ioann

Бог е Света Троица. Троица Единосушна и неразделна. Единосушна, т.е. со иста суштина, иста природа. Троица неразделна: никогаш Синот не се одвојувал од Отецот, или Духот Свет од Отецот или од Синот, и никогаш не се дели.

Отецот, Синот и Светиот Дих не се три бога, туку еден Бог, бидејќи се иста природа, но и не само поради тоа. И луѓето имаат иста природа, иста суштина. Но за луѓето не може да се каже дека  двајца или тројца се ист човек, колку и да се меѓусебно блиски и обединети. Луѓето имаат не само посебни тела, туку секој има и своја волја, свој вкус, свое расположение. Колку понекогаш и да си наликуваат телесно и по карактер, сепак, не се случува да им е сѐ заедничко, сѐ да им е подеднакво.

А кај Трите Лица на Света Троица сѐ е заедничко. Безграничната љубов на Отецот кон Синот, на Синот кон Отецот и истата љубов помеѓу Нив и Светиот Дух, ги врши со заедничката Нивна волја сите Нивни дела. Тие имаат иста (една) волја, Тие сѐ извршуваат заедно. Од она од кое се одвраќа Духот Свет, се одвраќа и Отецот. Тоа што го сака Синот, го сака и Отецот и Духот Свет.

Сѐ од Света Троица се случува заедно. За создавањето на светот во Библијата е речено: „И рече Бог: нека биде светлина. И би светлина.“ Што значи „рече“, т.е. рекол? Тоа значи дека Бог Отец создавал со Своето Слово, со она Слово за Кое зборува Евангелието: „Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото“, и Кое е Единородниот Син.

Сѐ твореше Бог Отец со Светото Слово, поинаку речено, сѐ извршуваше низ Својот Син. Отецот не твори ништо без Синот, како што ни Синот ништо не твори без Отецот. На Отецот и Синот секогаш им содејствува Светиот Дух. За создавањето на светот во Библијата е речено: „И Духот Божји лебдеше над водата“. „Лебдеше“ над созданието, не стоеше просто над него – збор за кој нема потполно соодветен израз во старословенскиот јазик, а кој во еврејскиот оригинал значи „покриваше, загреваше“, како кога носилка, лежејќи над јајцата, ги оживотворува со својата топлина, та потоа излегуваат живи битија.

„Преку словото на Господа се зацврстија небесата, и преку Духот на устата Негова – сите сили нивни“ (Пс. 32, 6). Сѐ што постои, е создадено од Бог Отецот низ Синот, и во постоење е приведено од Духот Свет. Поинаку речено, сѐ што посака и сакаше Отецот, веднаш се исполни и се исполнува од Синот и се одухотворува со Светиот Дух. Така беше создаден светот, така сѐ се случило во промислата Божја за светот и човештвото.

За да го спаси човекот, кој преку првородниот грев отпадна од Бога и стана смртен, по предвечниот Совет на Света Троица, покорувајќи се на волјата на Отецот, Синот Божји слезе на земјата, се роди со дејството на Светиот Дух од Секогашдева Марија, им го објави на луѓето Вистинскиот Бог Отец и Неговата Божествена волја, ги поучи на вистинското почитување на Бог, пострада поради нашите гревови, слезе во адот и ги ослободи оттаму душите на умрените, воскресна од мртвите.

Уште пред Своето страдање Христос им вети на Своите апостоли, кои ги избра за Свои ученици, дека ќе им даде власт да врзуваат и разрешуваат – на луѓето да им ги простуваат гревовите или да им ги задржуваат. Овој благодатен дар, по Своето Воскресение, Он не го даде на кој било од апостолите посебно, туку на сите нив заедно. Он ја создаде Својата Црква, пазителката на благодатта, ја соедини во неа сите кои Го сакаат и во Него веруваат.

Ветувајќи им на апостолите дека ќе им даде сила одгоре – откако им Го испрати Светиот Дух, исполнувајќи сѐ, за што дојде на земјата, Господ Исус Христос се вознесе на небото, здобивајќи ја и по човештво онаа чест и слава, кои и пред создавањето на светот ги имаше како Син Божји.

Бидејќи слезе на учениците Христови, како што беше ветено, Светиот Дух ги утврди во верата Христова и со Својата благодат изли на нив дарови Божји. Он ги зајакна заради проповед и исполнување на Христовото учење, заради организација на Црквата која Христос ја создаде, а која Светиот Дух ја направи дејствителна.

Со Црквата, чијшто темел се наоѓа на земјата и чија глава е Синот Божји, Кој седи оддесно на Отецот, таинствено управува Светиот Дух. Таа внатрешно ги обединува своите деца и ги соединува со Бога. Благодатните дарови Божји, преку Црквата, се излеваат врз оние што се стремат да одат по патеките Христови, осветувајќи и зајакнувајќи го сето добро во нив, се очистуваат од гревот и секаква нечистотија, стануваат престојувалишта на сјајот на славата и силата Божја.

Преку Црквата човештвото станува причесник на Божествената природа, стапува во најблизок однос со Света Троица.

Се осветува и со Бога општи не само душата, туку и човековото тело при причестувањето со Телото и Крвта Христови, преку Кого се соединува со целата Света Троица. Со благодатта Божја, со учество на сопствените волја и напор, човекот станува нова твар, соучесник на вечното Царство Божјо.

За тоа Царство Божјо што ќе дојде, се подготвува и природата, заради претстојното очистување со оган од последиците на човечките гревови и проклетството што е на неа. Таа го добива предвестието на осветувањето со слегувањето на Светиот Дух на неа при осветувањето на богојавленската вода и многуте други црковни служби, за потоа да стане нова земја и ново небо.

Тоа ќе се случи кога ќе се исполни времето кое го одреди Бог Отецот и кога Синот Божји во слава ќе дојде за да му суди на светот.

Тогаш оние кои Го љубат Бога и се соединиле со Него ќе заблескаат од зракот на Божествената Светлина и вечно ќе се насладуваат со несоздадената светлина на Триединиот Бог, Единосушната, Животворна и Неразделна Троица.

Токму на Неа, (на Света Троица), Бог, Творецот и Спасителот наш, нека е слава, чест и поклонение во вековите на вековите. Амин!

Превод:  А. С.

Извор. Преспанско-пелагониска епархија