Кој нема да се расплаче и кој нема да се ожалости, кој нема да се исплаши од тоа – што Господарот на вселената, и Он Самиот и преку Своите слуги, преку пророците и апостолите, проповеда и извикува, но нема кој да Го чуе и да Го послуша. Господ велиː „Ете, приготвив јадење ... сè е готово; дојдете на свадбата“ (Матеј 22,4). Младоженецот во целата Своја слава и величественост седи на свадбената трпеза и со радост ги прима оние што доаѓаатː вратата е отворена и слугите ги примаат со најголема љубезност. Брзајте додека вратата не е затворена; побрзајте навреме да влезете, инаку ќе останете надвор и никој не ќе може да ве воведе. – И сепак никој не може да ја сфати оваа и ваква положба и никој не се грижи; мрзливоста и грижите на овој свет го врзале како со вериги нашиот ум. Зборовите на Светото писмо правилно ги пишуваме и правилно ги читаме, но не сакаме правилно да ги чуеме и да ги послушаме затоа што не сакаме да го исполниме она, што ни се заповеда во нив.


Вратата на покајанието е отворена, грешнику, потруди се да влезеш низ неа, додека не биде затворена. Таа нема тебе да те чека кога ќе дојде времето да биде затворена, Оној што ќе дојде, ќе те најде безгрижен и без работа. Зашто, човеку, својот живот го мразиш? Има ли нешто друго што ти е толку важно? Што ти е поважно од твојата душа? Но, ете, грешнику, ти токму неа ја занемаруваш. Возљубен, не знаеш во кој час ќе дојде Небесниот Лекар и кога ќе заповеда да се затвори вратата на духовната болница. Он сака со твоето покајание да ги израдува небесните војски. Сонцето е веќе близу до својот залез; се задржува, тебе те очекува – и ти да стигнеш до својот дом.
Како што понекогаш, среде ноќ, кога луѓето се наоѓаат во длабок сон, одеднаш од небото слушаме страшни грмотевици, гледаме ужасни секавици и чувствуваме потресен земјотрес, се будиме престрашени од сон, така ќе биде и во оној час, слично на брза молња, која ја престрашува сета земја, така ненадејно ќе затруби небесната труба и ќе ги разбуди оние што спијат, а умрените ќе ги воскресне и „силите небески ќе се расклатат“ (Матеј 24,29), сета земја ќе се поколеба како водата во морето пред лицето на Божјата слава, зашто страшен оган ќе оди пред Неговото лице, чистејќи ја земјата од беззаконијата што ја осквернуваат; пеколот ќе ги отвори своите вечни врати, смртта ќе биде уништена, а изгниениот прав на човечката природа ќе го чуе трубниот глас и ќе воскресне – ќе оживее. Тогаш праведниците ќе се зарадуваат и преподобните ќе се развеселат; совршените подвижници ќе бидат утешени за своите трудови; мачениците, апостолите и пророците ќе бидат овенчани. Блажен е оној човек што во тој час ќе се удостои да биде грабнат на облаци,за да се сретне со Господа во воздухот и секогаш да биде со Господа (сп. 1. Сол. 4,17). Како што оној што добил овде духовни крила со кои ќе може да се издигне во горниот свет; како што оној што го очистил својот ум – ќе може таму да ја види славата Негова; со каква мерка Го возљубил некој Бога во овој свет, со таква љубов ќе се издигне кон Него таму.


Си спомнав јас за тој час и целиот се потресов; помислив за тој страшен ден – за Страшниот суд – дојден во ужас; помислив за веселбата во рајот и почнав да воздивнувам и да плачам. И плачев сè додека не останаа во мене сили и додека не можев повеќе да плачам. Плачев затоа што во мрзливост и расејаност ги проживеав сите мои денови, што во нечистотија изминаа сите мои години, и што не сфатив и не почувствував како изминаа и како одлетаа; се намалија моиве денови, а се умножија моите беззаконија. Тешко ми мене! Што ќе правам во оној час кога ќе бидам заобиколен од моите познати, кои, кога ќе ме видат во таква лоша состојба, ќе се разбегаат од мене; тие ме сметале за блажен, зашто не гледале дека сум преполн со беззаконија и нечистотија и не знаеле дека сум Го заборавил Господа, Кој ги испитува срцата и утробата. – Таму е вистинскиот и жален срам; него ќе го почувствува оној што таму ќе се посрами. – Ти се молам и Те преколнувам, Човекољубив и Благ Господи, биди милостив спрема мене, не ставај ме од Твојата лева страна со козите, кои премногу Те огорчувале и немој да ми речеш дека не ме познаваш, но, по Твојата преголема милост, подај ми непрестајни солзи, дај му скрушеност и смиреност на моето срце и очисти го, за да станам храм на Твојата благодат.

Подготви: Т.С

17-ти февруари 2017 лето Господово