Стравот да не ни се случи нешто може да нѐ разболи и да нѐ вознемири многу повеќе пред тоа навистина да се случи. Често се разболуваме, ја губиме радоста, животот ни станува црн и несреќен, не поради самиот проблем, туку поради нашата помисла. Се плашиме пред да се случи нешто и тоа нѐ разболува. Нешто се случува со нас луѓето, не знам како да го објаснам тоа, но секогаш наоѓаме причина да се грижиме, да западнеме во меланхолија. Бог ти решава еден проблем, а ти за кратко наоѓаш друг. Не знам што се случува, не сум видел некој човек во животот да каже: „Јас сум среќен и се оди добро!“ Не сум видел човек чијшто проблем се решил и после кратко време, после еден месец, да не го снајде нешто ново за кое ќе се грижи. Не можам да си го објаснам тоа. Го живеам дома, не зборувам за непознати, туку за моите родители. Кога мајка ми беше помлада, таа велеше: „Ако се случи тоа и тоа дома, сите ќе се успокојат и ќе се среќни“. Се случуваше тоа што го сакаше, но после тоа доаѓаше нова грижа. После тоа татко ми велеше: „Ако земам пензија, ќе сум среќен“. Тој се пензионира и сега има нови грижи, наоѓа нови проблеми. Кога најнакрај ќе се успокои човек и ќе рече дека животот е убав?! Одговорот е дека никогаш нема да најде мир. Зошто? Затоа што секогаш ќе се појавува нешто ново во нашиот живот.



Треба да се насочиме да живееме, балансирајќи ја тагата со радоста. Животот не е едностран, не е само тишина, светлина и среќа, туку има и болка. Некој ми рече: „Зошто Бог ми го стори тоа?“, а јас му одговорив: „Не ти го стори тебе, таков е животот на сите луѓе“. Не знам дали сте виделе некого којшто е потполно среќен, преку целиот живот. Сите минуваат низ некаква грижа и болка. Која е тајната? Да се научиме да бидеме ладнокрвни и подготвени. Бурата поминала и настапило затишје, но колку ќе продолжи тоа? Пет дена, една недела, една година? Ќе дојде нова бура. Тоа е мудроста. Сум гледал единствено некои баби и дедовци, созреани на некој начин од бројните удари кои ги добиле, од многуте бури кои ги пресретнале. Тие се зрели луѓе и велат: „Дете мое, и во радоста Го прославуваме Бога, но утре сум пак во очекување да згрми некоја бомба, готов сум да слушнам пак нешто непријатно“. Тие луѓе знаат како да живеат, а нас, помладите, нѐ фаќа паника и не можеме да се насладиме на радоста, ниту на тагата да погледнеме ладнокрвно, туку паѓаме во крајности. Една жена ми рече:

– Отче, не можам да се омажам. Имам 35 години и не можам да се омажам.

– Ќе се омажиш, дете мое!

– Не, нема! Животот нема да ми помине добро!

– Од каде знаеш? Помислата ти вели така. Ќе се омажиш, ти ветувам! – ѝ реков без да знам и за среќа таа се омажи. На 38 години се омажи. Ја прашав:

– И сега се радуваш ли?

– Исклучително многу, отче! Тоа го очекував!

– Слава на Бога, да се смириш ти, да се смириме и ние!

Но после една година одново тревоги, одново телефони, одново лутина и пак велеше:

– Во животот немам радост.

– Зошто бре дете? Нели се омажи?

– Да, но каде е детето?

– Ќе родиш дете. Црквата нѐ утешува и дава надеж.

После година и пол таа роди. Ја прашав:

– Се успокои ли сега?

– Сега, отче, немам за што друго да Го молам Бога. Го прославувам и ќе се успокојам!

После неколку месеци одново телефони, пак лутина, пак тревога.

– Отче, детето уште не зборува, го носам на лекар, не изговара зборчиња!

