претходно: прв дел | втор дел

Излекувањето на фатениот во Капернаум

Излекувањето на фатениот во Капернаум

12. Сега треба да го разгледаме и да го разбереме и она што се однесува на смртта на телото. Што е нејзината причина? Бидејќи Бог, Самиот Живот (αὐτοζωὴ ὢν), потполно Живот (ὅλως ζωὴ) и Причина за секаков вид живот (ζωῆς παντοίας αἴτιος), било во времето (τῆς ἐν χρόνῳ) или во вечноста (τῆς ἐν αἰῶνι), а особено оној бескрајно божествен (ἀδίου καὶ θεοειδοῦς), не ја создал ни оваа смрт. Бог, значи, ниту ни ја дал, ниту ја создал, ниту пак, наредил да настане. Но, ако Бог не ја создал ни таа смрт и ако Тој не е причината за телесните болести, од каде тогаш кај нас телесните немоќи и болести? И, од каде воопшто смртта на телото? Од каде самата смрт? Слушнете внимателно и разберете – духовната змија (Ὁ νοητὸς ὄψις), која е началник на злото (ἀρχέκακος), откако на самиот почеток се дрзна кон злото, со тоа се лиши од добриот и вистински живот (τῆς ἀγαθῆς καὶ ὄντος ζωῆς), и со право била изгонета од него, бидејќи прва се оддалечи од него. И така, таа стана мртов дух, но не по суштина (οὐ κατ’οὐσίαν), зашто умртвеноста нема своја суштина, туку поради отфрлањето на вистинскиот Живот. Не наситувајќи се од сопствената жед за злото, таа стана дух што со измама ја носи смртта, уви, и на тој начин и човекот го направи соучесник на сопственото умртвување.

13. Станувајќи – спротивно на волјата на Творецот – истомисленици (Ὁμονοήσαντες) со сатаната и соблекувајќи ги од горе озарените, светли и животворни одежди, прародителите на нашиот род, уви, и самите станаа духовно мртви, како што е сатаната. Бидејќи сатаната не беше само мртов дух, туку и дух што ги умртвува и оние што му се приближуваат, како учесници во неговото умртвување имаат тело преку кое смртоносниот совет е спроведен на дело; а штом нивниот дух умре и стана извор на смрт, умртвеноста премина и на нивното тело.

Човечкото тело веднаш би се распаднало и би се претворило во земја да не му беше – со Промислата (προμηθείᾳ) и силата (δυνάμει) на Оној Кој со Своето слово држи сѐ (τοῦ ρήματι μόνῳ τὰ πάντα φέροντος) – одложено исполнувањето на пресудата. Он, како што рековме претходно, ја задржа и ја одложи пресудата за смртта на телото, и со длабочината на Својата мудрост и човекољубие тогаш нејзиниот исход така го подготви, што нејзиното исполнување во иднина го зачува за Него. Он не му рекол на Адама: „Бидејќи јадеше од дрвото, од коешто ти забранив да јадеш, врати се таму од каде што си произлегол“, туку, заокружувајќи го оној живот, го разоткрил и уште рекол: „Бидејќи си земја и во земја ќе се вратиш“, не наредувајќи (προ-στάσσων) со тоа, туку претскажувајќи (προ-αναγγέλων) и допуштајќи, и со право не спречувајќи го она што требаше да се случи.

Гледате ли дека ниту телесната смрт не потекнува од Бога, туку од гревот и од душата што му се потчинила на гревот, и од змијата што нѐ улови со измама? Според тоа, и телесните болести потекнуваат од гревот.

14. Затоа и првиот човек што имал болно тело бил Каин, чие тело постојано се тресело, откако заболел како последица на гревот. Имено, грчевите што лекарите ги нарекуваат спазми (σπασμὸν), претставуваат несакани движења во оние делови на телото што треба да ги соединат и да ги усогласат членовите на телото. Таквата состојба, која настанува поради недостаток на природни течности во телото, не ја прифаќа ниту лекарската вештина, ниту дозволува целосно лекување. Тогаш Каин на лош начин ја раскина врската што по природен пат го соединуваше со својот роден брат, претворајќи ја љубовта во омраза, која потекнува од завист, а завршува со убиство. Поради тоа, гаснењето на братската љубов, кое потекнува од зависта и кое содејствувало со таа страст, е казнето со неизлечива болест, што ги зафатила нервите и мускулите што го поврзуваат телото.

