plavikupoli2.jpgДенот за отец Амвросиј започнувал во 4 часот наутро. Старецот заѕвонувал со своето ѕвонче, и ќелијниците се јавувале. Тие секој ден му го читале неизменето востановеното во скитот утринско правило - утрените молитви, 12-те избрани псалми и првиот час. По краткиот одмор, старецот го ислушувал 3-от и 6-от час со изобразителните и соодветниот на денот канон и акатист. При читањето на акатистите отец Амвросиј стоел право, а часовите ги ислушувал или легнат, ако не се чувствувал добро, или седнат на својата постела.
Така било до 1870 г., додека силите на старецот биле покрепки. Меѓутоа, откако му започнале тешките страданија, тој почнал да станува малку подоцна - во 5 ч. наутро. Додека му помагале да се измие, или додека го растривале со шпиритус, како и за време на појадокот, неговите ќелијници му поставувале прашања:
- Баќушка, некојси е во такви и такви околности. Што ќе му благословите да прави?...
Друг, пак, ќе запраша:
- Баќушка, некој го проси Вашиот благослов за некое дело. Да го преземе или не?
Старецот ја вршел својата работа и одговарал на поставените прашања. Поминувајќи ја ноќта лошо, со отечено лице, со трескави трпки, измачен од ревматични болки, тој обично велел: „Оф, се боли!" Но никогаш не го оставал својот долг кон бедниот народ, туку гледал на секого да помогне со својот благ совет. Преку денот, поради многукратните свои болникави испотувања, тој се преоблекувал и преобувал многу пати. Не можел да поднесува ниту горештина, ниту студ - подносливата температура за него била 17 степени. Еден, два степени му влијаела лошо. Но, како да се одржува таква температура во неговата соба - особено зимно време, кога од надворешниот студ влегувале направо во собата, тукушто, дојдените посетители и го изладувале воздухот. Обично при такви промени на температурата, отец Амвросиј лошо настинувал.
Честопати, додека појадувал, старецот диктирал на своите писари одговори на добиените многубројни писма. По појадокот, кој се состоел од 2-3 мали чаши чај и парче леб, неретко, болниот стомак се повраќал.
А, меѓутоа, надвор пред неговата ќелија веќе се собирал народ: од внатрешната страна - мажи, а од надворешната - жени. Сите со нетрпение чекале да бидат примени од старецот. Некои тропале на вратата, други, пак, влечеле на ѕвончето. Излегувал ќелијникот. Луѓето го опкружувале со молба да праша за нив. „Старецот е зафатен" - велел тој и се прибирал внатре. И пак се повторувало тропањето и ѕвонењето. Пак излегувал ќелијникот со истиот одговор. А луѓето му префрлувале: „Зошто не му кажавте? - Вие не сакате да соопштите за нас, дека чекаме..."
Во „хибарката" владеело истото незадоволство меѓу жените и пристигнатите од разни манастири монахињи.
- Јас живеам во приемната соба веќе цела седмица. Секој ден доаѓам при старецот, но никако не можам да дојдам до него - се оплакува една.
- Јас, пак, сум тука две седмици - и одвраќа друга.
Штом излезе ќелијникот и се обиде да ги успокои духовите, започнувале да се слушаат викотници од стотици усти: „Кажете, кажете за нас!..."
Викотниците стигнувале до отворен ропот против старецот, дека не сака да ги прими. Но, посетителите не знаеле, колку лошо се чувству-вал тој и како ја поминал во болки ноќта...
Најпосле, старецот излегол при мажите. Некои само благословувал, на други кажувал по неколку зборови, а каде што оценувал, дека потребата е голема, таму одделувал повеќе време и внимание. Многу често се случувало да го обеспокојуваат старецот за ништо: еден чувствувал главоболка и затоа дошол кај отец Амвросиј, друг - дека нозете не го држат, трет - дека имал во својот живот непријатности. А сите тие површни тревоги отец Амвросиј требало трпеливо да ги ислуша, откако понекогаш шеговито и симпатично велел во рима: „Трпел Елисеј, трпел Мојсеј, трпел Илија - така претрпувам и јас."
Една селанка дошла да се поплаче на старецот, дека и умирале кокошките. Некои од ќелијниците негодувале против неа, зашто го занимава старецот со такви нешта. А тој сочувствено ја заштитил, откако рекол: „Оставете ја! Не гледате ли, дека целиот живот и е во тие кокошки? ..."
На ручек, преуморен од посетителите, старецот ја примал својата скромна храна во ќелијата на својот ќелијник отец Јосиф. Болниот стомак не поднесувал секаква храна. Меѓутоа, тој не само што не жалел за тоа, но напротив, секогаш бил весел, љубезен и дури се шегувал. Тој јадел толку малку, колку што може да изеде едно тригодишно дете. Ручекот му бил не повеќе од 10 - 15 минути. За тоа време, неговите ќелијници му поставу-вале, како за време на појадокот, разни прашања, поставувани од покло-ниците. Одвреме - навреме за духовен одмор, ќелијниците му прочитувале по негова желба една - две басни од Крилов, кои, тој многу ги ценел заради нивната поучна содржина. По завршувањето на ручекот тој ги примал сите за општ благослов - најпрвин мажите, а потоа и жените. При такви општи приеми старецот ги вразумувал со некаков точен остроумен збор оние кои имале потреба од таков, или кажувал некоја соодветна пословица, која ја разбирал оној, кон кого таа се однесувала, или пак, раскажувал нешто, што служело како одговор на скриените мисли на некого од присутните.
