Минатата сабота во Курската (Русија) и Сумската (Украина) област се одржала традиционалната руско-украинска литија, со што продолжила повеќегодишната традиција. Утрото на 14 јуни, Архиепископот Сумски и Ахтирски Евлогиј отслужил Божествена Литургија во архијерејското манастирско подворје на св. Никола во с. Мирополје во Сумската област. Истовремено, Митрополитот Курски и Рилски Герман началствувал со Литургијата во белогорскиот манастир на св. Николај во с. Горнаљ во Курската област.

После Литургијата, верници од двете земји со икони се упатиле кон државната граница, при што во близината на привремениот контролен пункт покрај реката Псељ се одржала срдечна средба меѓу учесниците во двете литии, кои со солзи во очите се поздравиле едни со други, изразувајќи ја братската љубов и надеж за зацврстување на мирот и единството меѓу народите на Русија и Украина.

На местото на средбата, архијереите од двете соседни епархии отслужиле молебен пред иконата на Мајката Божја наречена Прјажевска, по што се помолиле за мир во Украина. На крај, заедничката литија се упатила до Свето-Троицкиот храм во рускиот град Суџа.



Како што потенцирал Архиепископот Сумски и Ахтирски Евлогиј, овогодинешната литија била пропратена со особен молитвен и емоционален полет: „Беше радосно да се види како верници од Русија и Украина, преку границата со солзи во очите се поздравуваат едни со други со воскресенски поздрав. Литијата и заедничката молитва со руските браќа и сестри е доказ за нашето единство“, нагласил украинскиот архијереј.

На литијата се собрале над илјада верници. На неа учество зеле и претставници од локалните власти на Курската и Сумската област.



Извор: Православие.ру

Преземено од: http://koe.mk/sredba-megju-pravoslavnite-vernici-od-rusija-i-ukraina/