Серускиот Центар за истражување на јавното мислење (СЦИЈМ) на почетокот од јули ги објави резултатите од едно скорешно истражување, според кое 43% од анкетираните руски граѓани изјавиле дека би ги поддржале своите најблиски во нивната одлука да се замонашат.

Запрашани што мислат дека е мотивацијата за човек да замине во манастир, еден од пет Руси (19%) смета дека луѓето се замонашуваат за да избегаат од проблемите и метежот на современиот живот. Според 8% од испитаниците, пак, луѓето одлучуваат да се замонашат поради нивните убедувања и вера, 6% одговориле дека другите тоа го прават за да се приближат кон Бога, други 6% причината ја гледаат во покајанието за сопствените гревови, а само 5% сметаат дека се работи за повик од Бога. Од останатите, 4% тврдат дека луѓето заминуваат во манастир за да ја пронајдат смислата на животот, покажуваат резултатите од испитувањето.

Речиси две третини од Русите (63%) сметаат дека монасите, благодарение на нивната желба за спасение – се способни да им помогнат и на другите. Ова мислење е пораспространето меѓу Православните Христијани (79%), отколку меѓу припадниците на другите религии (49%), или нерелигиозните испитаници (31%). За разлика од нив, 27% од испитаниците сметаат дека монасите не се способни да им помогнат на другите поради нивниот повлечен живот.

Одлуката на некој свој ближен да се замонаши би наишла на одобрување и поддршка во 43% од случаите, доколку резултатите од истражувањето се пренесат во реалноста, но во други 40% од случаите ваквата одлука би наишла на отпор и негативни коментари. Демографски гледано, одлуката за замонашување би предизвикала негодување кај помладите генерации од 18 до 24 години (45% од нив се изјасниле негативно по ова прашање) и кај жителите на Москва и Санкт Петербург (46%), додека би била поддржана од повозрасните жители, на возраст од над 45 години (47%).

Истражувањето било спроведено на 10 и 11 мај годинава, и во него биле вклучени 1600 жители на 130 села и градови од 42 руски области. Статистичката грешка не надминува 3,4%.

Извор: Правмир

Преземено од: Кумановско- осоговска епархија