Праведниот човек и денешницата...

Кога некој е чувствителен, а се наоѓа во сурово окружување што му го загорчува животот, како да издржи? Или треба да пцуе, или нешто слично, или да си замине. Но не може ни да си замине зашто мора да живее од нешто. Газдата му вели:
„Имам доверба во тебе затоа што не крадеш. Но, сепак, меѓу она доброто треба да ставиш и нешто скапано. Меѓу добрите бали со сено, ставај и по некоја скапана!“ Го поставува за шеф за да го задржи, но треба да работи како што му вели газдата за да не го избрка од работа. После овој кутриот повеќе не може ни да спие, почнува да пие таблети. Знаете ли што трпат овие кутри луѓе? Со какви тешкотии, со какви принуди од страна на своите газди се соочуваат многумина на работа. Им го загорчуваат животот. Да ја напуштат работата?
Имаат семејство. Да останат? Проблеми. Ни напред, ни назад; и едниот и другиот пат се тесни. На човекот му доаѓа да пукне од мака. Трпи, се бори.
Додека некој ја извршува целата работа, неговиот колега доаѓа само за да земе плата. Познавам човек кој беше директор. Кога се смениле работите, и него го смениле. Поставиле друг што бил од нивната партија, а кој немал завршено ни средно училиште. Го поставиле за директор, но тој не знаел ништо за работата, па така, ни претходниот не можеле да го постават на некое друго место. Значи, што направиле? Во иста канцеларија ставиле уште една работна маса! Работата ја завршувал стариот директор, а новиот седел; цигари, кафе, разговори... Безобразлук!
Овој уште не бил ни многу бистар и паметен, зборувал сѐ што ќе му паднело на памет, а одговорноста, пак, ја понесувал стариот директор. На крајот, кутриот, бил принуден да си замине. „Можеби треба да одам на друго место. Просторов е мал; нема место за две работни маси. Подобро е ти да останеш овде“, му рекол, станал и си заминал затоа што му го загорчил животот. Тоа не било само еден или два дена. Секој ден да имаш таков човек над глава тоа е вистинско мачеништво!
Праведниот човек, обично, го туркаат на последно место или, дури, му ја одземаат положбата. Постапуваат неправедно кон него, го газат, - „газат преку лешеви“,
- не се вели ли така?
Но, колку повеќе луѓето го туркаат надолу, толку повеќе Бог го подигнува, како плута. Потребно е многу трпение. Трпението разјаснува многу работи. Оној што сака да живее добродетелно и да биде чесен во својата работа, без разлика дали е работник, трговец или нешто друго, треба да има предвид дека кога ќе почне да работи ќе дојде до ситуација да не може ни да плати данок, ако има продавница, за да ја добие Божјата благодат. Само тоа не треба да го прави со цел:
„Ако дојде до тоа, подоцна ќе имам муштерии!“
Во тој случај Бог нема да му помогне. Но кога ќе рече:
„Ќе живеам според Бога, нема да правам неправди, ќе кажам дека ова чини педесет денари, а она двеста денари“, Бог нема да го остави. Меѓутоа, некој друг она што го продава за педесет, тој ќе го продаде за петстотини денари, и ќе се збогати.
Но на крај, овој лажго ќе дојде во ситуација да не може да ги плати даноците, и ќе ја затвори продавницата, затоа што луѓето сето тоа ќе го почувствуваат. Спротивно на тоа, овој чесен човек не ќе може да се снајде во продавницата од многу работа, поради муштериите што ќе ги има; ќе вработи и помошник!
А во почетокот ќе има искушенија. Кога добар човек прима искушенија од рацете на злобните тоа е како да поминува низ чешларница.
Бог не ги благословува делата на оној што соработува со ѓаволот, со злото. Сѐ што прават луѓето во зло, не напредува. Може само да изгледа дека напредува, но на крајот ќе се урне. Најважно е да се побара Божји благослов за сѐ што се работи.
Бог е на страната на праведниот човек.
А кога има уште и малку смелост пред Бога, тогаш се прават чуда. Кога некој живее според Евангелието, стекнува право на Божја помош. Чекори со Христа. Што можеш?
Има право на тоа. Суштината е во тоа.
Повеќе не треба да се плаши од ништо. Она што е важно е тоа дека Христос, Богородица и светителите се успокојуваат поради сите наши дела и тогаш ќе го имаме Божјиот благослов, и благословот на Богородица и на нашите светители, а Светиот Дух ќе живее во нас.
Чесноста е повозвишена од чесниот крст. Ако некој не е чесен, а има чесен крст, како да нема ништо. А ако некој нема чесен крст, но е чесен, добива Божја помош.
А ако има уште и крст, тогаш....!

Старец Пајсиј Светогорец+

 

Извор: ФБ профил на Православен Источник Гевгелија‎

21.07.2018 лето Господово