Владика Николај Велимировиќ

  (Извадоци)  


Што вреди, браќа мои, ако јас вечно зборувам, а Бог вечно молчи?
Можам ли јас да ја одбранам правдата Божја, ако Бог не ја земе под своја заштита? Можам ли јас да им го докажам Бог на безбожинците, ако Бог се крие? Можам ли јас да направам да Го милуваат синовите Негови, ако Тој е рамнодушен кон нивните страдања?
Не, ништо јас не можам од сето тоа. Моите зборови немаат крила, кои би можеле да ги воздигнат кон Бог сите паднати и отпаднати од Него; нити моите зборови имаат оган кој би можел да ги загрее изладените срца на децата кон Отецот нивни. Моите зборови не се ништо, ако тие не се слаб оддек и неразбирливо повторување на она што Бог со својот моќен јазик Го зборува...

Како ќе Го види Бог во моите зборови оној, кој не може да го види во природата и животот?
Како ќе убедат некој едвај чујните зборови човечки, кога громовите не се во состојба да го убедат?
Како ќе се загрее на едно јагленче некој кој го оставил зад себе огнот?

… … …излегувам со предлог, со молба, навистина со молба, сите ние да побараме потпирач за себе и за своите нешта во Бога, единствено во Бога. Не е тоа заради Бога туку заради нас. И повторувам: не е тоа заради Бога, туку заради нас самите. Бидејќи Бог ќе биде подеднакво голем, и кога би го величале и кога би го понижувале. Бог ќе биде светол, па колку и да фрламе темнина на Неговото име. Бог ќе постои, па и цела земја низ сите усти на своите созданија и низ сите вулкански кратери да вришти: те нема Боже! Бог ќе постои, светол и голем како и денес, и тогаш, кога зраците сончеви залудно ќе бараат макар и само еден жив човек на земјата, и кога наместо живи ќе ги милуваат само гробовите на мртвите.
Nazaret.OceNas.jpgБоже, вечно светол и вечно голем, биди ни потпора како што си потпора на толку Сонца во просторот! И Сонцата би се изгаснале без Твојот поглед и би се претвориле за миг во мрачни ветришта, - како ние да светлиме без Тебе?
Како ние, браќа мои, би можеле да ги љубиме своите непријатели без Божјото укрепување? Еве, ние не сме го направиле ни првиот чекор на тој пат. Ние сеуште не сме се научиле да ги љубиме ни своите пријатели. Уште помалку: ние сеуште не сме се научиле ни да се сакаме сами себе. Како ќе ги љубиме своите непријатели? Христовите зборови за љубовта кон непријателите, еве, сеуште летаат по светот од уста до уста, но сеуште никако не можат да го најдат патот од устата до срцето.

Ние не ги сакаме своите непријатели. Зарем тоа не е очигледно, без докажување? Ние ги сакаме само оние кои не љубат, и им позајмуваме само на оние кои можат да ни вратат, и им правиме добро само на оние кои може двојно да ни се оддолжат.

Ние се сакаме себе и пријателите свои. Ние ги љубиме своите ближни, своите најближни, во буквална смисла. Нашите далечни далеку се од нашата љубов. Нашето срце се лепи за она што се лепат и нашите очи. Нашите очи се патеводител и на нашето срце.

Ние само мислиме дека се сакаме себе и пријателите свои. Ние во тоа и се лажеме; затоа што себичноста ја нарекуваме љубов кон себе, и љубикањето љубов кон своите пријатели. Во самата реалност ние не се сакаме ни себе ни своите пријатели, исто онака како ни своите непријатели. Бидејќи во она што ние го нарекуваме љубов ги нема најдобрите елементи на љубовта. А најдобрите елементи на љубовта се: познанието, почитувањето и жртвувањето. Во нашата љубов кон себе нема ни познание, ни почитување, ни жртвување. Во нашата љубов кон пријателите наши исто така нема трага од тоа. Нашата љубов се состои само од своите ниски елементи. Нашата љубов кон себе и своите не е ништо друго освен засилена и расипана во исто време инстинктивна животинска љубов. А она што љубовта човечка ја прави повозвишена и посветла од љубовта на питомите и дивите животни, тоа е познанието, почитувањето и жртвувањето.

