Презвитер Игор Калпаковски

o.igor.fakultet5.jpg

Изразот „ангел во плот“ се прошири во Православната црква од тропарот со кој се опишува светиот пророк Илија. Инаку е воопштен израз со кој се опишува човек кому толку многу му омилело небото, што некако како да се заборавил дека живее живот на земјата. Не дека се заборавил, далеку од тоа, но така им изгледа на тие што се среќаваат со него. А поточно може да се рече дека толку се вљубил човекот во Бога и се’ што е божествено и толку свикнал на божествените вознесувања, па и кога се наоѓа меѓу две такви вознесувања, некако како да не се снаоѓа во сувата стварност на овој живот. За таквите луѓе обично велат дека се изнамачиле во животот, не поради нешто друго, туку поради тоа што нивната желба се’ да биде божествено им отвора лута рана на срцето. А љубов имаат голема. Па затоа и страдањето им е големо.

Изразот „ангел во плот“ ќе ве пресретне во секој случај ако сретнете некој христијанин кој го имал тој благослов малку подобро да го познава епископот Гаврил, Светогорецот. „Што да ви кажам за него? – Па тој не беше од земјава.“

А, инаку, имаше потекло одовде. Роден е во Штип во 1926 година. Потекнува од благочестиво семејство. Го поминал целото стандардно образование и во 1955 година излегува како дипломец на Ликовната академија во Белград. По неколкугодишна работа како професор и како слободен уметник, добива монашки повик од Бога и во 1963 година заминува за Света Гора.  Уште во овој период се забележува неговата ревност и истрајност во одењето по избраниот пат, којашто подоцна јасно ќе се изрази во неговото монахување (љубов кон осамување, односно одвојување од луѓето за да биде можно понепосредното беседење со Бога во молитвата; често земал малку храна и се оддалечувал во „пустина“, односно во густата шума околу Лесновскиот манастир), во начинот на богослужење (пример е неговото инсистирање на редот во богослужењето), во постот, итн. Света Гора, во која овој подвижник без остаток ќе се вљуби, сепак, се покажува дека не е местото каде што ќе треба да заблеска, иако со сигурност за него ова ќе биде местото на неговото зреење во Духот. Поминувајќи од место во место, поради административните тешкотии да остане на Света Гора, тој оваа своја неволја ќе ја искористи како што пчелата го користи своето летање од цвет на цвет, па ќе собира духовен нектар од монасите подвижници што ќе ги среќава таму. За него од основно значење ќе биде неговиот живот како послушник на стариот 84-годишен руски монах Татјан Иванов во скитот „Камена“. По блаженото упокојување на старецот, тој уште некое време останува во скитот, а пострижан е во монаштвото во грчкиот манастир Св. Апостол Павле. Најпосле, откако се покажало неможно неговото останување на Света Гора, тој се враќа во Македонија. Живее накусо во неколку манастири, а од 1975 година во Лесновскиот манастир. Истата година е назначен за игумен на манастирот. Во 1989 година хиротонисан е за Епископ Велички, а се упокои летото следната година во својата скромна ќелијка во манастирот.

Низ сиот живот на епископот Гаврил се провлекува мирисот на духовното благоухание. Не е многу далеку времето на неговото упокојување и уште има многу живи сведоци за светоста на неговиот живот. Некои од нив велат дека се работи за човек многу сличен на неговиот пример, на светителот исихаст Гаврил Лесновски. За него доста може да се дознае и од неговите дела, кои го содржат оној карактеристичен светоотечки „слог“, кој пополека го приковува вниманието и на умот и на срцето и прави да чувствувате како да беседите со авторот. Една зачудувачка љубовна потреба да се прегрне сето создание, сите твари и сите настани да се стават во еден осмислен богомдаден и богомблагословен поредок. Една зачудувачка свест и искуство и за многу малечките движења на душата. Еден дар на расудување.

Еве еден пример кој ја илустрира неговата вера, а веројатно и „силата“ на неговата молитва. Лесновскиот манастир долго време останувал без кепенци на прозорците, што, бидејќи се работи за место на поголема височина, претставува вистински проблем во зимските месеци. По подолго време, Светогорецот се решил да побара помош од некоја локална фирма за да се постават кепенци. Таму го пречекале со размислување дека е попусто трошење време и фрлање пари што со години тој седи таму во манастирот, а би било подобро да се моли на Бога да заврне дожд, зашто со години убав дожд не заврнал. Тој им одговорил: „Не заврнал. Ако ги ставите кепенците, можеби ќе заврне“. Луѓето се зачудиле од таквата мисла, но сепак се решиле да ги наместат кепенците. И само што бил поставен и последниот кепенок, заврнал еден убав, обилен пролетен дожд.

Еве уште еден пример, кој укажува на неговиот дар на прозорливост. Еднаш, старецот служел со едно свое духовно чедо во манастирот. Среде службата, го повикал духовното чедо и му рекол: „Појди, стави нешто да се зготви. Ќе ни дојдат гости.“ Гостинот си рекол во себе: „Што е сега ова, да одам да готвам среде служба. Божем, ќе ни дојдат гости. Кој ќе дојде во ова време?“ И го прашал: „А што да зготвам? – Па знаеш, стави нешто без зејтин.“ Гостинот отишол и ставил да се зготви некое јадење без зејтин, како што му рекол старецот. Кога завршила службата, еве го доаѓа старецот. А духовното чедо му вели: „Е кај се сега гостите? Никој не дојде. – Ќе дојдат, ќе дојдат.“ И навистина, по некое време дошле гости.

(продолжува)

Посети:{moshits}