p.andreas-konanos

✤✣✤

Најголемото знаење

✤✣✤

И само да си ја признаеш грешката, немоќта своја и да бидеш спремен да заплачеш, да се разочараш, Он нема да те остави да се разочараш. Веднаш те поткрепува, ги подига очите и вели: „Види, погледни тука, дојди овде, доволно ми е што го прифати тоа, доволно што го разбра, доволно е што дојде до познание на вистината, а тоа е најголемото знаење. Најголемото знаење, дете мое, е тоа што ти сега го сфати. А што? Тоа дека си немоќно создание, дека си грешен. Го разбра? Го разбра, нели? Штом го сфати тоа, ништо друго од тебе не барам. Сакам  да го примиш за да омекне твојата душа, за срцето твое да се исполни со сладост, за солзи да потечат од срцето свое. За ти да Ме побараш сега веќе како потреба на твојата душа, да кажеш во себе, со шепот, гласно или со песна: ’Господи, помилуј, Господи, помилуј ме веќе, не можам сам, многу сум слаб‘. И кога ќе го кажеш тоа, сѐ друго ќе ти дадам. Но ти прво согласи се, покај се, прифати кој си, тоа е покајанието – тага поврзана со надеж, болка, стеснување на душата, на срцето, поради она што сме,  немир поради нашата бедна состојба, поради тоа што секој од нас го направил: за малите и големите престапи“.

„Нека не помине ни еден ден во твојот живот“, ми кажа еднаш еден Светогорец, „во кој ти вечерта пред да заспиеш нема да Му се обратиш на Бога: ’Господи, проти ми ги грешките што ги правам секој ден и што ги направив денес!‘ “ Никогаш не го заборавај тоа. Не заборавај дури ни на еден ден дека ти си грешен, не си совршен, дека си направил многу престапи и ги знаеш, а некои дури и не ги знаеш, за некои потполно си несвесен. Грешки што не си ги спознал, но произлегле од твојата душа како атмосфера што си ја создал околу себе, како поглед со кој си огорчил некого, како зборови што си ги кажал и не си сфатил како тие се одразиле кај другиот. Си направил многу гревови, мали и големи. Секоја вечер пред да заспиеш, прифаќај го тоа и не се чувствувај безгрешен, не се чувствувај совршен, значаен, голем, страшен, неранлив, уникатен. Не! Човек си, што значи -  немоќно создание. Иако ти си величествено битие, највозвишеното битие во Вселената, дело на рацете Божји, исклучително суштество во Вселената, мал космос,  во човекот постои цела Вселена, нашето срце, нашата душа – сепак, и толку голем, ти си многу мал, немоќен и безначаен. Тоа ни помага да почувствуваме покајание. Тоа дело што го извршува покајанието, кога Бог ќе се допре до нас...

Денес, меѓутоа, луѓето не се каат, тие не можат да ги сфатат своите грешки. Се чувствуваме многу надмени, многу динамични, и во весниците, и во филмовите, и во начинот на кој зборуваме, и во начинот на кој се караме со другите. Се плашиме да признаеме дека сме виновни, и велиме:

„Ако го признам тоа, што ќе речат другите? Ако го кажам тоа ќе си го нарушам својот имиџ. Денес светот е таков што за да одиш напред треба да си жесток, да си најдобар од сите, не  треба никогаш да признаеш дека си направил грешка, оти ако направиш така, ќе те изедат“. Ете така велат.

-Не вели дека си немоќен, не се согласувај со тоа!

-Но ако сум?

-Не! Дури и да си, не го кажувај тоа! Не го прифаќај. Кажувај го тоа што не си, доволно е за да создадеш впечаток кај другите!

-Но како ќе си помогнам себеси? Како ќе се изменам? Овде не станува збор за некаква работа што треба да ја почнам, па морам да кажам дека имам квалитети што ги немам за да не ми го земат местото. Овде зборуваме за односите со луѓето, за врската со Бога, за врската со самиот себе, за тоа дека не треба да се согласам оти имам потреби, оти сум немоќен, правам грешки и имам недостатоци.

-Не, не го прифаќај тоа! Ќе ти биде минус. Тоа е ниска самооценка – така ќе ти речат. Ќе те видат другите и ќе те потценат. Ќе го изгубат убавото мислење за тебе!

-Да, но ако не прифатам дека сум немоќен, ако не ги прифатам своите грешки, ќе живеам постојано во лага...

