Лесно е децата да бидат научени да изгледаат православни: да одат на служба, да се редат за причестување, да отстапуваат место. Се разбира, убаво е да го прават сето тоа, пријатно е да се видат воспитани деца. Но тоа воопшто не значи дека тие живеат духовен живот, вистински се молат на Бога и бараат општење со Него. Не значи дека децата се стремат кон реално соединување со Божјата благодат.


ТЕШКОТИИТЕ НА ДЕТСКАТА ИСПОВЕД

Игумен Петар Мештеринов, Руска Православна Црква


... Детето кое од малечко, обично од седумгодишна возраст, почнува да оди на исповед, многу често се причестува по традиција, по навика. makrina.jpgДа кажеме дека во нашиот храм децата се причестуваат на секоја Литургија на која ги водат или на која доаѓаат самите. Фактички, тоа се случува еднаш неделно, а понекогаш и почесто. За нив исповедта во почетокот е нешто многу интересно и посакувано, зашто им се чини дека да ако се исповедаат, тоа значи некаква зрелост, значи дека станале големи. И петгодишното дете многу сака да почне да се исповеда. Неговите први исповеди ќе бидат многу сериозни. Тоа ќе дојде и ќе каже дека не ја слушало мајка си, ја натепало сестричката, слабо ги научило лекциите или не Му се молело на Бога. И ќе го каже тоа сосема сериозно и со големо умиление. Но многу бргу, буквално после месец-два, ќе се покаже дека детето се навикнало на сето тоа. Следуваат години во текот на кои ќе доаѓа и ќе кажува: „Не слушам, (нагрубјавам) ги тепам другите и мрзлив сум”. Таков е краткиот, обопштен список детски гревови. Тоа ќе ги истрелува на свештеникот, кој, измачен од тешки исповеди, нормално ќе му прости и ќе го разреши за половина минута. И сето тоа се претвора во ужасна формалност, која, се разбира, повеќе му штети на детето, отколку што му помага.

По неколку години се покажува дека едно такво црковно дете веќе не може да прифати дека треба некако да работи на себе си. Тоа дури не е во состојба да доживее едно вистинско чувство на покајание во текот на исповедта. Не чувствува никаква тешкотија да каже дека направило нешто лошо. Го кажува тоа со голема леснотија.

Ако го однесете детето прв пат во амбуланта и го натерате да се соблече, тоа ќе се срами и ќе му биде непријатно. Но ако лежи во болница и секој ден треба да ја крева пижамата за да го слушаат, по една недела тоа ќе го прави тоа потполно автоматски. Тој чин во него нема да предизвика какви и да било емоции. Истото е и овде. Исповедта кај детето не предизвикува никакви доживувања. Свештеникот тука се наоѓа во многу тешка положба. Тој не знае како да се бори со таа состојба, што да направи за да му помогне на детето да си дојде на себе си.

Има некои особено силни примери, кога детето не само што не слуша, мрзливо е и ги навредува помалечките, туку и отворено е безобразно. На пример, во училиште им пречи на сите, дома е негативен пример за помалечките деца во сé што е лошо, а своето семејство отворено го тероризира. Односно, детето пројавува гревови поптполно невообичаени за црковните семејства. И свештеникот не знае како да му ги разбуди добрите чувства. Тој се обидува да зборува со него, да му објасни:

– Знаеш, нели, дека сето тоа не е убаво, дека е грев?
Да, тоа го знае сето тоа. Одлично знае дека е грев. Дури е способно да се напрегне за пет минути и да каже:
– Да, ќе се потрудам повеќе да не правам така.
И не може да се рече дека детето лаже. Не лаже. Всушност, детето го кажува тоа на вообичаениот начин на кој пред јадење кажува „Оче наш” – повеќе или помалку сериозно за една минута, но не повеќе. По кажувањето на „Оче наш” детето одново живее надвор од молитвата. Истото е и во овој случај. Детето ќе каже што треба за да му дозволат да се причести, а по ден или два одново ќе се врати кон својата реалност и ќе си продолжи да живее како што си живеело. Ниту исповедта, ниту причестувањето не даваат плодови во неговиот живот.

