Заедницата и комуникацијата меѓу луѓето се едни од автентичните дарови со кои е обдарена човековата природа. Да се општи, да се биде во заедница со другиот човек е вистинска среќа. Всушност црковнословенскиот збор срешта значи средба. Во средбата и заедницата со Бога и ближниот се чувствува вистинска  радост.

Заедницата и комуникацијата се случуваат на повеќе начини и преку повеќе средства. Преку јазикот како алтка за рабирање на луѓето, преку  чувствата, преку пишувањето и преку дружењето.

Ние во Православната Црква знаеме заедницата да ја релизираме на најсовршен начин, преку молитвата за другиот човек. Преку соборната и заедничката молитва на светата литургија, преку заедничкото причестување со Телото и Крвта Христови, а и преку личната молитва за другите. Преку искреноста и спонтаноста на заедницата, заедница во која се разголува душата од маските, која многу јасно се изразува во светата тајна исповед, каде ги откриваме раните на душата, за со помош Божја, која повторно доаѓа преку ближниот да ги исцелиме истите.

За жал векот во кој што живееме, како никогаш до сега ни го донесе оттуѓувањето од Бога, од ближните, како и од сопствената автентична природа. Човекот оттуѓен и надвор од Црквата копнее по заедница, за која поради острастеноста постанал неспособен.

Освен ова векот во кој што живееме ни ги донесе и најсовремените технолошки достигнувања како што е интернетот и социјалните мрежи(Facebook) и останатите преку кој луѓето комуницираат, но преку која комуникација скоро невозможно е да се воспостави вистинска заедница, и да се залечи алиенацијата.

Немам намера во овој текст да го критикувам интернетот и социјалните мрежи, затоа што ако се користат како што треба тие не може да му наштетат на духовното и психичкото здравје на човекот. Имам намера да ја искритикувам и да укажам на штетноста од тоа вистинската заедницата да се замени со социјалните мрежи.

Имено  се случуваат неколку суштински негативни дејствија, коишто веќе алиенираниот, оттуѓениот човек го втурнуваат во уште поголемо оттуѓување. Оттуѓениот човек започнува потребата од вистинска заедница да ја заменува со комуницирање со луѓе коишто воопшто не ги запознал, коишто не ги видел и преку пишување почнува да ги споделува своите чувства и мисли со личности кој не ги познава, на посреден начин преку компјутерот, а на непосреден начин со компјутерот.  Сето тоа му дава слобода да се престави во најдобро светло, често нереално каков што не е. За сметка на тоа да добива пофалби и утеха од другиот човек кого не го познава. Затоа што да бидеме сосема реални, не знаеме кој е навистина човекот од другата страна на тастатурата. Ваквите разговори можат да траат и со часови, иако да му даваат лажна надеж и утеха на човекот.   На крајот кога ќе го исклучи компјутерот таквиот човек чувствува повторно празнина и копнеж зашто тој не бил во вистинска заедница туку во квази односно во виртуелна заедница. Со наредното вклучување на компјутерот повторно својата потреба по заедница ја заменува со квази заедница, и повторно празнина, така неретко залажувајќи се долго време некој и до смртта.

Друго суштинско негативно дејство, се состои во тоа што многу луѓе кај кој процесот на оттуѓување бил на почеток, но луѓе кој што комуницирале, кој што се дружеле со своите роднини, пријатели, другари од малото, истата комуникација ја замениле со facebook комуникацја. Па се случува еден човек со својот другар од соседната зграда, наместо да прошетаат заедно, да се видат, да се дружат, тие комуницираат преку социјална мрежа, неретко за жал почесто преку социјална интернет мрежа отколку вистински. На таков начин човекот го заменува својот реален, свет и реална заедница со виртуелна, правејќи се себеси постепено но сигурно неспособен за заедница, затворен, и маскиран со превезот на маската што самиот за себеси ја искреирал.

Наредното негативно дејство се состои во феноменот на сеирџиството. Имено многумина се на социјалните мрежи за себеси да се постават во улогата на мал Бог. Удобно сместени во фотеља, во своите топли домови со помош на тастатурата ги разгеледуваат семејните фотографии на другите луѓе , често пати потсмевајќи им се или критикувајќи ги, нуркајќи по приватноста на другите луѓе. Плодот на ова е бура од помисли и расеаност, кој ја попречуваат молитвата односно општењето со Бога. Бидејќи ако се занимаваме со животите на другите луѓе, ние не можеме да го собереме умот на молитва ниту да ја видиме сопствената гревовност.

Резултати на замената на вистинското заедничарење со социјалните мрежи  накратко кажано се квазикомуницирањето или општењето под превезот на маските, се подлабоко отуѓување, расеаност, неспособност за молитва.

Сега се поставува прашањето дали и во која мера може да ги користиме социјалните мрежи?

Може да ги користиме според потребите за доброто наше и доброто на ближните во умерени мерки, кога навистина е целисходно и потребно.  Но во никој случај вистинската заедница да не ја замениме со оваа квази заедница, и во никој случај со часови да не седиме на социјалните мрежи водејќи празни разговори. Ако се случува ова да ја менуваме реалната заедница со квазизаедница, реалноста со виртуелна реалност, доколку оттуѓувањето се продлабочува, ако нашето присуство на социјалните мрежи не го ограничеме на пократко време, во тој случај најдобро е да се откажеме од користењето на социјалните мрежи и да ја лекуваме нашата оттуѓеност.

Како пак се лекува оттуѓеноста? Почетокот е светата тајна исповед и покајание каде нашите рани ќе ги откриеме пред Црквата, потоа учеството во светотаинскиот живот и соборноста на Црквата, преку причестување со телото и крвта Христови. Склопување на вистински пријателства преку отворање на нашата душа, и што е најважно од се општење со Живиот Бог Христос преку молитвата.  Учество во целосниот подвижнички живот, како и со секојдневно испланирани активности, како што е читањето, пишувањето, спортските активности и слично.

Презвитер Александар

http://prezviteraleksandar.wordpress.com/