Киев, 10-ти октомври 2016 г.

Митрополит Онуфриј: Светот има потреба од добрина

29 септември / 12 октомври 2016 лето Господово

На торжествената церемонија на отворањето на 14 – от Меѓународен филмски фестивал „Покров“, на тема „Верата без дела е мртва“ (Јаков 2, 17), Блаженејшиот Митрополит Онуфриј ги повика сите да творат добро, и покрај тешкотиите кои денес постојат во светот. Според зборовите на Архипастирот, „преку фестивалот ’Покров‘, ние сакаме да ги потсетиме луѓето дека светот има потреба од добрина и дека сите ние сме должни да се грижиме да правиме добри дела“. Тој истакна дека главна задача на годинешниот филмски фестивал е „да се покаже дека постои пат за надминување на проблемите со кои се среќаваме во својот земен живот. Дури и немоќниот човек без финансиски материјални и психички ресурси, може да му помогне на оној што се наоѓа во беда, доколку се помоли, или просто, сочувствува со ближниот. Денес има многу зло, а доброто недостасува“, изјави Претстојателот, „злото се победува само со доброто, затоа треба да правиме добро како што можеме и колку што умееме“.

„Во Светото Писмо се вели дека доколку верата не е поткрепена со добри дела, таа е мртва. Живееме во православна Држава, сѐ знаеме за Бога и знаеме дека верата која го храни човекот е верата во Бога. Навистина постојат земни ориентири на кои можеме да го насочиме своето внимание, но тие се променливи и минливи, а Бог е неизменлив. Верата во Бога е она што го оживува човекот, му дава на човекот поттик да твори, да се труди и да се принесува себеси како жртва за ближниот. И таа наша вера во Бога треба да биде потврдена со нашите добри дела“, заклучи Претстојателот.  

Оваа година на фестивалот учествуваат 56 духовни и уметнички филмови од разни земји.

Извор: Православие.ру

Преземено од . Бигорскиманастир