Познанието на себе и своите пријатели е прв елемент на возвишената и светла божествена љубов. Човекот кој за себе многу размислувал и кој себе многу се искушувал, може да дојде до познание на самиот себе. Но треба да се биде многу претпазлив во тоа испитување на самиот себе. Од најмала грешка во самопознанието може да дојде до лажен заклучок, а од лажниот заклучок и до лажна љубов кон самиот себе. Потребна е навика за расчленување, анализирање. Зашто од правилна анализа на себе, човекот ќе дојде и до правилна синтеза. Секоја неправилност во проценката на себе си, се осветува повеќе од колку на квадрат. ... Најважни прашања, на кои младиот човек мора правилно да одговори, за да се познае себе, па и целиот иден живот да му биде правилен и здрав, се:
-Кој сум јас?
-Колкав сум јас?
-За што сум јас?

Секој човек не може да се посвети на философија. Но едно зрно на философијата потребно му е на секој човечки живот како солта во храната.
Ако го сфати човекот своето битие како еден производ на случајно разбранувана материја, како бесвесна и бесцелна игра на елементи, тој ќе има најнизок поим за себе и за своето назначение. А од големината на поимот за себе зависи и големината на идеалот на еден човек, големината на мислите и чувствата и дејствијата негови. Ако го сфаќа пак човекот своето битие како резултат и продолжение на една уметничка целисходност и творечка мудрост општовселенска, тој тогаш ќе има за себе највисок поим, подреден единствено на Бога.

Друго прашање се наметнува на секој човек:
Колкав сум јас? Едно клопче желатинска лигавост и слабост излегува на Сонце под името човек. Немоќ, слабост, солзи и сонливост!!! Со туѓа помош тоа клопче се одмотува, на туѓи раце се подига кон Сонцето. Без свои заслуги тоа дели леб со останатиот свет, без своја желба тоа станува учесник во животната драма и животната плата. Уште малечко, тоа клопче го упива во својата душа како сунѓер целиот свет околу себе со двете очни прозорчиња. Но душата негова е толку малечка што сите појави и изледаат бескрајно големи. На детето родителите негови и сите возрасни луѓе му се чинат како титани, како богови. Кога ќе се подигне до просечна висина на сите луѓе човекот тогаш го менува својот поим за големина. Тој не тежнее повеќе за големината на било кој возрасен човек туку за големината само на извесен број големи луѓе, кои му се чинат во историјата како Сонце помеѓу ѕвезди. И израмнувајќи се себе си со големите луѓе и со својот идеал за големина, тој еден ден неизбежно, себе се прашува: Колкав сум јас? И тука е веднаш опасноста, да не се прелаже, да не направи неконтролиран чекор над провалијата. Ако ја оцени правилно својата големина, тогаш се пронашол и себе и патот, по кој треба да оди. А ако не оцени?

Мноштвото луѓе не ја оценуваат правилно својата големина, па живеат во оптичка измама. Мноштвото се гледа себе во многу поголеми размери од што е. Живеејќи во една прелест таквите луѓе прават се, и другите да ги опрелестат. Ако тоа не им тргне од рака - тие се чувствуваат како несреќни витези, кои се појавиле не во свое време и не во свое друштво. Како да е потребно сите луѓе да бидат големи и генијални! Како на Бог за неговата историска драма да не му се потребни исто така и мали луѓе! Како светот да може да постои без говедари и ковачи и чистачи на улици! ...
... ...
 И третото прашање: За што сум јас? Тоа е прашање за познанието на својата мисија во овој свет. Секој човек доаѓа во овој свет со посебна мисија. Колку многу не веруваат во ова! Сите ние сме Божји пратеници и работници. Сите! Ковачката дејност е една посебна, богодуховена мисија, како и дрводелската, и книжевната и државничката. Без ковачката дејност не би биле културите, ни египетската, ни европската, нити било која. Народната фантазија му доделила на еден од олимписките богови ковачка работа. Не му е, значи, на небото угодно само царствувањето и советникувањето, туку и ковањето железо, и стругањето даски, и плетењето асури. На страшниот суд Бог нема да каже: Седи ти што носеше круна десно од мене, а ти што држеше чекан од левата моја страна, но ќе дава првенство и награда според сфатената и извршена мисија на земјата.