Мајката, т.е. жената, а и мажот, откако се памети, наоѓаат нешто со кое ќе се занимаваат: детето да заврши училиште, да излезе од касарната, да се ожени, да роди, да имам внуче, и додека склопиш очи, во животот секогаш ќе имаш нешто, со кое ќе се занимаваш. Оној од вас којшто очекува дека во животот нема да се грижи за ништо, се лаже самиот себе. Невозможно е. Имаш ли пари? Имаш и стрес: што ќе се случи со парите, како да ги умножам, што се случува на берзата, во Европа, во Америка? Немаш пари – тогаш имаш стрес да ги стекнеш, им завидуваш на тие кои имаат и се чувствуваш лошо. Додека богатиот не е среќен, и покрај тоа што има сѐ, ниту бедниот не е задоволен со малкуто, сите сакаат нешто поразлично од тоа кое го имаат. Не сме задоволни, овој свет не нѐ исполнува и животот ни изгледа безрадосен и тежок. Нештата, сепак, не стојат така. Вие што мислите, зошто не сме задоволни од ништо? Одговорот што еден монах му го дал на Казанѕакис, кога отишол на Света Гора, ме погоди. Тој го прашал: „Како ти изгледа нашиот манастир?“ Казанѕакис одговорил: „Многу е тесен, многу е затворен, ме потиснува душевно“. Монахот одговорил: „Не е виновен манастирот, туку нашиот свет е мал и не ни одговара. Нашата душа не се наситува со малку, туку сака повеќе, го сака постојаното, кое не завршува, но не го наоѓаш – вели – ниту во манастир, ниту во целиот свет“. Тоа е причината поради која душата на човека го сака апсолутното, го сака бескрајното, сака никогаш да не умре. Една жена се омажила и напишала во својот дневник: „Колку го сакам!“ Но дали секогаш ќе го имам? И тоа секогаш колку продолжува? 60 години? 70 години? Да, ќе го имаш додека си жива, но после тоа? Ќе се разделите еден ден. Не сакам да се разделиме. Ќе умреме. Не сакам да умрам. Зошто да се лишам некогаш од тоа што го сакам? Независно дали тоа е човек или некаква состојба, сакам секогаш да бидам со него. Кога децата излегуваат надвор, не ги прашувај во колку ќе се приберат, тоа е најлошото прашање, зашто им го расипува расположението. Тие велат:

– Сакам да излезам да се забавувам.

– Во колку ќе се вратиш?

– Остави ме! Во колку ќе се вратам…

Зашто со ова прашање ти му напомнуваш дека има крај, забавата има крај, утре си на училиште, имаш работа, имаш трошоци, обврски, а детето е жедно да не се врати брзо, зашто сака постојано да се радува. Затоа не се радуваме во овој живот. Но ако можеме, да благодариме за нештата кои Бог ни ги дава, за да имаме голема сила и издржливост и да бидеме среќни долго време. Таа радост која Бог ни ја дава во животот, макар и во дози, малку денес, малку следниот месец, малку после неколку месеци, задржи ја за да те напојува и да не ја заборавиш лесно. Тоа е една тајна, за да се потсетиш дека не си напуштен на оваа земја. Ако ви кажам да се потсетите на нешто кое Бог го направил за вас, ви дал некаков дар, ќе видите дека имате многу такви дарови. Ние ги заборавивме, зашто гледаме понатака, на новите нешта. Старите ги заборавивме. Кога станав свештеник, реков: „Колку убаво нешто, најубавото нешто! Боже мој, сега за ништо друго нема да Те молам!“ Но оттогаш молам за сѐ понови и понови нешта. Ако се насладував и радував на тоа што Бог ми го беше дал, ќе бев благодарен и животот ќе ми беше убав. Ќе ги бев заборавел тешкотиите коишто доаѓаат после среќата од претходниот дар. Но кога не се насладуваш на дадено нешто, тогаш лесно го забораваш уште при првото искушение.

Денес плачеш, а утре ќе кажеш: „Помина!“ Денес си така, утре нема да си така. Затоа е важно да поверуваш дека во животот нема само болка. Ќе почувствуваш болка и ќе се смееш истовремено. Денес плачеш, после три месеци нема да плачеш. Нештата нема да бидат така. Бог ти подготвува дарови што сега не можеш да си ги замислиш. Веруваш ли во тоа? Тоа е прашањето! Веруваш ли дека Бог не завршил со тебе, туку има и други нешта кои може да ти ги даде? Ако ја имате таа вера длабоко во вас, ќе видите дека ќе напредувате во животот. Ако имаме позитивен и бодар дух, животот ќе ни биде многу скап и радосен меѓу проблемите. На тој начин се насладуваме. Живеј ја радоста на моментот, на денешниот ден. Некои очекуваат многу големи нешта и ги губат малите. Јадевте ли денес? Има ли некој многу гладен сега? Сите јадевме. Слава на Бога! Утре не знаеме што ќе се случи. Сега те боли стомак, глава, заб? „Не, добро сум. Слава на Бога, денес сум здрав!“ Утре може да имаме проблем, може да имаме некаква грижа. Остави го тогаш да дојде. Дозволи да ја почувствуваш болката, кога ќе те заболи, да заплачеш, кога ќе дојде тешкиот час, но не плачи отсега со твоите стравови.