Вчера размислував за гревовите што ги направив само во текот на вчерашниот ден, од утрото до вечер и си спомнав за тоа што праведниот Јов го кажува во Стариот Завет, имено, дека дури и само еден ден да живее човекот (доколку целиот наш живот не беше 90 години, или 80, или 70, или колку и да е, туку само еден ден, како кај некои пеперуги што живеат само еден ден), дури и толку краток да беше нашиот живот, пак ќе имавме гревови. Нешто ќе направевме. Нешто ќе кажевме. Човекот е немоќен, грешен, тој е заквасен со немоќта, со потребите, со несовршенството - не сме совршени.

Кога размислуваш за своите гревови вели: „Како да не побарам прошка, како да не се согласам,  стојам пред Бога во покајание за гревовите извршени во текот на седмицата, месецот, десеттолетието, целиот живот“. Прегрешенија, грешки што ги трупаме, трупаме, се кријат во нас, се таложат, никогаш не ги забележуваме, никогаш не мислиме на нив, се мачкаме со бои, се украсуваме, си ставаме парфеми, впечатливо се облекуваме, се забавуваме, танцуваме, слушаме музика, гледаме филмови, но внатре во нас постои тој свет, сокриен свет, свет душевен, свет со убавина но и со грдотијата што сме ја натрупале. И ако никогаш не ја видиме таа гнасотија, ако не ја допреме, ако таа кал, таа тиња, никогаш не ја извадиме од нас, за да се види сета убавина на нашата душа, ако не исчезне таа нечистотија, за да се покажат боите на љубовта, боите на душата, сиот прекрасен свет што го имаме во нас, што ќе биде? Оставаме ѓубрето да се трупа во нас...

Се сеќавам еднаш кога си влегов дома, имав заборавено да го исфрлам ѓубрето. Заборавив и вториот ден. Од многуте обврски што ги имав, заборавив и кога си влегов дома, од самата разлика на воздухот надвор и внатре, го почувствував мирисот. Таа смрдеа, тој мирис на смрт, што излегува од нашата душа. Само два дена го имав оставен ѓубрето внатре и цела соба се замириса. А замислете има луѓе, има наши браќа, или ти или јас, коишто години наназад сме оставале во себе работи, па се натрупале, состојби, скриени тајни, случки, коишто никој не ги знае освен ти и Бог. Нешто што си го направил или кажал и го знаеш само ти и Он. Ти и Бог, или ти и твоето јас.

Има некои работи, што само и да помислиме на нив, веќе ни ја мачат совеста, чувствуваме дека правиме грев. Постојат тие нешта, а ние ги оставаме и велиме: „Нека, остави ги!“. Ги потиснуваме како облеката во гардероберот, којашто немаме време да ја подредиме, ги фрламе внатре и ги натиснуваме како што доаѓаат. А големо дело е да ставиш ред, да ја подредиш душата да видиш што има во неа. И кога ќе видиш ќе се ужаснеш, нема да издржиш, ќе паднеш во униние, ќе те фати депресија, ќе се разочараш, но доаѓа Христос и вели: Не треба да те обземе разочарување, туку само една мала тага, тага по Бога, којашто го буди во нас покајанието, вистинското покајание, покајание што води кон радост, тага што сепак те изведува на полјанката на среќата“. Треба малку да се натажиш, за да ѝ дадеш поттик на душата. Има една тага како поттик, како будење, жал што ја тера душата да се разбуди од летаргијата. Таа тага треба да ја почувствуваш, и само неа, а не тагата на очајот, на безнадежноста, на разочарувањето, на паниката, која многупати доведува и до самоубиство.

Некои ќе си ги видат гревовите и велат: „Не можам повеќе да издржам, тоа што го видов – ме ужаси, не можам да се поправам никако. Не можам никако да се спасам. Нема надеж за мене, ќе се самоубијам, ќе ставам крај на својот живот!“ Не таква тага! Тоа е другата крајност. За нас важи тоа што Господ го кажа, што не е крајност, туку умереност и рамнотежа: да се нажалиш и да се разбудиш, да се нажалиш за да тргнеш напред, да ја поттикнеш својата душа, за да ја доближиш до Бога. И тогаш не ти треба ништо повеќе. Тоа го бара Бог – да прифатиш, да ја наведнеш главата и да кажеш: „Грешен сум! И јас сум човек, правам грешки“.

