Кога ќе посакаш да правиш добро дело, најпрво да се подготвиш себеси за соочување со искушенијата, кои ќе дојдат против тебе. Бидејќи непријателот (ѓаволот), кога ќе види дека некој почнува со топла вера еден богоугоден живот, обично го подложува на различни и страшни искушенија, та од нив да се расколеба човекот, и да ја остави добрата намера. И Бог допушта да паднеш во искушение и да затропаш упорно на портата (на милоста) Негова и за да го вкорениш во умот, поради стравот од тагите… споменот за Него, и за да Му се приближуваш со молитвите, така што да се освети твоето срце од непрестајното Негово спомнување. И кога Го повикуваш, ќе те услиша. И ќе дознаеш така, дека Бог е Оној Кој те избавува. И тогаш ќе го почувствуваш присуството на Оној Кој те создаде и те укрепува и те заштитува.

Бидејќи покровот и промислата Божја ги прегрнува сите луѓе. Но не е видлива, освен за оние кои се очистиле себеси од гревот и се постојано прилепени кон Бога. Особено се открива кон нив помошта и промислата Божја, кога влегуваат во големи искушенија заради вистината, бидејќи тогаш се чувствуваат многу чисти со чувството на умот.

Некои, кои ја видоа (помошта) и со нивните телесни очи, зависно од искушенијата, и на тој начин се уверија во Божјата поддршка, придвижувани од неа на благородни дела, како што читаме за Јаков и Исус Навин и трите Отроци и апостолот Петар и другите светии, кои се подвизуваа за Христа.

За нив (божествената помош) беше очигледна, имајќи човечки лик, давајќи им храброст и подготвувајќи ги за борбата на благочестието. Но и на отците кои живееја во пустината и ги изгонија од таму демоните и станаа живеалишта на ангелите, и ним им се појавуваа постојано светите ангели и на секој начин им помагаа и ги поддржуваа во сè, и ги застапуваа и ги избавуваа од искушенијата, кои дивите демони ги предизвикуваа. Но и до денес не се оддалечува помошта Божја од луѓето кои целосно се посветиле на делата коишто Нему Му се благоугодни, туку се наоѓа во близина на сите, коишто Го призиваат.

Превод од грчки јазик:

Свештеник Јани Мулев

Изворник:

Αββά Ισαάκ του Σύρου,

ΘΕΛΕΙΣ ΝΑ ΚΑΝΕΙΣ ΤΟ ΚΑΛΟ;

ΕΤΟΙΜΑΣΟΥ ΓΙΑ ΠΕΙΡΑΣΜΟ

 

Извор: https://crkvaveles.wordpress.com/2013/10/08/podgotvi-se-za-iskushenie/