Nebo.zraci.jpg

89. ПИСМО
НА ЕДНА СИРОТА КОЈА ПРАШУВА: ЗОШТО ВО ЕВАНГЕЛИЕТО НЕ СЕ ГОВОРИ ЗА СРЕЌАТА

Како не се говори , честита душо?
За што во Евангелието се говори повеќе отколку за среќата на луѓето?
Мене пак, ми изгледа дека Евангелието би можело да се нарече:
Книга на среќата;
наука Христова - наука за среќата.

Тебе, секако те збунило тоа што во Евангелието конкретно не се спомнува самиот збор - среќа. Но, наместо тие зборови се употребуваат други зборови како:
радост, веселба, рај, спасение, вечен живот.
Особено, зборот блаженство означува - среќа, во најдобра смисла.
 Кога ова го знаеш, тогаш прочитај ја повторно Господовата  беседа за блажените (Матеј 5).

Првата наука која што Христос Му ја објави на светот, беше токму науката за среќата. Таа наука, православната Црква и ја повторува на луѓето секогаш на почетокот на литургијата со песната -  Блажени.


Според науката Христова блажени и среќни се оние:

 Кои се со скрушен  Дух пред Бога,
зашто е нивно Царството небесно;
 
кои што со плач ги наквасуваат молитвите свои,
зашто   со неминлива утеха ќе се утешат;
 
кои се кротки и незлобливи како јагниња,
зашто  ќе ја наследат земјата на живите:


кои се милостиви со срцето и раката
зашто  раката Господова ќе ги помилува;
 
кои се со чисти срца,
зашто  ќе го видат  Царот  Отецот  свој Небесен;
 
кои се гонети заради правда  од   демоните и од луѓето,
зашто царството на вечната правда нивно ќе биде;

кои се посрамувани и клеветени  заради Христа,
зашто ќе се радуваат и веселат во домот на ангелите;
 
Покрај ова, среќни се и оние:

кои Му веруваат на Спасителот Свој, зашто ќе бидат спасени.

кои  пламтат со љубов спрема Создателот и на создадените од Него,
 зашто ќе се овенчаат со слава бесмртна:

кои животот  земен го жртвуваат,
зашто ќе добијат живот вечен.

+++

Ова е вистинска и нелажлива среќа, Која што ја откри Господ наш и им ја јави на родот човечки. За оваа и ваква среќа,
 царевите ги жртвуваа круните свои,
богаташите , богатствата свои, 
мачениците, животите свои -  така лесно како дрвјата на есен ги отфрлаат лисјата свои.
Но, кој макар и малку не вкусил од оваа среќа, тешко може за неа да жртвува и мала восочна свеќа.

А ти, сиротичке Божја, не очајувај за својата среќа. Остана сама, самохрана, без пријатели и роднини; вратата на земната среќа за тебе е затворена.
Така, пишуваш повеќе со солзи , наместо со мастило.


Но зарем не помислуваш дека тоа е со промисла на твојот Отец Небесен, за ти да се свртиш кон вратата на вечната среќа?

Бог често, баш често, ја затвара пред луѓето вратата на лажната среќа, но вратата на вистинската среќа Тој секогаш ја држи отворена пред сите и за се , кои само што ќе посакаат да влезат.
Влези и ти , ќерко Христова.

 Кога само ќе ѕирнеш на таа врата, ќе го забележиш царството на среќните, татковината на блажените.
Ќе ги согледаш небесата полна  со угодници и праведници Божји кои на земјата ја  вкусија среќата Христова, а на небесата продолжија да ја пијат од преполнетиот путир.

Кога тоа се ќе го почувствуваш и со духот ќе го погледнеш, ниту за миг нема да бидеш сама и самохрана.
Зашто безбројното семејство Божјо на небесата ќе можеш да ги наречеш браќа свои, и сестри, и роднини, и пријатели.

Радувај се и весели се во Господа!

Преведе: М. Даниловска - Мина