Извор: Бигорски манастир

 

Друго:  http://preminportal.com.mk/component/search/?searchword=%D0%90%D1%80%D1%85%D0%B8%D0%BC%D0%B0%D0%BD%D0%B4%D1%80%D0%B8%D1%82%20%D0%90%D0%BD%D0%B4%D1%80%D0%B5%D1%98%20%D0%9A%D0%BE%D0%BD%D0%B0%D0%BD%D0%BE%D1%81&searchphrase=all&Itemid=312

 

Архимандрит Андреј Конанос

✤✣✤

Покајанието – слатка тага на душата (I дел)

✤✣✤

Најголемото знаење

✤✣✤

Доколку во нас има покајание тогаш сѐ би било поинаку. Па така, што е тоа покајание и што значи да си ги осознаеш своите гревови? Што значи тоа да жалиш поради своите грешки? За тоа ние постојано се молиме во храмот – за Христос да ни даде да го поминеме останатото време од нашиот живот во мир и покајание. Ние постојано се молиме за тоа, но тоа секогаш бега од нас. Покајанието бега од нас!

„Покајание“ – колку убав збор! Измена на мојот ум (грчкиот збор μετὰνοια), го менувам својот поглед на работите, го менувам своето мислење, своето настроение, срцето, односот кон животот, поинаку гледам на светот, на животот, станувам нов човек. Покајанието означува повторно раѓање, обновување на мојата душа, јас буквално се враќам назад во времето и ставам нов почеток, и станувајќи нов човек, јас одново станувам дете и отворам нова страница во својот живот, потполно нова. За таму да запишам нешто ново и да го избришам старото, да го фрлам од својот живот и да почнам да живеам одново.

Кон покајанието се стремиме и покајание бараме од нас самите. Господ нѐ замолил да имаме покајание, Он вели: „Покајте се!“ (Матеј 4, 17). За покајанието постојано зборуваше и Св. Јован Претеча: „Покајте се!“  - викаше во пустината. Тој пустиножител, подвижник, таа пустинска птица, тој крин пустински постојано зборуваше: „Покајте се зашто се приближи Царството Небесно“ (Матеј, 3, 2). Изменете се, исправете се, сфатете ги своите грешки, согласете се дека сте грешни луѓе и прифатете го очигледното: дека покајанието ни е неопходно. Тоа го рече и Самиот Господ - Свети Јован Претеча си заминува од историската сцена, и доаѓа Господ во нашиот живот и ни го вели истото.

Ние сепак немаме покајание! Ние немаме покајание и дури сега, слушајќи го ова, ти си велиш во себе: „Што ти е, сега најде да ми зборуваш за покајание? Јас имам толку многу обврски, треба да трчам по децата, да ги соберам од училиште, треба да готвам, треба да испазарам, да одам по продавници, треба да се појде на лекар и уште колку работи имам на глава! Времето ми е сведено на минимум, не ми стасува, толку многу работи треба да направам, не успевам да го направам ни она најнеопходното. А ти ми велиш да се покаам - што да направам за да се покајам? Не можам да го сварам тоа да се покајам! Не сфаќам што ми зборуваш, што е тоа покајание?

Си спомнувам за зборовите на Св. Јован Лествичник, којшто вели дека тоа што ти никако не успеваш да го направиш, тоа за кое никогаш немаш време, тоа е она единственото што Христос ќе те праша дали си го направил; единственото за што ќе даваш одговор пред Бога; единственото кое Христос ќе го побара од твојата душа во Судниот Ден. Покрај љубовта, покрај сѐ што е добро и што Господ го бара од нас: смирението, добротата, милостината, сите добродетели, сите нешта што ја украсуваат душата и го оживотворуваат нашето битие, покрај сето тоа Он ќе побара да види и дали сме имале покајание: тогаш кога си направил грешки, кога си претрпел неуспех во сѐ што си сакал да постигнеш, (а ние, секако, сите трпиме неуспеси, никој совршено не го достигнал тоа што го сакал, никој не ја достигнал висината на којашто сакал да се искачи. Никој не може да има совршена љубов, совршено смирение, потполна и некористољубива самопожртвуваност, чистота на срцето, никој не може да го има тоа до степен на совршеност како што сака Бог). И Господ вели:

„Кога не можеше да ги достигнеш сите тие убави нешта што ги сакаше во животот, бидејќи беше слаб, па дури и она постигнатото го извалка со својата злоба и себичност, дали барем имаше во себе покајание? Дали покајанието ги пронижа сите страни од твојот живот, сите моменти од твојот живот? Ги украси ли покајанието, ги исправи ли? Ти беше грешен, нема да ти судам за тоа што беше грешен, бидејќи знам, како Бог, дека ти си грешен. Знам дека ти си земја, знам дека ти си прашина и не очекувам од тебе ништо подобро – јас знам дека ти сам ништо не можеш да направиш! ’Бидејќи без мене не можете да направите ништо‘ (Јован 15, 5). Ти не можеш да направиш ништо, го знам тоа и не се лутам кога ја гледам твојата немоќ, бидејќи знам дека ти си целиот една голема слабост, една рана“.

