(24.09.2007)

Денес на денот на света Теодора Александриска и свети Силуан Атонски, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Архиерејска Божествена Литургија во скитот на свети Григориј Григоријатски во близина на манастирот во Водоча.

„Оној пак, кој не ги љуби непријателите, не може да Го познае Бога и сладоста на Светиот Дух.Светиот Дух нè учи да ги љубиме непријателите, така што душата ќе ги сожалува како родени деца.Има луѓе кои на своите непријатели или на непријателите на Црквата им сакаат погибел и маки во пламенот на пеколот. Тие мислат така затоа што Светиот Дух не ги научил на љубовта Божја, оти тој кој е научен на таа љубов, ќе пролева солзи за целиот свет. Велиш дека тој е злосторник и дека треба да гори во адскиот пламен. Но те прашувам јас тебе: ако Бог тебе ти даде добро место во рајот, а ти го гледаш во огнот оној кому си му пожелал да гори во маките, зарем тогаш не ќе ти биде жал за него, кој и да е тој, макар и да е непријател на Црквата?

Или имаш железно срце? Но во рајот железото не е потребно. Таму се потребни смирението и љубовта Христова која ги сожалува сите. Кој не ги љуби непријателите, во него ја нема благодатта Божја.
Милостив Господи, научи нè со Твојот Свет Дух да ги љубиме непријателите и со солзи да се молиме за нив.

О Господи, дај го Светиот Дух на земјата за да Те познаат сите народи Тебе и да се научат на Твојата љубов.

Господи, како што Ти Сам се молеше за непријателите, така и нас со Твојот Свет Дух научи нè да ги љубиме непријателите.Господи, сите народи се создание на Твоите раце. Обрати ги од непријателство и злоба кон покајание, сите да ја познаат Твојата љубов.

Господи, Ти Си заповедал да ги љубиме непријателите, но тешко ни е нам грешните, ако со нас не е Твојата благодат.


Господи, излеј ја на земјата Твојата благодат. Дај им на сите народи на земјата да ја познаат Твојата љубов, да познаат дека Ти нè љубиш нас, како мајка, и повеќе од мајка, затоа што и мајката може да го заборави својот пород, но Ти никогаш не забораваш, оти Ти безмерно го љубиш Своето создание, а љубовта не може да заборави. Кој ги љуби непријателите, тој наскоро ќе Го познае Господа преку Светиот Дух, а кој не ги љуби, за тоа не сакам ниту да пишувам.

Но, го сожалувам, оти тој се мачи себеси и другите, а Господа не Го познава. Душата, губејќи го смирението, заедно со него ја губи и благодатта, и љубовта спрема Бога, и тогаш се гаси огнената молитва. Но кога душата ќе се смири од страстите и кога ќе го стекне смирението, тогаш Господ ѝ ја дава Својата благодат.

И тогаш таа се моли за непријателите како за самата себе, и за целиот свет, се моли со врели солзи.  Ништо не е подобро од тоа да се живее во смирение и љубов. Тогаш во душата ќе има голем мир, и таа нема да се превознесува над братот. Ако ги сакаме непријателите, тогаш во душата нема да има место за гордост, оти во љубовта Христова не постои превознесување. Гордоста, како оганот, го голта сето она што е добро, а смирението Христово е неискажливо и сладосно. И да го знаат тоа луѓето, тогаш целата земја ќе ја учеше таа наука. Јас учам целиот живот, дење и ноќе, и не можам да ѝ одолеам. Мојата душа размислува за сè: уште не го постигнав, она што го сакам, и не можам да се успокојам.

Но смирено ве молам, браќа, кои ја знаете љубовта Христова, молете се за мене, за да се избавам од гордиот дух, и да се всели во мене смирението Христово. Слава Му на Господа, што не нè остави сираци, но ни го даде Светиот Дух на земјата. Светиот Дух ја учи душата на неискажлива љубов кон народот и ја учи да ги сожалува сите заблудени. Господ се сожали на заблудените и го прати Својот Единороден Син да ги спаси. И Светиот Дух нè учи, исто така, да ги сожалуваме заблудените, коишто одат во пеколот.

Оној што не го стекнал Светиот Дух, не сака да се моли за непријателите.Преподобен Паисиј Велики се молел за својот ученик, кој се откажал од Христа, и за време на молитвата му се јавил Господ и му кажал: “Паисиј, за кого се молиш? Па тој се откажа од Мене!” Но, преподобниот продолжил да го сожалува својот ученик. И тогаш, Господ му кажал: “Паисиј, ти ми се уподоби Мене во љубовта.”Така, се стекнува мирот, и освен овој, не постои друг пат.Ако некој многу се моли и пости, но нема љубов кон непријателите, тој не може да има душевен мир. Јас не би можел да зборувам за тоа, ако Светиот Дух не ме научеше на љубовта. Но, ако се навикнеме да се молиме усрдно за непријателите, и да ги љубиме, тогаш мирот секогаш ќе пребива во нашите души. А ако го мразиме братот, или го осудуваме, тогаш нашиот ум ќе се помрачи и ние ќе го загубиме мирот и смелоста пред Бога.

Господ ни заповедал да ги љубиме непријателите, и оној што ги љуби непријателите, Му се уподобува на Господа. Но, да ги љубиме непријателите можеме само по благодатта на Светиот Дух. И затоа, кога некој ќе те навреди, моли Го Бога за него.

И тогаш ќе го сочуваш мирот во душата и благодатта Божја. А ако ропташ и го караш својот старешина, тогаш и самиот ќе станеш гневлив како и тој.

И тогаш врз тебе ќе се исполнат зборовите на пророкот Давид: “Со светиите постапуваш свето, со лукавите наспроти нивното лукавство.” Душата не може да има мир ако со сите сили не бара од Господ да ги сака сите луѓе. Господ знаеше дека ако не ги љубиме непријателите, нема да имаме мир во душата. И затоа ни ја даде заповедта: “Љубете ги вашите непријатели.” Ако не ги љубиш непријателите, тогаш душата ќе биде спокојна само повремено. Но ако ги љубиме непријателите, тогаш мирот ќе пребива во душата и дење и ноќе.“ (свети Силуан Атонски)
 


Посети: {moshits}