Архимандрит Софрониј бил роден како Сергиј Симеонович Сахаров во Москва, на 23 септември 1896 година. Емигрирал во западна Европа, во 1921 година, а една година подоцна се преселил во Париз, каде што сакал да изгради кариера како ликовен уметник. Таму идниот монах се вратил во верата на своите татковци, светото Православие. Во 1926 година Сергиј стапил во манастирот „Свети Пантелејмон“ на Света Гора, каде што му станал духовно чедо на великиот Старец, преподобен Силуан Атонски, а при замонашувањето му било дадено името Софрониј. Во 1958 година се преселил во Англија и го основал манастирот „Свети Јован Крстител“, во Толшант Најтс. На 11 јули 1993 година Старец Софрониј се упокоил во Господ.

Според Старец Силуан, основниот критериум според кој еден човек може да ја „измери“ својата подобност на Христос е љубовта кон непријателите (Матеј 5, 43–45). Како што вели тој: „Христос се молел за тие што Го распнувале: ’Оче, прости им, оти не знаат што прават‘ (Лука 23, 34). Свети Стефан Првомаченикот се молел за тие што го каменувале, Господ ’да не им го зема за грев‘ (Дела 7, 60). И ние, ако сакаме да ја сочуваме благодатта, мора да се молиме за нашите непријатели“.

Овде лежи тајната на божествениот начин на живот, кој е самиот живот на Христос – смирението, што сесрдно го подражаваше и Старец Софрониј во текот на целиот свој живот. „Смирението на аскетско ниво – објаснува Старец Софрониј – се пројавува кога човек се смета за најлош од сите грешници, додека пак, на ниво на обожение, смирението се открива како љубов, која се дава слободно и целосно“.

извор: https://orthochristian.com

 

Преземено од:

http://www.mpc.org.mk/svetaktuelno.asp?id=7163