Учете да се молите. Принудувајте се себеси на молитва. Во почетокот е тешко. Меѓутоа, колку повеќе ја засилувате, толку повеќе молитвата станува сè полесна.

Што е молитвата?
Тоа е свртеност на срцето и умот кон Бог. Молитвата е разговор на созданието со Творецот, со целосна стравопочит, а при најболната свест за сопствената слабост и ништожност, при најдлабоко покајание на срцето и цврста одлука да се измениме, со доверување во семоќната Божја помош.

Оној што не се моли од сето срце, воопшто не се моли. Срцето мора да го почувствува она што го изговара, мора огнено да копнее по она за што се моли. Внимателната искрена молитва ве соединува со Бог и ве исполнува со неговите дарови: вистина, мир и радост, смирение и љубов.........

......... Сите мои неволји се појавуваат во мојот невидлив разум и срце. Поради тоа ми е неопходен и еден невидлив Спасител, Кој го познава моето срце. Ако те мачи каква било наметлива фантазија или некое страсно движење (злоба, гнев, завист, омраза, малодушност, самољубие, самоволие или сетилни барања), бргу, во најболно самопознание обрати се кон Христос. Ако те покрива темнина, сомнеж или очај, од сесрце повикај го Неговото Име. Во Него ќе најдеш спознание, доверба и мир. А ако не сакаш да ги поднесуваш постојаните неспокојства од непријателот, секогаш во своето срце повторувај ја Исусовата молитва: ‘Господи Исусе Хрсте, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот’.

При мојата искрена молитва Господ секогаш го прогонува искушувачот, кој само преку мојата сопствена изопаченост е силен.

Против невидливиот непријател се подига невидливиот Бог, против силниот - Сесилниот. Затоа, секој момент обраќај се кон Христос и постојано мисли на Него; и ќе се спасиш и себеси и другите. Без Неговата благодатна помош ти не можеш да победиш ни една единствена страст, ни еден порок. Повикувај Го постојано. Тој дојде во светот за да нè засили во Светиот Дух, за да нè очисти и ослободи. Не губи надеж и прими го Божјиот збор во срцето: ‘Оној што доаѓа нема да го изгонам надвор’. Моли се без прекин, за душата твоја неочекувано да не падне во искушение. Вежбај се во постојаната молитва на срцето, сè додека таа не почне да работи во него дури и во сон.

~ Свети Јован Кронштатски

 

Подготви. Снежана Корнет