Освен тоа, свештеникот забележува дека колку повеќе се влнува, колку повнимателно и посериозно се однесува кон детето, толку побрзо му се исцрпуваат средствата. Тој дава скоро сé за што е способен, а не може да постигне никаков резултат. Детето ќе го „голтне” сето тоа многу бргу и си го продолжува претходниот начин ан живот. Му даваме сé посилни лекови и тоа ги прима, но без да му дејствуваат. Ја загубило осетливоста на нив, не прима ништо. И таа окаменетост на совеста е просто поразителна. Се покажува дека со детето верник свештеникот веќе не може да најде никаков адекватен јазик. Тој почнува да бара друг пат, да се лути на детето. Но на тој начин кончено го губи контактот со него. Детето обично ќе каже: „Веќе нема да одам кај тој и тој отец. Тој за сé се лути – де за ова, де за она.”

Гледате дека тој проблем е еден од најтешките за духовникот. Овде многу сериозно треба да се помисли до што неопходно треба да се дојде, кон што треба да се стремиме. Ми се чини дека е правилно да се обидуваме колку што е можно повеќе да го одложиме моментот кога детето започнува да се исповеда. Некои наивни мајки (какви што, впрочем, се среќаваат често) се склони да кажат за своето шестгодишно дете, кое не слуша: „Оче, исповедајте го малку, за да почне да се кае. Можеби ќе стане попослушен.”

Всушност, колку порано почнуваме да го исповедаме детето, толку е полошо за него. Треба да се има на ум дека не напразно Црквата не ги смета за грев постапките на децата до седумгодишна возраст (порано таа возраст била многу поголема). Децата не можат да бидат одговорни за сé како возрасните. Уште повеќе што нивните гревови по правило не се смртни. Тие просто се однесуваат лошо. И подобро е да им биде дозволено да се причестуваат без исповед, отколку да се профанира тајната на покајанието, која тие не можат вистински да ја примат поради малата возраст.

Таков грешник може да биде исповедан по еднаш на седум, осум и девет години. И колку што е можно повеќе да се одложи почетокот на редовните чести исповеди, за да не стане исповедта никако нешто вообичаено за детето. Тоа мислење не е само мое, туку и на многу искусни духовници.

Има и друго ограничување, кое е особено важно. Можеби децата, кои отворено страдаат од навикнувањето на светињата, треба да се ограничуваат и во причестувањето. Во тие случаи подобро е децата да не се причестуваат секоја недела. Така причестувањето ќе се претвори во настан за детето. Сакам да го споделам моето лично искуство во врска со ова. Кога бев малечок (уште во сталинско време), прашањето стоеше вака: ако постојано одам во црквата, ќе ме видат соучениците кои живеат во близина, ќе кажат во училиште и тогаш родители ќе ми бидат иселени, а јас – истеран од училиште. Пораснав во семејство на верници, моите родители беа верници од раѓање, скоро сите мои роднини беа во затвор: дедо ми бил во затвор три пати – таму и почина. Така што одењето на црква криеше реална опсност и да се оди често беше невозможно. И јас го паметам секое мое одење во црквата. За мене тоа беше голем настан. Се разбира, не можеше да стане збор да се шегувам со тоа... Во детството сум одел на црква броено пати, на затоа пак секое одење беше огромен празник. Одлично се сеќавам колку голем настан за мене беше првата исповед, а потоа и втората (веројатно по една година). Во теков на целото свое детство сум се исповедал и причестувал неколку пати. Многу години не сум се причестувал или тоа сум го правел исклучително ретко, но секој пат требаше да го отстрадам тоа. И сега, во својата зрела возраст, продолжувам да го доживувам причестувањето со светите Христови Тајни како голем настан. Никогаш не било на друг начин. И се разбира, Му благодарам на Бога за тоа што не дозволил да се навикнам на светињата, црквата и црковниот живот.

МОЛИТВАТА

Колку и да е чудно, гонењата, кои им попречија на многу луѓе да бидат верници, како да беа попријатни за луѓето кои сепак остануваа во Црквата. Сега не е така. Мајка ми ме научи да се молам од самото мое раѓање, откако се сеќавам, сум се молел на Бога секој ден наутро и навечер. Се сеќавам дека таа ме учеше да кажувам „Оче наш” и „Богородица Дево” и јас ги кажував токму тие молитви скоро до својата зрела возраст. Потоа го додадов „Символот на верата” и уште неколку мои зборови, со кои ги споменував своите блиски и роднините. Но – јас не ги кажував утринските и вечерните молитви во детството и до многу подоцнежна возраст. Односно, почнав да го правам тоа дури кога самиот го посакав тоа, зашто ми се чинеше дека молитвата не ми е доволна. Погледнав во црковните книги, ги видов таму утрените и вечерните молитви, ги открив за себе и почнав да ги читам по сопствена желба.

