Во скитот на Св. Василиј, живеел старецот Теофилакт, кој бил многу побожен и голем борец. Секој што го познавал ја потврдувал неговата светост зашто, колку и да се трудел старецот да го сокрие своето искуство, тоа не му успевало секогаш. Отците често го затекнувале во состојба на духовно созерцание. Тој имал двајца ученици, отецот Арсениј и отецот Памфил. Бил голем Христов „борец“, и се одликувал со голема побожност и покајание, поради што му било тешко да се моли со други луѓе. За да ги спречи луѓето да ги слушнат неговите воздишки и да ги видат неговите солзи, коишто не можел да ги задржи, често ја напуштал службата и се искачувал на карпите или влегувал во пештерите, и се враќал дури наутро. Тој водел многу духовен живот, но своите добродетели ги градел невидливо, бидејќи бил многу скромен.



Еднаш, во една зимска ноќ, кога пак излегол на карпите да ја заврши службата, наеднаш почнал да паѓа снег. Отците се загрижиле кога наутро не го виделе старецот и отишле да видат да не е некаде завеан. Барајќи го, забележале нешто како се црнее на една карпа и се упатиле кон неа. Тие многу се вознемириле кога го виделе старецот сосема неподвижен, зашто помислиле дека замрзнал. Кога му пришле, ја почувствувале топлината на неговото тело, а сиот снег околу него бил стопен од неговата огнена молитва. Старецот станал свесен за нивното присуство дури откако се повратил од состојбата на духовно созерцание, односно откако неговиот ум од Рајот се вратил во Градината на Пресвета Богородица.

Пустинските отци го знаеле старецот Теофилакт како отец кој негува будност и духовна трезвеност, и многу го почитувале. Непријателските демони, меѓутоа, му завидувале. Бидејќи станал пријател на ангелите и бил вознесен на Небото, тие се обидувале на секаков можен начин да го вознемират за време на неговата молитва, додека бил вознесен во божествено созерцание, но никогаш не успеале во својата намера.

Всушност, еднаш додека тој бил во состојба на созерцание во скитот на св. Василиј, демоните го преместиле физички во скитот Кавсокаливија, за да го одвратат од молитвата, но повторно не им успеало.

 

Старците од оваа област велеле дека старецот Теофилакт бил голем пријател дури и со дивите животни, кои ја чувствувале неговата љубов и кои доаѓале до неговата колиба кога имале некаква мака. Еден елен, со скршена нога, дошол до колибата на старецот, завивајќи од болка и ја испружил скршената нога кон старецот. Тој му дал малку двопек да јаде додека да припреми две штички од дрво за да му ја прицврсти скршената нога, а потоа му рекол на еленот:

„Оди си по својот пат, и врати се за недела дена за да ти ја погледнам ногата.“

Добриот старец разговарал со животните како што лекар разговара со своите болни пациенти, бидејќи тој станал Божји човек! Нека неговиот благослов и благословите на сите праведни отци бидат врз нас.

По молитвите на Богородица и на нашите праведни атонски отци, Господе Исусе Христе, помилуј нè. Амин.

 

Извор: Бигорски манастир