Судан воведува забрана за изградба на нови цркви

Судан, земја која од 1989 г. е под исламски режим, воведува забрана за изградба на нови цркви во земјата. Суданскиот Министер за раководство и верски субвенции, г. Шалил Абдула, објавил дека Владата понатаму нема да издава дозволи за изградба на нови цркви во земјата. Според неговата изјава од минатата сабота (12.07.2014 г.), постоечките цркви се доволни за христијанското население кое останало да живее во Судан по отцепувањето на Јужен Судан во 2011 година. Тој посочи дека Јужен Судан е независна земја со мнозинско христијанско население, додека бројот на Христијани во Судан е мал.

Најавената забрана наиде на јавна критика од суданските христијански лидери. Генералниот Секретар на суданскиот Совет на цркви, бискупот Кори ел-Рамли во интервјуто дадено за радио „Тамазуј“ изјави дека одлуката на суданската Влада е противуставна.

- Да, ние сме малцинство, но имаме слобода на вероисповед и вера во иста мера со останатите Суданци, сè додека делиме исто, суданско државјанство – објаси ел-Рамли. Тој исто така го критикуваше уривањето на црква во близина на предградието во Картум Норт од страна на локалните власти, спроведено на 1 јули годинава.

Минатиот мај, суданските власти осудија на смрт една христијанка, Меријам Ибраим, откако жената одби да се откаже од нејзината вера. Под силен меѓународен притисок жената беше ослободена, но сè уште се наоѓа во Американската амбасада во Картум, откако минатиот месец ѝ беше забранет излез од земјата.

Извор: Православие.ру

Преземено од: Кумановско- осоговска епархија