеала да одговори на прашањето од првооделенецот, кој тоа го движел стапчето наставничке???

Религијата е догма, верување за надприродното. Науката е практика, презентирање на опипливото.

Сепак, она што мислам дека заслужува одговор, односно расчистување на некои се уште недоволно разјаснети состојби, е отворено да продебатираме за религијата, науката, секуларноста… Атеизмот. Тука многу прашања чекаат одоговор, не на глобално, туку на наше локално ниво, затоа што во цивилизациските вредности, тоа не е тема за дебата… Ама кај нас… или вредностите се заробени… или дебатата е непродуктивна. Таква е затоа што, соочувањето на тезите не произведува аргументираност, туку тоа создава две паралелни приказни. Тоа е така, затоа што Вие, не можете да дебатирате со спротивниот од вас по убедување, затоа што тој едноставно мисли дека неговото е исправно. А, Вие едноставно нели, сте затуцани во глупоста. Но, она што особено треба да биде загрижувачко, е што таквите ставови и позиционирања на приказни ги форсираат и поставуваат како критериум некои од оние, кои токму низ аргименти треба да нудат решенија  или поткрепа на  тези. Да! Некои од научните кругови, со децении во Македонија не дозволуваат различност во ставовите… Едноставно јас сум најпаметен… и точка. Така е. Ако не мислиш како мене, тогаш ти си заостанат во времето… или едноставно ти си ВЕРНИК… Токму тоа… Денес некој се обидува овој збор, ВЕРНИК, во македонското општество да го поистоветува со ГЛУПЕРДА, НЕПИСМЕН, ЗАТУЦАН, ПОДЛЕЖЕН НА МАНИПУЛАЦИИ. И за сето тоа, како аргумент, онака, ама баш од ракав, фрла… секуларноста на државата.

Сакам една работа да расчистиме веднаш. Јас сум еден од ретките новинари, кои повеќе од една деценија пишувал и пишува за состојбите во верските заедници со критички осврт. Еден од првите кој барал фискализација на верските заедници, кој пишувал за криминалните и за злупотребувачките позиции на високодостоинствениците на црковните вредности за бизнис и лични интереси. Се што е гушење на моралните религиски вредности било напишано, а како резултат на тоа преземен ризикот да бидете осудени дека сте противници, не на верската институција, туку на верата која таа ја практикува. За многу прашања имаме дијаметрално спротиставени позиции со Поглаварот на МПЦ, Архиепископот г.г. Стефан. Но… со внимание го преслушував неговиот говор за првиот академски час, веднаш по молебенот, кој возбуди многу немирни страсти кај академската фела. И веднаш да Ви кажам, бев воодушевен. Не заради друго, туку поради тоа што во неговото дванаесетгодишно раководење со МПЦ, прв пат слушнав говор, со пораки на вистински поглавар на црквата. Токму тоа. Вие можете да не верувате, ама не ни оспорувајте да си веруваме во нашето и тоа во сопствениот двор.

Знаете што!!! Историскиот континуитет на македонската култура, цивилизација, писменост, за нечија жал, е нераскинливо врзан со религијата.  Светите Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум, Партеније… сите тие прво беа свештеници и служители на Бог, а дури потоа беа преродбеници. И не мислам дека беа затуцани и глуперди, затоа што беа верници. Или пак нивните дела немаат врска со научните достигнувања? Создавањето писмо, азбука, за мене така лаик, е далеку поголем придонес во научната свера од на пример, филозофирање за мировни и евроатлански студии, што на нашите универзити се дефинира како наука. Но, не се… Деновиве ја слушнав една од најпервезните тези, за тоа како Скопскиот Универзитет, требало да го смени името од Св.Кирил и Методиј, во Кирил и Методиј. Во име на секуларноста, за да се зачува автономијата на научната вистина пред верската догма!!! Тоа не е секуларизам, туку сквернавање на светски признаените вредности. Сакам некој, аргументирано да ми одговори, кој тип на секуларна држава да го избереме ние, за де не не замараат “умните”, нас “неуките”. Оној на Западна Европа, Италија?, Германија?,  Франција?… или оној на скадинавските кралско-лутеранско-протестанстки држави… Или можеби Британскиот, оној кој во име на својата кралска династија создаде своја ангиканска црква… А… Да!!!!… Дајте да го избереме секулкарниот пристап на најсекуларната држава на светот… На онаа чиј Претседател, исклучиво мора да биде од редот на протестантите, (освен еден, кој загина во атентат), и каде вревен дострел е да веруваш и заклетва да дадеш на Библија.? ВО БОГА НИЕ ВЕРУВАМЕ, пишуваше мислам на една страна од доларот… Нема потреба да ексериментираме, затоа што Македонија е можеби најрепрезентативниот примерок на секуларна држава, добар пример на јасна одвоеност на државата од верата, што не е лошо да го пресликаат во Европа.

Туку, Македонија има еден друг, според мене многу сериозен проблем. А во последно време, а мислам дека тоа е организирана стратегија со цел. Незнам! Чекам да ме демантираат… Секуларноста не е, ниту некогаш била, а ниту некогаш ќе биде Атеизам. Ниту Атеизмот може да биде секуларизам. Атеизмот е религија, тенковски тешко верско учење и обидите некој да промовира секуларни вредности како Атеист, може опасно да ја измести од темел суштината. Секуларноста подрзбира одвоеност на државата од верските институции, не заради немање вера, туку напротив заради тоа што граѓаните на таа држава имаат апсолутно сопствено право да веруваат во Богот, што сами го одбрале. Секуларноста е тука за да не форсира некоја религија пред друга. А.. Атеизмот е едно од најопасните верски учења. Најопасно, затоа што те тера да веруваш во ништо. Да веруваш во непостоењето. Атеизмот не е индивидуализам, туку опасен бран кој добива сериозна организиациона структура во светски размери. Идејата на Атеизмот е да ја убие вербата кај сите и на тој начин да создаде верување во празно. А, до таа цел, најлесно се доаѓа ако ја злуопотребуваш науката и притоа секој научен дострел го дефинираш како победа над верата.

А реалноста е друга, затоа што научниците, кога пред себе ја имале целта да откријат, да експериметираат, да дојдат до доказ имале верба. Верувале дека ќе го постигнат тоа. И така успевале. Оние кои решиле да ја убијат вербата, ја создале религијата која најбрзорастечки го буди гневот кај човекот. Се вика Атеизам.

И сосема на крај, како тоа филозофијата е наука, а теологијата на пример НЕ?

Марјан Николовски – новинар
Извор: http://denesen.mk/web/2012/09/17/vo-nisto-nie-veruvame/