3 / 16 јануари 2017 лето Господово

При посета на Ватопедскиот манастир, поклоник му постави прашање на еден монах: „Кога ќе се случи Третата Светска Војна и зошто?“ Монахот одговори: „Она што е поважно е ’зошто?‘ Најголемиот проблем во светот денес, не е гревот, иако навистина гревовите се многу поголеми и многу побројни отколку порано. Најголемиот проблем е тоа што грешното се смета за доблесно, а она што е доблесно се осудува како грешно. Тоа ни оневозможува да се покаеме за она што е навистина грешно и следствено, веќе не можеме да си го подобриме нашиот карактер.
Затоа Господ, нашиот Татко Кој нѐ љуби, се труди да го спречи ова движење во погрешен правец. Прво се обидува да го направи тоа со мудри зборови на поуки и опомени, но бидејќи денес никој (или можеби малкумина) ги слушаат Неговите зборови или се придржуваат на нив, Он мора на многу драматичен начин да влезе во историјата.

Тоа не значи дека Господ ја предизвикува војната, туку, напротив, војната е неизбежна последица од човековото отфрлање на Неговата благодат, која е единственото нешто што може да ја држи под контрола омразата и злото, вклучувајќи ги и разорните војни. И големото страдање на кое сме веќе сведоци е само почеток.

Ете зошто не треба да сме премногу засегнати со ’кога‘ и други слични детали; туку подобро да се покаеме и да се молиме за мир, бидејќи, сепак, времето се приближува“.

Извор: The Orthodox Cognate Page

 

Преземено од. Бигорски манастир