Знам дека во многу семејства нештата сега не стојат така. Сега е обратно – родителите се трудат колку што е можно порано да ги научат децата да се молат колку што може повеќе. И одвратноста кон молитвата им се појавува во најкус можен рок. Јас знам дека по тој повод еден забележителен старец директно му го напиша на едно веќе пораснато дете следново: „Не треба да кажуваш толку многу молитви, кажувај само ‘Оче наш‘ и ‘Богородице Дево радувај се’, повеќе ништо не кажувај, не треба повеќе.”

ВОЦРКОВУВАЊЕТО НА ДЕЦАТА

Детето треба да го усвојува светото и великото во оној степен во кој е способно да го поднесе. Каков е проблемот овде?
Мајка ми е воспитувана во верно семејство. И таа ме учеше така како што ја учеле неа. Таа се сеќавала на своето детство и ги учела своите деца според тоа сеќавање, како што обично и се случува во животот. А потоа настапил раскинот во непрекинатиот духовен опит и неколку поколенија отпаднале од црковниот живот. Сега тие луѓе се вклучуваат во црковниот живот веќе во зрела возраст. Кога девојки или жени во зрела возраст одат во црквата, ним природно им се поставуваат поголеми барања и им се даваат поголеми одговорности, им се наложува да запазуваат повеќе правила, од нив се очекува вистинско покајание. И откако ќе се омажат и имаат деца, тие жени се грижат да им го дадат сето она што и самите го стекнале при своето влегување во Црквата. Очигледно е дека е така. Тие не знаат како да си ги воспитуваат децата, зашто и нив никој не ги воспитувал во нивната детска возраст во црковниот живот. И тие се грижат да ги воспитуваат своите деца на начин на кој се воспитуваат возрасните. Тоа е фатална грешка, која води до очајни резултати.

Одлично се сеќавам на една моја позната мајка од блиско црковно семејство, која имаше многу деца. И се сеќавам дека од нивното детство ги водеше во црквата. Но како? Таа обично ги доведуваше децата за моментот на причестувањето. Тие влегуваа во црквата, каде што требаше да се држат апсолутно побожно (благоговејно), да пристапат на прсти со прибрани рачиња, да се причестат и веднаш да излезат. Таа не им дозволуваше дури ни да си ги свртат главите во црквата, ниту да кажат збор. Тоа е светиња; тоа е „светињата на светињите”. Ги учеше децата на таа побожност и сите тие навистина израснаа во длабоко верни луѓе.

Сега ние не правиме така. Мајките сакаат да Му се помолат на Бога, сакаат да останат на целата богослужба, а децата нема каде да ги остават. Затоа доаѓаат со нив во црквата, ги пуштаат во храмот, додека самите тие се молат. И сметаат дека со децата треба да се занимава некој друг. И децата истрчуваат од црквата и трчаат околу неа, безобразничат, викаат дури и во самиот храм, додека мајките се молат. Како резултат на тоа се добива атеистично воспитание. Лесно е такви деца да пораснат како атеисти, револуционери, неморални луѓе, зашто во нив е уништено чувството за светиња, тие немаат благоговение, не знаат што е тоа. И тоа се случило зашто од нив е истргнато највисокото нешто – светињата во нејзиниот највисок израз. За нив веќе ништо не е свето, дури ниту храмот, дури ниту литургијата, дури ниту причестувањето со светите Христови тајни. Каков авторитет би можел одново да ги врати во Црквата е нејасно.

Ете зошто ми се чини дека е многу важно децата да бидат ограничувани во нивните посети во црквата, во количествата на посетите и нивната должина. Можеби дури и во причестувањето и во исповедта. Но тоа е многу тешко, зашто веднаш откако ќе почнеме да ги причестуваме децата без исповед, ќе се подигнат в’змутени гласови, кои ќе кажат: „Како е можно тоа – да причестуваме без исповед по седум години?!”
И ете како една дисциплинарна норма, воведена за возрасните, која освен тоа соджи извесна неправилност, за децата се покажува погубна. Неопходно е така да се промени животот на децата, така што тие да го заслужат својот црковен живот. Ако не да го отстрадаат, барем (поне) да го заслужат. Неопходно е некако да се потрудат, за да можат да отидат во црквата.

