Старец Ефрем Филотејски

1. Умешно и грижливо држете ги довербата и љубовта кон својот духовен раководител, зашто во тоа се состои и животот и смртта на душата. Не нажалувајте го својотдуховен отец, ако сакате да Го гледате лицето Божјо. Оној што го нажалува него, треба да знае дека Го нажалува Христа. Како тогаш после смртта ќе Го погледне Христа?

2. Верувам, чедо мое, дека ќе направиш и повеќе од она што ти го советувам и ќе видиш колку добро ќе се чувствуваш! Никогаш не му допуштајте на непријателот да ве нападне со лоши помисли против вашиот Старец, зашто таквите помисли се змии преполни со отров.
Биди целосно предаден на својот Старец. Слушај ги неговите зборови како да ги изговара Самиот Христос.
Љубовта, почитта и совршеното послушание кон Старецот, му носат спокој. Успокојувајќи го својот Старец го успокојуваш Бога и се што правиш за Старецот за Бога правиш.

3. Чедо мое, не се сомневај во тоа што ти се случува. Едно вистинско духовно чедо така го љуби својот духовен отец којшто духовно го родил со содејство на благодатта Божја.
Се молам Христос секогаш да го исполнува твоето срце со Својата Божествена љубов, којашто вистински го обновува верниот христијанин.

4. Послушникот бива смртно повреден кога нема смирено и искрено да му се открие себеси на Старецот. Како што болниот не може да се исцели ако не му покаже на лекарот каква му е раната или болеста, зошто продолжуваат болките или температурата... така и послушникот, кога нема да му ги покаже своите душевни рани на својот духовен лекар - не се исцелува. Тоа што го спречува да покаже од што боледува е неговиот егоизам.
Според тоа, чеда мои, да го фрлиме под нозете тој змеј и да го погубиме со мечот на Светата исповед и со земање духовни лекови од духовниот лекар, Старецот, кој нам ни ги дава заради нашето исцелување.

5. Да бидеме будни, чеда мои, и да се присилуваме себеси. Што чекаме? Крајот се приближува и ќе се најдеме во неволја. Што ќе ни помогне тогаш? Во таа голема нужда ќе ни помогнат сегашната грижливост во должностите, во стекнувањето на добродетелите и особено - духовното единство со нашите духовни родители преку животот со кој сме им угодиле. Ако сме духовно раздвоени од својот духовен отец заради нашата непослушност и заради тоа што го осудуваме, како ке се утврдиме во смртниот час против демоните? Без неговите свети молитви - како да се најдеме во присуството на Самиот Исус Христос? Чии молитви ќе не ослободат кога ќе се вознесеме и ќе наидеме на воздушните митарства? Тие на Старецот? Тие не напуштија, бидејќи во овој живот го растажувавме, така што тие веќе немаат никаква сила во оној миг на нужда.
Според тоа, чеда мои, да се погрижиме да живееме согласно волјата Божја за да Му угодиме и за да ни подари вечен покој во Своите прегратки.

6. Твоето прашање, чедо мое, е прашање коешто главно се однесува на твојот Старец. Многупати ви зборував дека ѓаволот стравува од Старците и дека љубовта и довербата кон нив е најголемата сигурност за секого што заради љубовта Божја ќе им се потчини. Меѓутоа, секој којшто греши во послушанието кон Старецот, во истиот миг ја губи неговата заштита и со тоа започнува пропаста на послушникот. Бидејќи ѓаволот ова го знае, не се двоуми да отпочне војна користејќи ги помислите против Старецот и обидувајќи се да ги преувеличи неговите слабости во таа мера што послушникот да поверува дека нема никаква корист од него, дека не се покажал добар итн. Кога ѓаволот ќе го увери во тоа, тој и го победува. Меѓутоа, кога ќе го затекне послушникот утврден, го напушта и отвара друг фронт. Реткост е послушникот да не води ваква војна.

Писмо на Старецот до една монахиња

7. Ќерко моја, љуби ја и почитувај ја својата Старица. Кој од нас е без слабости? Сите ние сме под суд заради своите страсти. Меѓутоа, тоа е една работа, а твојата обврска кон духовната мајка сосем друга! Гледај ја како лицето Христово! Довербата што ја имаш во неа ќе ти се земе како доверба во Бога.
Не сакам да се преправаш. Јас многу ги ценам искреноста и чесноста и сакам моите духовни чеда да бидат такви. Секогаш да се исповедаш искрено, да ги слушаш нејзините совети и имај доверба во се што ќе ти каже твојата Старица.
Ако не прифатиш со вера се што ќе ти каже таа, ќе дојдеш до тоа што ќе почнеш да ја осудуваш, ќе ти се олади љубовта и ќе се оддалечиш. Тоа не ти доликува тебе како монахиња која е под заштита на една Старица.
Не би требало да го осудуваме кој и да е човек или да се отуѓуваме од него, а посебно не својата духовна мајка.
Бори се да ја љубиш и да ја гледаш како лицето Христово и тогаш, согласно со твојата вера, ќе пожнееш и соодветна корист. Стори го тоа и ќе ја здогледаш вистината.
Сега, за време на Великиот Пост, сакам посебно да се потрудиш. Биди молчалива и одвнатре и однадвор. Сеќавај се на смртта постојано и непрестајно, зашто од таквото размислување ќе имаш огромна корист. Кажувај ја љубената молитвичка. Присилувај се себеси да се присоединиш поцврсто кон Старицата и не дозволувај им на своите помисли да ја осудуваат, зашто Светите отци ќе го окарактеризираат тоа како сериозна изгоретина или труење. Чувај се да не отпаднеш од Старицата, зашто тоа би го оневозможило секој твој подвиг.


„Поуки за Исусовата молитва“-

Издавач: Струмичка епархија

starec-efrem.korica.jpg

Посети: {moshits}