Покајание – Ден 4
by Маран Ата   

cave-of-hell001

Древен расказ


Еден старец го раскажа следново:
 Имало една девица во поодминати години, која имала голем страв Божји. Ја прашав што ја привело кон монашкиот живот. Таа, прекинувајќи ме, со воздишка ми одговори:

“Моите родители, многопочитуван човеку, починаа уште кога бев дете. Татко ми беше скромен, со тивок карактер, но слаб и болен по тело. Тој беше толку проголтан од грижата за своето спасение, така што ретко некој од жителите на селото го гледаше. Ако некогаш се чувствуваше поздрав, го носеше дома плодот на својот труд, но поголемиот дел од времето го поминуваше во пост и страдања. Беше толку молчалив, така што оние кои не го познаваа, го сметаа за нем. Мајка ми, пак, обратно, водеше расеан и толку развратен живот, така што во целата земја немаше слична жена на неа. Таа беше толку зборлива, што како целото нејзино битие да беше јазик. Постојано се караше со сите, своето време го минуваше во пијанство со најневоздржливи мажи. Потроши сé од дома, значителниот имот не ги задоволуваше нашите потреби, а таткото ни ѝ ја беше предал целата грижа за домот. Мајка ми толку го злоупотребуваше своето тело, осквернувајќи го со нечистотија, така што малкумина од селото можеа да избегнат блудно соединување со неа. Таа никогаш не беше болна ниту од најлесната болест, туку од раѓање до старост се радуваше на одлично здравје.

Татко ми, истоштен од долготрајна болест, почина. Веднаш потоа надвор се смрачи, заврна дожд, засветкаа светкавици, загрмеа грмотевици и цели три дена и три ноќи лиеше пороен дожд. Поради лошото време, неговиот погреб се оддолжи за три дни и жителите на селото, вртејќи глава, велеа: “Овој човек бил толку непријатен на Бога, така што дури и земјата не го прима за погреб”. Но, за да не се предаде неговото тело на распаѓање во самиот негов дом и пребивањето во него да не стане невозможно, некако го погребаа, иако дождот и лошото време не престануваа. А мајка ми, добивајќи уште поголема слобода по смртта на татко ми, почна уште повеќе да го злоупотребува телото, нашиот дом го претвори во дом на разврат, минувајќи го својот живот во раскош и веселби. Кога настапи нејзината смрт, таа се удостои со голем погреб: како самиот воздух да земаше учество во испраќањето на нејзиното тело.

По нејзината смрт јас бев на млади години, и телесните желби веќе почнаа да дејствуваат во мене. Една вечер почнав да размислувам чиј живот да го изберам како пример за подражавање: на татко ми ли, кој живееше скромно, тивко и воздржано, но во текот на целиот свој живот не беше видел ништо добро за себе и го беше поминал животот во болести и маки, а кога почина, дури ни земјата не го примаше неговото тело. Ако таквиот живот Му беше угоден на Бога, тогаш од која причина татко ми, кој беше избрал да живее така, беше подложен на такви беди? Подобро да живеам како што живееше мајка ми, ми рече помислата: да се предадам на желби, раскош и телесно сладострастие. Нели мајка ми не беше пропуштила да изврши никакво скверно дело! Таа целиот свој живот го помина во пијанство, имаше добро здравје и среќа. Тогаш што? Јас треба да живеам како што живееше мајка ми! Подобро да им верувам на сопствените очи и на она што е очигледно, подобро да се насладувам на сé, отколку да верувам во невидливото и да се откажувам од сé.