 

15. Дали сега јасно гледате дека од гревот не потекнува само смртта, туку и болестите и немоќите на телото? Тоа ни го покажува и Господ во Евангелието, кога имал намера да го излекува раслабениот во Капернаум, кој го донеле кај Него четворица, и кога му рекол: „Чедо, ти се простуваат гревовите твои“10, нагласувајќи ги почетокот и причината за појавувањето на болеста, и тогаш извршувајќи го исцелението. На оној, пак, што лежел во овчата бања во Ерусалим му вели: „Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо!“11 И Павле, знаејќи го ова, дека повеќето болести потекнуваат од гревот, зборува за оној што недостојно пристапува кон Светата Трпеза12 и вели дека таквиот човек си ја јаде и пие сопствената осуда, додавајќи: „Затоа меѓу вас има многу немоќни и болни, а мнозина и умираат“13. Но, и неволјите од смртна природа, од коишто произлегува секоја болест, секако, потекнуваат од гревот. Ретки се оние што страдаат заради славата Божја, како оној што се родил слеп и кој бил исцелен од Господа.

16. Впрочем, човекољубието на Богоносните Отци наши – бидејќи од четирите годишни времиња најопасно по нашето здравје е летото, а меѓу летните месеци особено август, затоа што нашиот организам, загреан и воспален од зголемената топлина на макар еден или два од елементите, кој се разлева низ сето тело, та меѓу останатата штета, причинува и болести, затоа човекољубието на Светите Отци, како што кажав претходно, знаејќи дека тоа време е штетно по здравјето, зашто нѐ напаѓа со болести, востановило да го извршуваме ова прскање со осветена вода, за пристапувајќи со вера и така осветени, да останеме недопрени од болестите што нѐ напаѓаат поради гревовите наши. Исто така, тие нѐ учат: ако некого го снајде некоја болест, тој да не трча кај врачари и гатачи, туку да прибегне кон Бога и застапништвото на Неговите свети, да посегне кон молбите, прозбите и молитвите посветени Нему, коишто ние преку целиот живот и ги принесуваме за нас. Оние што прибегнуваат кон врачари и гатачи, на тој начин го порекнуваат постоењето на Бога и застанувајќи во ист ред со демоните, ги умртвуваат своите души; а си навлекуваат и неизлечиви болести, та ја пожнејуваат и смртта.

Кога се разболел Охозиј, синот на Ахаав, испратил некои од своите луѓе да дознаат за неговата болест кај божеството во Акарон, чии жители биле идолопоклоници и оделе кај бајачи и јасновидци. А пророкот Илија, излегувајќи им во пресрет на поклониците, им рекол: „Зар во Израил нема Бог, та сте тргнале да го прашате Веелзевула, акаронското божество?“ Затоа вака вели Господ: ’Од постелата на која си легнал, нема да станеш, туку ќе умреш‘“

17. Гледате ли дека оние што сакаат да дознаат или да им се случи нешто од врачари и гатачи, со самото тоа одрекуваат дека Бог постои меѓу нас и затоа ја навлекуваат на себе, секако, смртта на душата, а понекогаш и смртта на телото? Оној, пак, кој во неволји и болести прибегнува кон Бога и Неговите светии, ако му помогне тоа, се избавува и од телесните неволји и од болестите, секогаш здобивајќи се и со душевно здравје и простување на гревовите. Тоа го вели и Христовиот апостол и брат Јаков: „Болен ли е некој меѓу вас, нека ги повика свештениците црковни, та да се помолат за него и нека го помажат со елеј во името Господово. И молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене; и гревови, ако направил, ќе му се простат“. И вие самите треба со вашето преобразување, исповедање, давање милостина и други дела на покајание да им содејствувате на молитвите што се читаат за вас, зашто „голема сила има усрдната молитва на праведникот“1

18. Сите ние, ослободени од душевните и телесните беди, живеејќи во трезвеноумие, со лесно да го поминеме патот на овој живот, а откако ќе го поминеме, во погодно време да станеме учесници и на вечниот, блажен и непропадлив живот, кој е совршено бестрасен и благопријатен, во Самиот Христос, Лекарот и Бог на нашите души и тела, Кому Му приличи секоја слава, чест и поклонение, заедно со Отецот и Светиот Дух во веки веков. Амин.

Св. Григориј Палама

10 Мт. 9, 2. 11 Јн. 5, 14. 12 Причеста (заб прев.). 13 1 Кор. 11, 30. 14 4 Цар. 1, 3–4. 15 Јак. 5, 14–15. 16 Јак. 5, 16. —

Извор: Списание „Премин“, двоброј 125/126 превод од средновековен грчки јазик: Кристијан Ташевски Преведено според изворниот текст на средновековен грчки јазик, кој се наоѓа во изданието: Γρηγορίου τοῦ Παλαμά, Ἅπαντα τὰ Ἔργα 10, Ὁμιλίες (ΚΑ‘-ΜΒ‘), Ἔλληνες Πατέρες τῆς Ἒκκλησίας, Πατερικαί Ἐκδόσεις „Γρηγόριος ὁ Παλαμάς“, Θεσσαλονίκη, 1985. /крај/

Извор: http://pravoslavie.mk. Прочитајте повеќе на: http://pravoslavie.mk/telesnite-bolesti-poteknuvaat-od-grevot/ .