ОД СВЕТИ АМФИЛОХИЈ ЗА ИЗБЕГНУВАЊЕ НА ОЧАЈАНИЕТО

10. На една девојка, по име Таисија,и умреле родителите, и останала сираче. Таа ја претворила својата куќа во конак за отците од Скитот, долго време примајќи ги и гоштавајќи ги. Меѓутоа, кога потрошила се што имала, почнала да живее во сиромаштија. Тогаш и пристапиле изопачени луѓе и скршнала од правиот пат. Оттогаш живеела грешно и почнала дури и да блудничи.
Дознавајќи за реченото, отците многу се нажалиле, го повикале ава Јован Колов и му рекле: „Слушнавме дека таа сестра живее во грев. Таа, додека беше во можност, покажуваше љубов кон нас. И ние сега треба да и помогнеме како што можеме. Оди кај неа и со мудроста, што ти ја подарил Бог, погрижи се да се поправи."
Старецот отишол кај неа. На старицата што ја чувала вратата тој и рекол: „Кажи и на својата господарка дека стигнав." Таа, пак, бркајќи го, говорела: „Вие порано и зедовте се што имаше и сега е сиромашна." Старецот бил упорен. „Кажи и дека ќе и бидам од голема корист." Старицата се качила и и соопштила на девојката за старецот. Сослушувајќи ја, таа и рекла: „Тие монаси постојано шетаат околу Црвеното море и наоѓаат бисери." Тогаш се променила, седнала на креветот и и рекла на вратарката: „Доведи го ваму."
Влегувајќи, ава Јован седнал покрај неа и, гледајќи ја во лицето, и рекол: „Што те наведе да се одрекнеш од Исуса и да дојдеш во оваа состојба." Кога ги слушнала тие зборови, таа почнала да се смее. А старецот, наведнувајќи ја главата, почнал горко да плаче. „Аво, зошто плачеш", - го прашала таа. Тој малку ја подигнал главата и, повторно наведнувајќи ја, рекол: „Како да не плачам кога го гледам сатаната како игра по твоето лице." „Постои ли покајание, аво", - прашала девојката. „Да", - одговорил старецот. А таа додала: „Носи ме каде што сакаш." „Ајде", - рекол старецот. И таа веднаш станала и тргнала по него.
Старецот забележал дека не оставила никаква заповед за куќата и се воодушевил. Додека се приближувале до пустината се стемнило. Старецот и подготвил место за одмор, го прекрстил и и рекол тука да спие. Потоа, малку подалеку, подготвил и за себе. Откако завршил со молитвите, тој легнал. Околу полноќ тој се разбудил и видел нешто како светлосен пат што тргнувал од кај неа и завршувал на небото, и видел Божји ангели како ја носат нејзината душа.
Тој станал, се приближил до неа и ја допрел со ногата. Кога сфатил дека е мртва, клекнал, допирајќи ја земјата со лицето и му се молел на Бога. И слушнал глас што му зборувал дека еден час од нејзиното покајание бил поприфатлив од покајанието на многу други, кое трае долго време, но не го поседуваат.

 

Извор:

ДОБРОСЛОВ

прв том

Охрид 2011, Издавачка установа „Канео“

Главен и одговорен уредник Митрополит Тимотеј

(Книгата е во продажба: во Охрид, во Дебарско - кичевска епархија; во Скопје, во Архиепископија)

 

НЕКОЛКУ ЗБОРОВИ ЗА „ДОБРОСЛОВ"

ДОБРОСЛОВ (Евергетинос) е зборник на светоотечки поучни текстови, составен во XI век од монахот Павле, ктитор на манастирот „Пресвета Богородица Евергетида (Добротворка)", кој се наоѓал надвор од ѕидините на Цариград (околу 3 километри западно од Силивриската порта, што се наоѓа близу до Белградската врата, западно од манастирот „Богородица Живоносен Извор", денес познат како „Балаклија").
Павле, наречен и „Евергетинос" или „Евергетинец", потекнувал од угледно и богато цариградско семејство; имал солидно образование и бил добро ситуиран материјално. Во своите зрели години, како што кажува неговиот биограф и наследник Тимотеј (во ктиторскиот Типик), „поттикнат од љубовта кон добродетелите, кои многу ги сакал, и сметајќи ја исихијата (тихувањето) за подрагоцена од се, ранет од топлата божествена љубов и придвижуван од Божествениот Дух, го напуштил Царскиот велеград (Цариград) и својата татковина, и родителите, и останатите роднини, пријатели и познати, и богатството, и се земно, што може да ја зароби душата козмољубива (светољубива)", и заминал во самотија на имот од своите родители (во полето надвор од градските ѕидини, каде што имале земјоделска куќа) и таму го започнал своето монахување. Тоа било на 2 јуни 1049 година. Таму основал мал манастир, посветен на Пресвета Богородица Евергетида - Добротворка. Во почетокот имал само мала црква и неколку келии. Кај Павле, во новооснованиот манастир, набрзо дошле неколку монахољубиви души, меѓу кои бил и Тимотеј, првиот негов ученик и наследник, кој подоцна станал „втор ктитор", зашто го проширил и зголемил стариот, и изградил голем манастир, со нова голема црква и со сите други потребни градби, снабдувајќи го и со напишан ктиторски Типик, кој ги содржи основните податоци за првиот ктитор Павле Евергетидски. Во овој манастир, „Пресвета Богородица Евергетида", во крајот на XII и почетокот на XIII век, често навраќал и престојувал свети Сава Српски, прво како Хилендарски монах, а потоа како архиепископ Српски, духовно хранејќи се во него, но и ги нахранувал со својата духовност и неговите жители. Тамошните монаси ги поттикнувал во ревноста да останат верни на Православието, за време на тогашните латински крстоносни окупации на Цариград. Според овој манастир свети Сава го нарекол и татковиот манастир во Студеница, посветен на Богородица Добротворка - Евергетида, бидејќи двата манастири се посветени на Успението на Пресвета Богородица (како што пишува во Студеничкиот Типик).
Монахот и подвижникот-исихаст Павле поживеал во својот Евергетидски манастир пет години и, предавајќи му го, уште за време на својот живот, игуменството на својот ученик Тимотеј, се упокоил во Господа на 11 април 1054 година (воманастирскиот Типик, споменот му се слави на 16 април, заедно со Тимотеј: „Заедничко спомнување /празнување/ - τα ανημόσυνα - на преподобните отци наши и ктитори: монах кир Павле и монах кирТимотеј").

 

 

Подготви: А.Т.