Да, човекот е една голема рана на Вселената. Бог го знае тоа и затоа нема да ни суди, нема да нѐ прекори за тоа што сме грешни, нема да нѐ прекори дури и за тоа што не сме достигнале големи цели во животот. А и не можеме да достигнеме некакви си големи цели, зашто сме луѓе мали и бессилни. Сето возвишено што може да се достигне Му припаѓа Нему. И сето она големо што произлегува преку нас, исто така Му припаѓа Нему. Он ни дава сила, благодат, крепост и дејствува преку нас.

Бог нема да ни суди поради тоа што не сме пошле по сите краишта на Вселената, да мисионериме, доколку Самиот не нѐ повикал на тоа дело. Бог нема да ми суди за тоа што не сум воскреснал мртовец, бидејќи не е мое да правам така. Не сум јас Животот, Патот и Вистината. Не сум јас Оној што кажа: „Кој верува во Мене, и да умре ќе живее“ (Јован 11, 25). Христос го кажа тоа. Христос може да воскресне мртовец, а не јас. За тоа Он нема да ми суди. Господ нема да ме прекори дури и за тоа што сум грешен, и за тоа што не сум ги нахранил сите бедни на светот, бидејќи сам не можам да го направам тоа.

„Знам, дете мое, дека ти си човек, ти си земја; дека под облеката што ја носиш, под расото што го носиш, криеш плот и таа плот е  земја, и прашина, и пепел, која го бара сличното на себе и Јас знам кој си ти. Но има нешто што Јас го чекав од тебе“, ќе ми рече Христос, „нешто што и ти, како прашина, и земја, и Мое создание можеш да го направиш, и требаше да го направиш, и што Јас го чекав од тебе целиот твој живот. Чекав да го направиш тоа. А што е тоа? Да се покаеш! Барем да се покаеш. Ти не си свет, Јас знам. Но Јас дури и не видов дека ти се согласуваш со тоа. Јас не видов дека ти жалеше за себе самиот, дека ја позна својата мерка, дека го сфати очигледното. А што е тоа? Тоа дека си безначаен, мал, бессилен. Јас не видов“, ќе рече Христос, „дека ти се согласи со тоа, дете Мое. И те гледам крајно себичен, совршено неисправен, непопустлив, совршено тврдоглав, имаше голема доза на инает во тоа што го зборуваше, во тоа што го мислеше, во тоа што го правеше. Си стоеше на своето, не се покаја, срцето твое не го прими тоа, затоа што секогаш беше тврдо, секогаш остануваше непроменливо во своите желби, решенија, постапки. Не ја видов таа сладост на покајанието. А сакав да видам дека ти се согласуваш со тоа. Сакав да видам дека тагуваш, да видам да се приземјиш, и да влезеш во својата мерка, да ја разбереш својата мера. Сакав да го сфатиш тоа и да Ми кажеш:

’Господи, тоа сум јас. Толку мал, толку слаб, толку грешен. Гревови во мене има многу и јас ги знам, размислувам за нив, тагувам, душата моја страда, очите пролеваат солзи, плаче душата моја. Ако и нема солзи од моите очи, бидејќи се дар од Бога, во душата сепак, многу плачам. И доколку на очите мои нема солзи, барем воздивнувам, се мачам поради тоа, признавам и го велам ова. Се согласувам и велам: Ах, Боже мој, јас не сум таков каков што ме создаде. Не сум таков каков што треба да бидам, за да ме гледаш и да ми се радуваш. Кога ме создаде, кога ме изваја во рајот, кога со Своите пречисти раце ми даде живот, кога собра земја и го создаде делото на Твоите раце, човекот, мене, сиот свет - Ти не мислеше дека ќе дојдам до тука. Ти не сакаше да паднам до тој степен. А јас толку паднав. Се согласувам со тоа, воздивнувам, тагувам, се мачам‘“.

Ете тоа значи покајанието - тага на душата, но слатка тага. Тага која е придружена со надеж – надеж во Христа. Тага која е придружена со чувство дека постои Некој, Кој е пред тебе.

(Продолжува)