Митрополит Иларион: Се молиме Господ да им дари разум и премудрост на нашите деца

На 31 август 2014 г., во Дванаесеттата недела по Педесетница, Претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на РПЦ-МП, Митрополитот Волоколамски г. д-р Иларион служеше Божествена Литургија во црквата посветена на иконата на Пресвета Богородица наречена „Радост на сите натажени“.

После Литургијата, Митрополитот отслужи Молебен за почеток на училишната година на децата. Пред почетокот на Молебенот, тој му се обрати на верниот народ со архипастирско слово, во кое меѓу другото рече: „На почетокот од училишната година се молиме на Бога да им дари разум и премудрост на нашите деца, за да можат да ја совладаат науката што им се предава на училиштата. Се молиме да учат со интерес и успех. Но, најважното нешто за што сме должни да се молиме, тоа е нашите деца да ја сочуваат православната вера која им ја предаваме преку нивното учество во богослужбите и нашите разговори со нив… Важно е училиштата да не ја одвратат желбата за одење в црква на децата, и врз децата да не надвладее влијанието на врсниците, меѓу кои неизбежно ќе има и циници, и хедонисти, и егоисти, но и деца заразени со различни гревови и гревовни склоности. Важно е нашите деца да имаат цврста духовна и морална основа, поставена од Црквата. Ако неа ја сочуваат, таа ќе им помогне и во училишниот, но и во послеучилишниот период кога ќе пораснат и ќе започнат самостоен живот“.

На крај, Неговото Високопреосвештенство ги окропи присутните со осветена вода.

Извор: Московска Патријаршија

Преземено од: Кумановско- осоговска епархија