hristos-i-iskushenijata.jpgИ кога дојде Исус во земјата Кесарија Филипова, ги праша учениците Свои и рече: >>За кого Ме мислат луѓето - Мене, Синот Човечки<< ? Тие одговорија: >>Едни за Јована Крстител, други за Илија, а некои за Еремија или за еден од пророците<<. А Он им рече: >>А вие за кого Ме мислите<< ? Симон Петар одговори и рече: >>Ти си Христос Синот на живиот Бог<< (Мт. 16, 13-16).
 Ние христијаните исповедаме дека Исус Христос е Богочовек, зашто во себе ги содржеше двете природи: божествената и човечката. За Него муслиманите велат дека бил само пророк и добар човек. За нив Бог може да биде само во исклучиво божествена природа и да богува таму горе на небесата, но никако во видлива форма долу на земјата. Јудеите пак за Него велат дека бил лош човек, отпадник од нивниот род и со помош на лажни чудеса и измама го завел обичниот народ да го почитува и слави како Бог. Значи во светот меѓу луѓето постојат три одговори на прашањето - кој е Исус Христос.
 Ние кои веруваме дека Бог е Света Тројца исповедаме дека Господ Исус Христос е Бог Син - второто лице на Св. Тројца, кој слезе од небесата и се воплоти од Светиот Дух (третото лице на Св. Тројца) и Марија Дева и стана човек, односно Богочовек. Освен што ја задржа божествената природа, прими кон Себе и човечка, поради што стана Богочовек и како Таков сведочеше пред луѓето со своите чудеса. Неговото најголемо чудо не беше тоа што водата ја претвори во вино, што го умножуваше лебот и нахрануваше илјадници гладни и сиромаси или што ги исцелуваше болните и ги воскреснуваше мртвите, туку самата негова жртвена љубов. Лично Богсемоќниот Цар Небесен,  слезе во овој огревовен свет да го избави од канџите на сатаната и повторно да го врати во прегратките на Св. Тројца.
 Спасението од нечестивиот можеше да го изврши само Бог и никој друг. Затоа Господ Исус Христос со својата крсна смрт ја докажа Својата спасоносна љубов кон луѓето, а на демоните им покажа дека и неговата човечка природа е појака од нивното најголемо оружје - смртта и со својата смрт ја победи демонската смрт. Оттаму и Неговото воскресение од гробот беше најголемата радост во овој свет. Со тоа Тој ни го откри изворот на Вечниот Живот во Своето Тело, а преку Литургијата и светата причест тој живот стана достапен за секого кој верува во Него.
 Затоа ние христијаните крстени во името на Св. Тројца, миропомазани со печатот на Светиот Дух ги примаме телото и крвта Христови кога се причестуваме пеејќи: Тело Христово примете од изворот бесмртен вкусете, вкусете и видете колку е добар Господ. Алилуја, алилуја, алилуја.


 М-р И. О.

Посети:{moshits}