3.angeli.so.truba

За почитувањето на споменот на упокоениот

Често гледаме како роднините се трудат да го изведат погребот или да го уредат гробот што побогато. Понекогаш се трошат големи средства за подигнување на раскошни споменици. Роднините и пријателите трошат пари и на венци и цвеќиња, кои не се положуваат во гробот, за да не го забрзаат распаѓањето на телото. Некои други сакаат преку објавување на некролози во весниците да ја искажат својата почит кон упокоениот, но и сочувството за неговите роднини, иако и тој начин на искажување сочувство ја покажува нивната плиткост, а понекогаш и неискреност, затоа што оној кој вистински жали нема јавно да ја покажува својата тага, додека сочувството многу потопло може да се искаже лично.

Што и да направиме, покојникот од тоа нема да има никаква полза. На мртвото тело му е сеедно дали е положено во сиромашен, или богат гроб, раскошна или скормна гробница. На него не му мириса донесеното цвеќе, и не му се потребни неискрените изрази на тага. Телото се распаѓа, а душата живее, но веќе не го чувствува она што го чувствувала со телесните органи. За неа настапил друг живот, и мора да ѝ се понуди нешто друго.

Ние сме должни да го сториме токму тоа што неа ѝ е потребно, ако навистина го сакаме упокоениот, и сакаме да му ги принесеме нашите дарови.

Што навистина би ја израдувала душата на покојникот?

Пред сè, искрена молитва за него; лична и семејна, но и црковна молитва, соединета со бескрвната Жртва, односно спомнување на Литургија. Бројните јавувања на мртвите и различните виденија ја потврдуваат големата корист која упокоените членови на Црквата ја имаат од молитвите за нив и принесените бескрвни Жртви.

Понатаму, следното нешто што им носи голема радост на душите на упокоените се делата на милостина кои ги правиме во нивно име. Да се нахрани некој гладен или да му се помогне на некој болен во име на покојникот, е исто како да сме му го направиле тоа и нему. Преподобна Атанасија (12 април) пред смртта го заветувала манастирското сестринство 40 дни по нејзиното упокојување во нејзино име да се хранат сиромашните. Сестрите, поради невнимателност, тоа го сториле само првите девет дни. Тогаш им се јавила света Анастасија со два ангели, и им рекла:

– Зошто го заборавивте мојот завет? Знајте дека милосрдието и молитвите на јереите, кои се принесуваат за упокоената душа во првите четириесет дена, Го умилостивуваат Господа. Ако душите на покојните биле грешни, Господ ќе им подари простување на гревовите, а ако се праведни – тогаш оние кои за нив се молат, ќе бидат наградени со доброчинства.

Особено во овие наши, за сите тешки денови, неразумно е да се расфрлаат пари за бескорисни предмети и постапки, со кои би можеле, доколку ги искористиме за сиромашните, истовремено да направиме две добри дела: и на самиот покојник, но и на оние на кои би ја укажале помошта.

Неодамна, на годишницата од упокојувањето на монахињата Марина, согласно со нејзиниот завет, од доброволните прилози во соборната црква беше приготвен оброк за сиромашните. На таа трпеза дојдоа околу 150 лица, и сите беа нахранети. На тој начин навистина се сочини големо дело!

Независно од размерите на укажаната помош, зар нахранувањето макар и на неколку, дури и само еден гладен човек е мало дело? Гладниот ќе биде нахранет телесно, а упокоениот ќе биде нахранет духовно.

Свети Јован Битолски Шангајски

 

Емил Атанасов