НАПАТСТВИЈА ЗА ВЛЕЗ ВО ЦАРСТВОТО НЕБЕСНО (I)


Св. Инокентиј, Митрополит Московски, Просветител на Америка



БЛАЖЕНСТВАТА ШТО ХРИСТОС НИ ГИ ДАРУВАШЕ СО СВОЈАТА СМРТ


 


Пред да почнеме да зборуваме за ова, да погледнеме какви блаженства имал Адам во Рајот пред да стапи во грев, како и од какво зло пострадал откако се огревовил, та заедно со него во грев го однел и целото човештво.

Првиот човек, создаден по образ и подобие Божјо, се додека не го извалка подобието Божјо со неговото своеволие, беше блажен да пребива во самиот образ и подобие на Бога. Како што Господ Бог нема крај и е вечен, така и Адам беше создаден бесмртен. Бог е сеправеден, па и Адам го создаде безгрешен и праведен.

Адам живееше во преубавиот Рај, во градина засадена од Самиот Бог, каде што беше задоволен со се. Секогаш беше здрав и добар, и никогаш немаше да спознае што е тоа болест. Не се плашеше од никого и од ништо. Сите животни и птици го слушаа како нивен господар. Не му беше ниту студено ниту жешко. Па иако работеше и се трудеше во рајот, сепак го правеше тоа со задоволство и радост и ниедна работа не му беше тешка или заморна.

Неговото срце и душа беа исполнети со познание и љубов кон Бога. Секогаш беше тивок и радосен, и не знаеше, ниту пак некогаш имаше видено нешто непријатно, вознемирувачко, болно или тажно. Сите негови желби беа чисти, праведни, и во совршен ред. Неговото паметење, интелект, како и сите други особини на неговата душа беа совршени. Бивајќи така невин и чист, тој секогаш живееше со Бога и разговараше со Него, а Бог го возљуби како Свој омилен син. Накратко, Адам беше во Рајот, и Рајот беше во Адама.

Значи, да не ја прекршеше Адам заповедта на неговиот Создател, тој самиот би бил среќен и сите негови потомци исто така би биле среќни. Но Адам се огреши пред Бога и го прекрши законот Негов, и тоа најлесниот; и заради таа причина Господ го прогони од Рајот, зашто Он не може да живее со грев или со грешник.

Адам одеднаш ја изгуби радоста која ја уживаше додека беше во Рајот. Неговата душа потемне, неговите мисли или желби се побркаа, темен облак ги прекри неговата мечта и паметење. Наместо мир и радост на душата, тој почна да гледа тага, несреќи, грижи, немаштија, болни маки и секаков вид на зла коб.

(Продолжува)


 
подготви:Б.Ѓ

КАКО ХРИСТОС ЖИВЕЕШЕ НА ЗЕМЈАТА И НИЗ ШТО ПОСТРАДА ЗА НАС