Многу често се случува детето да не сака да отиде во црквата, а мајка му да го фати за раката и да го тегне со себе:
– Не, ти ќе одиш во црква.
Тоа вели:
– Нејќам да се причестувам!
– Не, ќе се причестиш!
И на тој начин предизвикува потполна одвратност кај детето. Детето почнува да коштунствува и да богохули точно пред Чашата. Да ја удира и клоца мајка си и да се трга од Чашата.
А би требало да е обратно. Детето да вели:
– Сакам да се причестам!
А мајката да одговара:
– Не, нема да се причестиш, зашто оваа недела се однесуваше многу лошо.
Детето да вели:
– Сакам да се исповедам!
А мајката да одговори:
– За да отидеш во црквата, треба да заслужиш.
Се случува да ги земат децата од училиште за да ги одведат на некој црковен празник. И тоа изгледа дека е добро; сакаме децата да учествуваат во празникот и да се приопштат кон Божјата благодат. Но овде повторно се појавува еден многу голем проблем. Сето тоа е убаво, кога детето го заслужило; кога има правилен однос кон тоа. Ако тоа секогаш може да го пропушти училиштето за да отиде на таков празник, тие денови стануваат празник поради можноста да се пропушти училиштето, а не зашто е, на пример, Благовештение, Рождество или некој друг празник. Односно, сé бескрајно се профанира и девалвира. Тоа е недозволиво. Можеби подобро и покорисно за душата на детето е да му се каже: „Нема да одиш на празникот, ќе одиш на училиште и ќе учиш.” За детето ќе биде покорисно да отиде во училиште и да плаче зашто не присуствувало во храмот на Благовештение, отколку да отиде во храмот без да го цени тоа, без ништо да почувствува. Во животот на детето сé треба да се преосмисли од таа гледна точка.

И исповедта треба да се случува без толку многу наговарања (уговорки), свештеникот не треба да се срами да ги постави работите на нивното место. Тој треба да собере храброст, и покрај родителите, и да каже: „Не, вашето дете засега нека не оди во црква.”Спокојно, без да се лути, без да се пазари, да каже: „Таквите деца ни пречат во црквата. Вашето дете нека доаѓа во црквата и нека се причестува на неколку месеци.”
Кога младиот човек сака да ја одбегне војската, а родителите со сите сили се обидуваат да го заштитат и спасат, духовникот вели:
– Нека оди да служи. За него тоа ќе биде покорисно.
Исто така е и во овој случај. На детето треба да му се поставуваат сурови услови, за да разбере дека Црквата е тешко достижна цел.

За време на исповедта, духовникот треба да се обраќа кон детето со голема љубов. Да не биде само строг воспитувач, туку да го натера детето да почувствува дека тој го разбира и му ги прифаќа проблемите. Свештеникот треба да каже:
– Сето тоа е така – тебе ти е тешко и не успеваш да се справиш со тоа. Но што значи тоа? Значи, дека немаш потреба да се причестуваш секоја недела. А ако е така – дојди по еден или два месеца. Можеби тогаш состојбата ќе биде поинаква.
Неопходно е да се позборува сосема сериозно со децата и на родителите да им се каже да ги постават работите на своите места. Црквата не може да биде нешто друго, освен едно големо, празнично и напорно доживување. Црковниот живот и исповедта за детето треба да станат очекувани, посакувани, па детето да го восприема општењето со својот духовен отец како нешто многу, многу важно за него, нешто радосно, тешко достижно и долгоочекувано. И тоа ќе се случи, ако во неопходниот момент свештеникот успее да воспостави личен контакт со детето.

Често се наложува да се обрне посебно внимание реодната возраст – 14, 15 и 16 години. Не секогаш, но се случува. Особено со момчињата, кои се невозможни палавци; со нив просто не може да се зборува сериозно. Треба разумно да се ограничи нивното престојување во црквата у учеството во тајните. Додека да дојде времето кога ќе биде добро да се каже: „Сега си веќе голем, порасна, ајде да поразговараме сериозно.”
Така започнува некаков заеднички живот со духовникот, лични односи на едно сериозно ниво, кои за детето се покажуваат многу важни.
Сé што е до тука кажано за децата може да се резимира многу кратко. Во никој случај не е добро да се дозволи исповедта за детето да стане просто дел од црковното секојдневие. Ако не е можно секогаш да го правиме тоа што ни се чини дека е неопходно, тогаш треба да се вклучиме во општиот русло. А во црквата е дозволена колективна исповед. Може да му се објасни на детето дека, ако извршило тешки гревови, ќе биде доволна разрешната молитва.

 ЦРКВАТА И ДЕЦАТА: барање нови начини на работа со младите поколенија во современите услови

 

Извор:Православен пат

Посети: {moshits}