За жал многу се меѓу нас оние кои целиот свој век не ја сознаваат својата мисија. … Мноштво трпи Бог единствено од милосрдие, спремајќи и испраќајќи други пратеници за истата мисија, која била наменета за оние во кои пропаднала. ... многу, премногу има такви, кои не знаат ни кој се, ни колкави се, ни за што се, а кои зборуваат за љубов кон себе. Многу се, премногу се оние, кои себе не се нашле, а себе се засакале. Тие го сакаат своето вообразување, а не себе. Илузијата им е слатка, неа ја сакаат, а не себе. Многу се оние, кои прават лонци, а мислат дека се вајари. Многу се оние, кои станале државници, а требало да бидат трговци. Сите тие зборуваат за љубовта кон своите непријатели, додека сеуште ни себе не се сакаат, бидејќи не се познале себе, нити го нашле најдобриот себе. Нивната љубов е лажна, бидејќи се однесува на лагата во нив, а не на вистината. Кога лончарот го сака вајарот во себе, неговата љубов кон себе е лага.

А кој се љуби себе лажно, тој лажно ги љуби и своите пријатели. А чија љубов кон себе и кон пријателите е лага, неговата љубов кон непријателите е два пати поголема лага.

… Со познанието треба да дојде и почитувањето, другиот главен елемент на достојната љубов.
Човекот треба да умее да се почитува себе и да ги почитува своите непријатели. Но не може човекот да го почитува злото во себе; и разбојникот знае дека само доброто е за почитување. Не може човекот, да го почитува доброто во себе, ако не осознал, што е и каде е во него доброто. Познанието е, значи, основа и за почитувањето.

Bogorodica.Tavor.jpg...
...Човекот може да се сака себе, иако таа љубов кон себе секогаш ќе биде помешана со презир кон себе. Тој може да се фали пред луѓето, но во самотијата тој сам на себе ќе си биде одвратен, зашто знае дека ги лажел луѓето и знае дека се лажи себе, сакајќи го во себе она што не е за љубов. Тој не може да се почитува себе, зашто не нашол причина во себе...

Така и љубовта кон пријателите, ако не е основана на почитување, како и познание, брзо се претвара во презир и одвратност.
Колку малку има кај нас вистинска, идеална љубов помеѓу пријателите!
Во поголемиот број случаеви пријателството не е основано на сродност на душите, на познание и почитување, туку на случајна симпатија и на себична сметка.

...

Третиот елемент на возвишената и светла љубов е жртвувањето. Љубовта е олтар на кој секогаш треба да се врши жртвопринесување. Љубовта е божество кое бара постојано пред лицето негово да гори жртва, па да се гледа во светлината. Вистинската љубов, божествената љубов, се однесува секогаш на она што е најдобро во човекот. Ако јас го сакам своето вообразување, мојата љубов е лага. ... А ако јас ја сакам лагата, јас морам неа да и ја жртвувам вистината, зашто и лажната љубов бара жртви. Оној кој ја сака својата суета, и го жртвува неа паметот; и кој го сака своето тело, му ја жртвува душата, и кој ги сака парите им ја жртвува честа. И обратно: кој го сака разумот, ја жртвува суетата, и кој ја сака душата, и го жртвува телото, и кој ја сака честа, ги жртвува парите.

