Еднаш, кога веќе имавме мало братство овде во Бостон, контактираше со нас една страдална мајка од внатрешноста на Америка, оддалечена повеќе од две илјади милји. Таа имаше едно мало тригодишно дете, кое боледуваше од рак. Некогаш ни телефонираше, некогаш ни пишуваше. Некој ì беше кажал за нашиот манастир и таа бараше помош – да се молиме за да оздрави нејзиното дете. Понекогаш ни испраќаше облека од детето или марамчиња за да ги ставиме врз светите мошти и да читаме молитви и да ì ги вратиме назад, па можеби ќе се случи некое чудо. Ние ì испративме масло од кандилото на свети Нектариј и од свети Јован Руски, и, колку што можевме, ја утешувавме. Жената беше Гркинка, но родена во Америка и не знаеше добро грчки. Честопати нè прашуваше по телефон, зошто ì се родило детето со рак, и со што згрешило тоа, па така да страда. Зошто Бог допушта да се измачува едно невино создание; Ние ì одговоривме дека тоа се судови Божји, а ние не сме Бог па да ја знаеме Неговата премудрост. Но таа пак ни велеше: „Зарем не постои човек Божји за да ми одговори?“ Ние ìодговоривме дека сме грешни луѓе, и не познаваме таков човек. Многу пати нè прашуваше, па еднаш ìреков: Немој залудно да се трошиш, зашто ни се јавуваш од толку далеку. Постојано се молиме, но Бог не нè слуша. Овде во Америка не познаваме таков човек кој би можел да ти одговори на прашањето. Во Грција постои еден старец, на истиот остров каде што е свети Нектариј, но е многу далеку од твојот дом, над осум илјади милји, а и освен тоа, не знае англиски“.

Толку требаше. Не губеше време, толкава беше нејзината болка, така што се качи во авион и отиде во Грција. Стигна во Егина. Најде еден таксист кој знаеше едвај англиски, а и таа едвај знаеше грчки и отиде во тихувалницата на старецот. Не го најде таму. Беше слегол во центарот, на пазар. Се врати и таа во центарот и конечно го најде старецот по патот. Почна преку таксистот да му кажува за нејзината мака, и дека од нас слушнала за него.

Старецот ì рече:

- Ти си виновна за болеста на детето, затоа што го остави законскиот маж и си најде друг. Твојот маж  не го поништи бракот, туку ти се заљуби во друг. Сега зошто плачеш? Твоето детенце е невино. Тоа секако ќе се спаси. Ќе биде со ангелите. Но и ти ако сакаш, спасувај се. Бог ги љуби сите и сака сите да ги спаси. Дадена ти е прилика да се покаеш и да се спасиш. Пред да ти се разболи детето, си спомнуваше ли за Бога? Одеше ли во црква? Се прекрстуваше ли? А сега постојано се молиш. Дури и авион фати и толкав пат помина за да дојдеш и да му се поклониш на свети Нектариј, да побараш помош, да си ги кажеш страданијата. Ако немаше страдања, немаше да се сетиш на Бога. Да, ако сакаш сега, поправи се, стани добра христијанка. Детето твое на Бога Му припаѓа, нема да остане повеќе во овој лажен свет. Немој да жалиш. На Бога секогаш да Му благодариш, да Го славиш.

Кога се врати, самата таа ми се јави и ми кажа за нејзината средба со старецот. По малку време нејзиното дете се упокои, како што ì кажа старецот. Од каде да го знам јас животот на оваа жена! Во мојот живот запознав шестмина свети луѓе, прозорливи, но дарот на прозорливост и видовитост на старец Јероним беше посилен од сите.

 

Извор:

Ортодоксија и ортопраксија

Наслов на изворникот:

Π. Μπότσης,

Γέροντας Ιερώνιμος ό Ησιχαστής της Αίγινας,

Αθήνα, 2001.