Преподобен Варсонуфиј Оптински

Кога ќе се разбудите, вашето прво движење нека биде знакот на крстот, а вашите први зборови – зборовите на Исусовата молитва. Кога сте во можност, говорете ја Исусовата молитва на бројаница, а кога сте зафатени со работа, без неа. Кога ќе ви се нафрлат некакви фантазии, не спротивставувајте ѝм се сами, туку фрлете со камен по нив. А каменот е Христовото Име, Исусовата молитва...Да се истераат помислите не во ваша моќ, туку да не се прифатат: ги изгонува Исусовото Име. Кога понекогаш молитвата не е со внимание, кога е расеана, не треба да се паѓа со духот. Во времето на молитва, нашите усни се осветуваат со Името на Господа Исуса Христа. Постојано се држите до Исусовата молитва: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот? Исусовото Име ги руши сите демонски напади. Тие не можат да ја победат силата на Христовото име. Зошто и како се случува тоа, ние не знаеме. Знаеме само дека во реалноста навистина е така.
„Ако некој не се соедини со Господа Исуса тука, никогаш со Него нема да се соедини“, вели преподобниот Симеон Нов Богослов.
Постојат смртни гревови, а ги има и такви кои тоа не се. Смртен грев е оној за кој човекот не се кае. Се нарекува смртен, затоа што душата по телесната смрт оди во адот.
Секој човек мора да поднесе времиња на искушенија и на борби – тешка и многу болна состојба. За тие неволји во псалмот се вели: „Ме зафатија болки, како на онаа која се породува“. Секој човек кога се раѓа духовно во нов живот, поднесува болки, додека сеуште не излезе на широчина. Тие „болки“ се всушност борбата со страстите. Ќе се накренат страстите против вас. Непријателот нема да ве остави. Тука е неопходно трпение. Треба да се поднесуваш самиот себеси и да не го одложуваш оружјето, знаејќи дека тоа е неминовно.
Постојаните невољи испратени на човекот според Промислата Божја, се знак на особена Божја промисла за нас. Целта на тие неволји е различна. Тие се случуваат или поради отсекувањето на злото, или заради вразумување, или заради поголема слава во идниот живот, или пак, како казна за порано направените гревови. Сите имаат свој крст.


На секое едно добро дело, или му претходи или накнадно му следува искушение. Во налетот на искушението потребно е да си кажеме самите на себе: „Навистина сите тие невољи ги заслужувам. Значи сите тие се неопходни за да ме исчистат од страстите, а најнапред од гордоста“.
Не е доволно само да ги поднесуваме искушенијата, потребно е да се погрижиме за тоа да не се огорчиме на оној што не нажалува. Неволјите секогаш ќе ги има, но внатрешната состојба на човекот ќе биде поинаква. Иако ќе има жалост, оној кој ја задобил внатрешната молитва, лесно ќе ја поднесе, зашто Христос ќе биде со него. Тој ќе го исполни срцето на подвижникот со неискажана радост. И токму таа радост во Господа нема да може да ја совлада никаква жалост. Кога ве вознемируваат помислите на страв од искушенијата кои ве очекуваат, не треба да водите разговор со нив, но едноставно кажете:„ Нека биде Божјата волја!“ Тоа мошне ќе ве успокои.

 

 



Превод; сестринство при метохот

Извор: фб профил на

МАНАСТИР СВ.ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