bogoslovi.spas3.jpg

 

Негувај го тихувањето на зборовите и тихувањето во делата, исто како и во јазикот и постапките, а пак непромислената жестина одбегнувај ја! Имено, на тој начин умот ќе остане крепок и нема да се возмути од твојата јарост, та со тоа да заслабне и да стане кусовид помрачувајќи се себеси. Нити пак, ќе му подлегне на чревоугодието, ниту ќе биде совладан од вдарена срдба, снеможен и од останатите страсти, лежејќи како приготвен плен за нив.

Впрочем, умот востоличен на тивкиот престол во созрецание на Бога, должен е да ги подјарми страстите. Затоа во никој случај не дозволувај да бидеш  обземен од раздразливост според наравта, ниту ги натегај зборовите и, не се исполнувај со колебливост во чекорите, за тихувањето да ти се исполни со добра мера, а твојот образ да пројави нешто божествено и свето. Исто така, пази се и од знаци на превознесување, од надмено држење како и од недоличен и извишен чекор. Говорот нека ти биде благ, а поздравите љубезни. Кога зборуваш, гледај сé да ти биде промислено и возврати корисен одговор одмерувајќи го кажаното во полза на слушателите, сосем доволно гласно за да се чуе, така што твојот глас да не се измолкне на присутните поради тивкост, а ниту пак да ја пречекори мерката дигајќи врева. Радосно учи и штедро поучувај и немој никогаш  поради страв од завист да си ја криеш мудроста од другите, ниту да го одбегнуваш подучувањето поради страмежливост.
Слушај ги свештениците како отци! Почитувај ги Божјите угодници! Напредувај во мудроста и добродетелта! Не биди кавгаџија со пријателите, ниту им се потсмевај или подбивај. Смело одбивај ги лагата, лукавството и дрскоста. Со безмолвие трпи го високоумниот и дрскиот небере станува збор за кроток и великодушен човек.
Сé што чиниш  да ти биде приклонето кон Бога, било да се работи за дела или зборови и сé она коешто е твое принеси му го на Христа и цврсто обрати си ја душата кон Бога, а пак мислата укрепи си ја во Христовата сила токму како божествената светлина на Спасителот да ја привел во некакво пристаниште, давајќи í да отпочине од секој збор и дејствие. Секогаш поставувај се како сотрудник Христов којшто го проблеснува божествениот лач од небото. Христос нека ти биде постојана и непрестана радост!
Немој да си ја олеснуваш напнатоста на душата со гозби и пијанки, туку мисли само на она коешто му е достаточно од полза на телото.
Занемари го мноштвото грижи околу телото крепејќи се само со надежите во Бога, зашто Он достаточно ќе ти го придаде она коешто ти е неопходно, и храна да преживееш, и покривка за телото, и одбрана од зимските студови. Впрочем, на твојот Цар му припаѓа сета замја и сé што од неа се раѓа. Затоа не плаши се веќе од премачни болести, ниту од доаѓањето на староста којашто и онака си пристига во свое време, оти ќе отстапи дури и болеста кога со сета душа се стремиме да ги исполнуваме Неговите заповеди.
Не и давај на душата да подлегне на тага, било кога ја притиска тегобна болест или пак и налегне некое друго бреме, туку со разумот долично спротистави им се на маките, вознесувајќи му и тогаш благодарност на Бога. Зашто Божјата промисла е помудра од човечката, и на луѓето ниту им е лесно, ниту возможно неа да ја откријат.

  o.O.P

The loeb classical library                                                                                                     
   Kliment of Alexandria

 

Изборот: од свештенството на  храмот Св.Спас, Драчево( Скопје)

{moshits}