3.angeli.so.truba1

За поменот за упокоени



Светата Црква постојано вознесува молитви за нашите упокоени татковци и мајки, и браќа и сестри на секоја служба, а особено на Литургија. Освен тоа, светата Црква во определено време прави посебни помени за сите наши отци, мајки, браќа и сестри по вера кои се удостоиле со христијанска смрт, како и за оние кои поради изненадна смрт, Црквата не успеала преку своите молитви да ги испрати во вечен живот. Таквите помени се нарекуваат вселенски, и се совршуваат во месопусната сабота, во саботите од втората, третата и четвртата седмица од Великиот Пост, како и Духовденската и Митровденска задушница.

Освен овој заеднички помен, постои и посебен помен за секој упокоен. За помен на новопретставените, Црквата ги одредила првите четириесет дена од смртта, сметајќи дека тој број, по сведоштво од Светото Писмо, е доволен рок за очистување од гревови (1Мој. 7, 12; 4Мојс. 14, 31-34; сп. Мт. 4, 2).

Покрај тоа, од овие четириесет дена за молитва особено се посветуваат третиот ден, во спомен на Спасителот Кој по три дена Воскреснал, деветтиот денспоред желбата на Црквата духот на упокоениот да се вброи во деветте ангелски чинови и четириесеттиот ден по старозаветниот пример на оплакување на Мојсеј во Израилот во текот на четириесет дена, но и вознесението Христово што се случило на четириесеттиот ден по Велигден. На крај, помен за упокоени се врши и една година по нивната смрт, како и на нивниот роденден и именден, затоа што сите се живи и бесмртни по духот и еднаш ќе бидат потполно обновени кога Господ ќе ги воскресне и нивните тела.

Св. Макариј Александриски еднаш ги прашал ангелите што го придружувале во пустината: „Каква корист имаат душите на упокоените од помените во третиот, деветтиот и четириесеттиот ден?“ Ангелот одговорил: „Господ не допушта ништо во Црквата Негова да биде непотребно и бескорисно, туку устроил небесни и земски тајни и ни заповедал да ги извршуваме.

Кога во Црквата на третиот ден се врши помен, ангелот чувар го олеснува маките низ кои минува душата на упокоениот поради одделувањето од телото. Нејзе ѝ станува полесно поради принесувањето во Божјата Црква, и во неа се раѓа добра надеж. Тогаш душата се вознесува на небо и се поклонува пред Бога. После ова поклонување, на душата ѝ се прикажуваат пријатните населби на светиите и рајската убавина. Сето тоа душата го гледа во следните шест дена, и Го слави Бога Творецот на светот. По навршувањето на девет дена од смртта, душата повторно се поклонува пред Бога, а Владиката на сите заповеда душата да биде одведена во пеколот, и сѐ до четириесеттиот ден да ѝ бидат покажани маките низ кои минуваат душите на грешниците. Повторно, на четириесеттиот ден душата се поклонува пред Бога, и тогаш Судијата ѝ го определува местото според нејзините дела“.

Свети Теофан Затворник

 http://koe.mk

+++

Зошто служиме помен за починатите?

Затоа што така ни е заповедано. А дека така ни било заповедано се гледа од тоа што не постои период кога во Божјата Црква не се служел помен. Значи, тоа ни е од апостолите и од Самиот Господ.

 
Невозможно е да не се тагува, таква ни е душата; но со мера. Што е поважно за човекот: телото или душата? Душата. Кога душата е жива и човекот е жив. А кога тој умира, што умира: душата или телото? Телото, а душата останува жива. Значи, умрените се живи; живи се и вашите родители. Тие само се одвоиле од вас и живеат на друго место. Таму ќе отидете и вие кога ќе ви дојде времето – и ќе се видите. Разделбата е само привремена. Затоа и велам дека невозможно е да не се тагува, но само малку. Ние ги замислуваме починатите онакви какви што биле пред заминувањето, како лежеле во сандакот... и дека се во гроб; дури и им велиме: колку ви е тесно таму, темно и влажно... А всушност, таму ги нема оние кои ги оплакуваме. Тие се на друго место, дури и покрај нас, само во потполно друг облик.
 

Плачете, солзете, нема ништо неприродно ниту недостојно во тоа. Би било чудно ако мајката не тагува заради упокоената ќерка. Но треба да се знае мерата: да не се очајува и да не се заборават оние толкувања за смртта, што ние христијаните ги имаме. Умрела! Таа не умрела, туку телото, таа е жива и живее исто како и ние, само во друг облик. Таа и доаѓа кај вас и ве гледа. И сигурно се чуди зошто вие плачете и очајувате, кога на неа ѝ е подобро. Тој облик на живот е над нашиот. Ако таа се појави и ако ја замолите повторно да влезе во тело, таа никако нема да се сложи. Зошто да ѝ се спротивставувате, да го посакувате она што таа не го сака? Каква љубов е тоа?

 
Тие се живи, и нашето општење со нив не е прекинато. Како што се молиме за живите, не правејќи разлика помеѓу оние кои одат по праведниот пат или по некој друг, така се молиме и за починатите без оглед на тоа дали тие се меѓу праведните или грешните. Тоа е долгот на братската љубов. Додека последниот Суд не нѐ раздвои, сите, живите и починатите, ја сочинуваат Црквата. И сите сме должни меѓусебно да се однесуваме како делови од едно тело, во духот на добрината и љубовта, и живите и починатите, без радвојувања заради „смртта“.

 
Свети Теофан Затворник

 

http://67.199.96.254/svetootecko-predanie.asp?id=5480