Многу луѓе велат: „Се плашев дека ќе ми се случи нешто, но на крај не се случи. Но се плашев дека ќе минувам низ тоа. Ќе видиш, на детето мое ќе му се случи нешто!“ И ништо не му се случи. Нашите помисли можат да нѐ полудат. Мислите нѐ разболуваат. Затоа да внесеме светли помисли во нашиот ум, да го читаме Евангелието и оттаму да црпиме надеж и храброст и да велиме: „Бог нема да ме остави! Мојот ум нема да гледа сѐ црно. Животот не е црн, туку ќе дојде нешто подобро!

Живеј ја радоста на денешниот ден и знај дека утре Бог ќе ти даде и погорчлива чаша, но пак ќе дојде послатката. Оние од вас кои сте го читале житието на Свети Андреј, Јуродив заради Христа, помните дека Бог му дал да вкуси голема сладост во устата и тој ги заборавил сите свои проблеми, а после тоа му дал и горчина и му рекол: „Таков ќе ти биде животот!“ И едното и другото. Животот не е еднодимензионален т.е. нема ниту само радост, ниту само тага и грижи. Прочитај една книга или изгледај еден филм со сопругата, со сопругот, со децата, оди на прошетка, на Света Литургија, на Вечерна. Сето тоа ти ја преобразува ли душата? Има многу големо значење. Некој ми рече: „Ти си поп!“ „И што да правам? – реков –  Само по себе тоа не значи ништо“. Друг ми рече : „Зборуваш убави работи“. И што од тоа, ако внатрешно не се преобразуваш? Вие се преобразувате ли внатрешно? За да не биде лишен од радост твојот живот, треба да ти се промени душата, а не само мислите. Некој ми рече дека бил на Света Гора и ги познава следниве старци. И започна да набројува. Одел во Ерусалим 16 пати! И при тој и тој старец при оној и оној друг старец… Во себе си реков: „И ти си како мене! Само површност. Што се случи со тоа што го познаваш некојси старец? Што? Ако ја прашам жена ти, таа што ќе ми каже за тебе? Тоа е прашањето – дали таа ќе ми каже : „Мажот ми се врати од Света Гора како ангел!“ Тоа е. Промената за да не останеш без радост во животот, е внатре во тебе. Црквата сака да те промени внатрешно, а ние обично ја променуваме надворешната страна. Изложба и надворешни работи. Играта се игра, кога ќе се затвори вратата од дома и Бог нѐ гледа дома што правиме, како зборуваме, како се однесуваме или како стануваме ладни и се навредуваме. Таму ќе го направиш својот живот убав или несреќен. Многу деца го велат тоа за своите родители, дека нивните родители зборуваат многу, но дома не прават така како што зборуваат. Едно зборуваат, а друго прават. „Мајка ми оди в црква, но кога ќе се врати, не е радосна и спокојна, туку нѐ вознемирува и задушува со своето однесување. Постојано се кара: ’Поправи се, потстрижи се, направи тоа, облечи се поинаку, зошто си така, зошто не го правиш тоа!‘ Тоа – вели детето – не е Христов живот, којшто ќе ме направи среќен“.


Параболата за двајцата должници

Лекцијата, што им ја даваме на другите, многу пати е целосно разочарување. Ние самите не сме среќни и покрај убавите нешта што ги живееме дома. Како да ги промениме другите? Ја помните ли приказната во која се раскажува како еден човек должел многу пари, како што е сега со надворешниот долг, и царот му рекол: „Ти го простувам долгот, бришам сѐ, го бришам долгот!“ Наместо да го прати в  затвор, зашто слугата му кажал: „Те молам многу, дај ми можност, прости ми и направи го најдоброто за мене!“ – царот му го простил целиот долг. Зборувам за милиони од таа ера. Слугата бил среќен, радосен, летал во облаците, но колку долго? За пет минути? Зошто? Затоа што не долго после пет минути видел друг човек на патот, којшто му должел пет евра и му рекол: „Многу те молам, врати ми ги петте евра што ми ги должиш!“ „Добро, бре, Христијанину, пред малку Бог ти прости милиони. Ништо ли не почувствува? Ништо ли не разбра? И сега доаѓаш да ми ги бараш петте евра што ти ги должам?“ Слугата посакал да биде казнет и пратен в затвор. Луѓето отишле и му го кажале на господарот тоа што се случило: „Господару, оној кому Ти му прости, е многу жесток со другите“. Господарот ги викнал двајцата и рекол: „Ела тука! Како јас постапив со тебе, а како ти се однесуваш кон твојот ближен?“ Тоа е прашањето на Бога. Што направив јас во твојот живот, а како ти се однесуваш кон другите? Ти дадов прошка, ти им простуваш ли на другите? Прифати откуп од Христос, но душата ти стана ли среќна, срцето ти се смири ли? Остави ги другите на мира! Биди снисходлив!

Продолжува…

 

Извор: Бигорски манастир

6-ти август 2018 лето Господово