Слово за подвижништвото, разделено на сто енергични глави, исполнети со знаење и со духовно расудување од блажениот Диадох, Фотичкиот епископ од древниот Илирски Епир



97.  Непрестајното спомнување на Господа и постојаната молитва, заедно со пазењето на умот – единствено средство за очистувањето на срцето.



Кога срцето ги прима демонските стрели со болка што пече, така што човекот чувствува и мисли дека стрелите ги носи во себеси, - тоа е знак дека неговата душа искрено почнала да ги мрази страстите. Тоа е почетокот на очистувањето. Зашто, ако не ги претрпи болките, големите болки од бесрамноста на гревот, душата не ќе може потоа да се израдува силно за благотворноста на правдата.  Според тоа, оној што сака да се очисти од страстите, да го исчисти своето срце од гревовите, треба да ја загрева со непрестајна молитва и постојано спомнување за Господа Исуса Христа – тоа да ѝ биде предмет на размислувањето за Бога и непрестајно духовно дејствување. Оној што сака да го отфрли од себеси товарот на гревовите треба да се моли непрестајно; не може еднаш да се моли, а другпат не. Треба при молитвата да го пази бодар својот ум, макар да живее и многу далеку од молитвените домови. Зашто како оној што се зафатил со чистење на злато, ако само на кратко ја остави печката без оган, и она што било очистено пак се стврднува; така и оној што понекогаш само си спомнува за Бога, а понекогаш не го прави тоа, она што го придобива со молитвата, го губи кога престанува да се моли. Но, оној што вистински ја засакал добродетелта постојано размислува за Бога и со тоа го одуховува своето земно срце, па така, на тој начин при постепеното испарување на она што е лошо под дејството на огинот на доброто паметење, душата со целосна слава се издигнува кон својата природна пресветла озраченост.




Изворː ДОБРОТОЉУБИЕ, Том III.

 

За Преминпортал

Подготви: Светланка Трајчева 

17-ти април 2018 лето Господово

 

Друго:

  • Поуки од Светите Отци