Кога јас, кутрата, се согласив во душата да изберам живот сличен на оној на мајка ми, настапи ноќ и заспав. Во сонот пред мене застана некој висок по раст, со страшен изглед. Тој ме погледна страшно и гневно, и строго ми рече: “Исповедај ми ја помислата на твоето срце”. Јас, исплашена од него, не смеев да го погледнам. Тој со уште посилен глас ја повтори заповедта да исповедам каков начин на живот ми се допаднал. Збунета од страв и заборавајќи ги сите свои помисли, јас реков дека не сум мислела за ништо. Но, тој ме потсети на сè што сум мислела длабоко во својата душа. Разобличена, јас почнав да го молам да ми дари прошка и ја објаснив причината за тие помисли. Тој ми рече: “Оди и види ги двајцата, и татка си и мајка си, потоа одбери си живот според твоја желба”. Велејќи го тоа, тој ме фати за рака и ме повлече. Ме однесе на едно големо поле со неискажлива убавина, со многу градини и различни плодородни дрвја, и ме воведе во тие градини. Таму ме пречека татко ми, ме прегрна, ме бакна и ме нарече своја ќерка. Јас го стиснав во својата прегратка и го замолив да останам со него. Но, тој одговори: “Сега тоа е невозможно, но ако ги следиш моите стапки, ќе дојдеш тука не по долго време”. Кога јас повторно почнав да го молам да останам, оној што ми го покажа видението, повторно ме фати за рака и ме повлече и рече: “Дојди и ќе ти ја покажам и твојата мајка, за да знаеш животот на кого од двајцата родители треба да го следиш”. Тој ме воведе во мрачна и темна куќа, каде што имаше чкртање со заби и мака, и ми покажа печка, која гореше со оган и каде вриеше смола, и некакви плашила стоеја крај вратата на печката. Погледнав во внатрешноста на печката и во неа ја видов мајка ми: таа беше потонала до врат во оган, чкрташе со заби и гореше во оган, а од црвот што не спие се развејуваше тешка смрдеа. Како ме виде, таа извика со ридање, нарекувајќи ме своја ќерка: “Тешко мене, ќерко моја! Овие страдања се последица на моите дела! Воздржанието и сите добродетели ми изгледаа достојни за потсмев. Јас мислев дека мојот живот во бесрамност и разврат никогаш нема да заврши, пијанството и прејадувањето не ги сметав за гревови. И ете! Јас ја наследив геената, се подложив на овие казни за краткото задоволство со гревови, за ништожни веселби се отплаќам со страшни маки. Еве каква награда добивам за занемарувањето на Бога! Ме фатија секакви, бескрајни беди. Сега е време за помош! Сега сети се дека си хранета од моите гради! Сега ми дај, ако си добила нешто од мене! Сожали се на мене! Овој оган ме гори, но не ме изгорува. Смилувај се на мене! Ме изгорува очајот во овие маки. Смилувај се на мене, ќерко моја, подај ми рака и изведи ме од ова место”. Кога одбив да го направам тоа, плашејќи се од страшните стражари кои стоеја таму, таа повторно почна да вика со солзи: “Ќерко моја! Помогни ми. Не презирај го плачот на својата родена мајка! Сети се на моите болки во денот на твоето раѓање! Не презирај ме! Погинувам во геенскиот оган”. Нејзиниот лелек предизвика солзи кај мене. Јас исто така почнав да лелекам, да плачам и да ридам. Тој плач и тие ридања ги разбудија моите домашни. Тие го запалија светлото и ме прашаа за причината за таквото страшно лелекање. Јас им го раскажав моето видение. Тогаш избрав да го следам животот на својот татко, убедена според Божјото милосрдие какви маки се подготвени за оние кои доброволно водат порочен живот”.
 
Заветување
 
Лесно е да се стигне до маките, зашто патот што води кон нив, е широк и многумина одат по него, вели Христос
Тешко е да се спасиме, бидејќи вратата за рајот е многу тесна и малкумина ќе влезат низ неа, вели Христос.
Од создавањето на светот до сега многумина отишле во маките, како што велат светите Отци, и уште многумина има да одат, а каде ќе одам јас?

Плод
 
Принеси во овој ден покајание, сеќавајќи се на маките, кои заслужуваш да ги истрпиш, ако Бог не беше се умилостивил.
Запомни како завршува суетата на овој свет.
Ова тело, толку гледано, пазено и заситувано со сите средства, можеби наскоро ќе биде однесено да се распадне во гробот.
Извор: Света Гора Зограф