- Секогаш ми зборувате за егоизмот, Старче.
  - Да, затоа што во нас не треба да остане ни малку егоизам.


***

- Треба да стекнеш смирение; што е можно повеќе смирение.
- Тешко е тоа, Старче, во светот во кој што живееме. Како да го постигнам тоа?
  - Така што уште повеќе ќе го сакаш Христос.


***

- Сакам, Старче, да сторам нешто и моите родители да поверуваат во Бога толку колку што јас верувам, зашто многу млаки се во својата вера. Но, сега е доцна, бидејќи се во поодминати години и се пред крајот на својот живот.
- Воопшто не е доцна. Уште повеќе, во тие години е најдобриот момент.


***

- Што да правиме со нашето дете, Старче? Полно е со несигурност и страв.
- Вие во целост сте одговорни за тоа. Уште кога беше во стомакот на мајка му, вие со своите лоши меѓусебни односи, сте му создале психички трауми, што тој ги носи целиот свој живот.


***

- Се плашам, Старче, да се женам. Можеби ќе ми падне некоја лоша жена.
- Па, лоша жена може да ти биде прилика да го „заработиш“ рајот.


***

- Мојата ќерка, Старче, живее грешен живот. Како да ја спасам?
- Само со светоста на твојот живот. Светоста на родителите ги спасува нивните деца.


***

- Го исповедав, Старче, својот нов грев на духовникот, но сакам и Вам да ви го кажам.
- Ама, го исповеда на духовникот; нема потреба да ми го кажуваш и мене. Бидејќи го исповеда и се покаја, доби прошка.


***

- Вашите деца ни еднаш не треба да ве слушнат како се карате, па дури ниту да го подигнете гласот еден на друг.
- Па, дали е можно тоа, Старче?
- Секако дека е. И тоа како ви велам: ниеднаш да не ве слушнат.


***

- Старче, сфаќате ли колку голем грев направив?
- Ти си добар, па ќе го надминеш тоа.
- Но, Старче, овој грев е многу голем!
-Не очајувај. Имаш добра душа; а Бог, Кој го гледа тоа, ќе ти прости и ќе ти помогне.


***

- Често ме обзема меланхолија, Старче.
- Зошто цело време си затворена во својата куќа?
- Каде да одам?
- Прави излети; оди до ридот. Тоа многу помага.


***

- Старче, се плашам од моментот, кога ќе треба да се соочам со смртта на некој моите ближни.
- Тоа е само твојата несигурност, и ништо друго.


***

- Како што знаете, Старче, многу читам. Дали да студирам теологија?
- Нема потреба. Доволно е да го изучуваш Светото Писмо и светите Отци. Таму ќе најдеш сè.

***

- Старче, Ве молам, кажете ми нешто за духовниот живот.
- Оној кој не се кае, ќе пропадне.
- Многу се тешки овие Ваши зборови, Старче.
- Повторно ти кажувам: оној кој не се кае, ќе пропадне.

 


Од книгата СТАРЕЦ ПОРФИРИЈ- ПОДВИЖНИК НА ЉУБОВТА
ПРОЗОРЛИВ ЧУДОТВОРЕЦ

 Подготви: Жаклина Стојановска

{moshits}