И љубовта кон пријателите скапа е. Јас зборувам за вистинска, божествена љубов. Да му се помага на пријателот во добро и да се бара негова помош за добро, - само тоа се нарекува вистинска љубов. Јас го сакам пријателот не за да ми ласка во моите слабости и да ме затрупува и да ги оправдува моите грешки, но за да ме поправа во злото и да ме поддржува во доброто. Таквото пријателство е чистилиште, во кое човекот се чисти од грубите и ниски навики и склоности. Пријателството повеќе и е потребно на душата отколку на телото. ... Пријателството секогаш е живототворен здив на ангел кој не прати во животот, кој не подигнува кога паѓаме и не надахнува кога ќе обессилиме.

Каква љубов кон пријателите еден човек нуди, таква и ќе најде од пријателите. Секој има онаков пријател каков заслужува. Според каквоста и големината на жртвата се наоѓаат и пријателите. Јас морам да се откажам од се ниско, за да можам да го имам за пријател оној, чија душевна висина ја љубам. И морам да се откажам од себичноста љубејќи несебичен пријател. И морам да се откажам од грубоста љубејќи племенит пријател.
Пијателството е школување. Какво пријателство такво школување. Некој пријателството го воздигнува кон небото, некој го влече во пеколот. Пријателства, кои значат завера против доброто, има многу. ... Денес пријатели се оние кои нити се познаваат нити се почитуваат нити се жртвуваат еден за друг. Се спријателуваат луѓе со различни души, не заради душата, туку заради добивка. Се спријателуваат луѓе со различни начела, не заради начелата, туку заради богатење. Заради концесии и лиферации, заради ограбување и крадење!

Пријатели се нарекуваат често привремено и оние, кои од длабочината на душата се презираат. ... Ах, тие пријателства! Често значат завеса над пеколот. Се спријателуваат луѓето често од кукавичлук; ... често од суета; често од страв... често од досада. Тоа е привремено и пресметливо пријателство, - најголемиот гнас, кој на земјата расте и најголемиот срам човечки.

Дали е тогаш чудно што луѓето не ги сакаат своите непријатели, кога, ете, ни пријателите свои сеуштен е умеат да ги љубат? ... Како ќе се сака далечниот кога не се сака ближниот? ... Љубов кон непријателите нема да има се додека не ја има меѓу пријателите. А меѓу пријателите нема да ја има се додека таа не се изгради на взаемно познание, почитување и жртвување.

Христијанската љубов се движи во кругови.
Прво доаѓа љубовта кон себе, па љубовта кон пријателите, па љубовта кон непријателите, па љубовта кон Бога. Христос ја зеде љубовта кон себе како мерило за љубовта кон луѓето и кон Бог. “Како што се сакаш самиот себе” - вели Христос. Кога луѓето би имале христијанска љубов кон себе, тие набрзо би имале и христијанска љубов кон своите пријатели, и кон своите непријатели. Но таа основна љубов на луѓето, -љубовта кон себе - сеуште во голема мера е анимална, себична, нечиста, па и секоја друга љубов на која таа и е основа е иста таква. …
Но ќе дојде едно подобро време, кога луѓето ќе се сакаат повеќе во духот и вистината, и заради духот и вистината, и кога вистински љубови ќе има колку што сега има лажни.
...
Ке дојде време кога пријателот ќе му биде на пријателот утешител и лекар, а не заведувач и разорител на душата.
Кога ќе дојде тоа време, дури тогаш ќе почне љубовта меѓу луѓето. Па колку и да е далеку тоа време, тоа доаѓа и ќе дојде.
Љубовта со која сега се сакаат луѓето води во самоубиство. Но кога ќе дојде она време, со него ќе дојде и љубовта, која води во живот.
Сеуштен не дојдено времето за љубов кон непријателите, зашто сеуштен не е исполнета заповедта за љубовта кон пријателите.
Но ќе се исполнат и едната и другата заповед, зашто ни едната ни другата не е човечка но Божја. А Божјата не може да остане неисполнета. … … Само покрај Господ пријателството го добива божествениот нимбус и божествениот жар. Само во Него е љубовта, само низ Него познанието и почитувањето, и само со Негова помош жртвувањето. Нека Му е Нему слава на висините, И Неговата светлина со нас во низините! 

Подготви: Михаила Поповска 

 

Посети: {moshits}