Потоа, тој ги благословувал општо сите и преку толпата поклоници едвај - едвај доаѓал до својата ќелија, каде што се одморувал малку.
Ако имал повеќе сили, тој одел и во „хибарката" каде што, давал општ благослов и на жените. Од толпата се слушале прашања. На нив отец Амвросиј одговарал кратко и мудро. Понекогаш старецот седнувал, а жените околу него коленичеле и ја слушале импровизираната беседа, преку која тој скриено ги изобличувал човечките недостатоци. Најмногу тој учел на трпение, снисходливост кон гревовите на ближните и себепринудување кон добро. (Мт. 11, 12). Ако времето одминувало во тие беседи, ќелијниците му напомнувале на баќушката, дека треба да се одмори, оти е веќе 2 часот. Старецот пак, шеговито им одвраќал: „А ти, врати го часовникот назад и ќе биде 1 часот..." Но сепак, им се покорувал на своите ќелијници и се упатувал кон својата соба. Народот околу него се вознемирил. Царувале неред и врева. Некои се фаќале за облеката негова и не ја пуштале, па го молеле: „Кажи и на нас еден збор!" Со мака старецот се провирал среде народот и честопати ја оставал својата облека, која, ќелијниците отпосле му ја донесувале. А понекогаш среде народот имало и самољупци, кои настојувале старецот да им обрне особено внимание, одделувајќи ги од другите. Ако тоа не се случело, тие се навредувале од старецот. Еднаш еден таков самољубец, без да оцени, колку истоштен и болен е баќушката, се провикнал:
- Види каква злоба! Помина покрај мене и дури не ме ни погледна!...
Но, токму поради тоа свое претенциозно чувство, тој не го заслужувал вниманието на старецот, кој честопати сам се насочувал кон други посетители кои смирено и трпеливо чекале, без да го викаат.
Најпосле влезен во својата ќелија, отец Амвросиј, многу често, наместо да се одмори, повикувал некои од своите писари - најчесто јеромонах Климент - и почнувал да му диктира писмо. Така, дури ниту една минута не минувала за баќушката во мрзливост и празнина. Кога, пак, морал почине, тој легнувал за малку и во 3 часот веќе бил на нога. Ако се чувствувал подобро, излегувал надвор при народот што го чекал. Ако, пак, се чувствувал лошо, ги примал посетителите во ќелијата на отец Јосиф, каде што лежејќи, разговарал со луѓето за нивните потреби и таги.
Во 8 часот навечер старецот вечерал. И сега, за време на јадењето, му биле поставувани прашања. Кога силите му позволувале, тој излегувал да разговара со жедниот за Божјото слово народ, и така, дури до 11 ч. навечер.
Враќајќи се во својата ќелија, тој гледал насобрани многу манастирски браќа, кои го чекале својот ред - да се удостојат по народот и тие да поразговараат со баќушката за своите потреби. Откако ќе ги видел дека разговараат на неполезни теми, отец Амвросиј им велел често во рима: „Народ, не раззеваи рот!", т.е. „Луѓе, не празнословете!." На друг, пак, ќе каже: „А ти, наместо да седиш без работа, земи ги своите бројаници и кажувај ја Исусовата молитва!" Кога некој од браќата бил нерасположен, старецот им раскажувал некој смешен, но поучителен случај, за да го изгони мракот на безволноста.
Денот на отец Амвросиј задолжително завршувал со вечерно правило. Тоа не се пропуштало дури и кога тој се чувствувал крајно уморен. Келијниците, исто така, капнати од уморот, правеле големи усилби над себеси да го прочитаат малото повечерие, канонот на Ангелот - пазител и вечерните молитви пред сон. Понекогаш очите им се склопувале за време на читањето, и устата им се затворала. Понеиздржливите биле готови да паднат во дремка. Само старецот, неретко, лежел на својот кревет, речиси, без чувства. Меѓутоа, надворешниот свет не го гледал целиот тој голем подвиг и понекогаш го критикувал баќушката. А тој, скромниот подвижник, не си позволувал дури и за малкуте часови, одредени за сон да се опушти во удобна почивка, а секогаш си легнувал облечен, препашан со кожен појас, со монашка шапка на глава и со бројаница во раце. Ги собувал само своите обувки...
Единствено Бог знаел, како старецот ги поминувал ноќните часови. Но, јавно било за неговите ќелијници, дека преку ноќта тој се преоблекувал неколку пати, што се гледало од закачените за сушење фланелни кошули. Од тоа, тие заклучувале, дека преуморниот и болен старец немал непрекинат сон преку ноќта.
Така завршувале секојдневните трудови на старецот. Следниот ден се повторувало истото: пак многу посетители, пак префрлувања, дека баќушката не сака да ги прими, пак големо трпение од негова страна кон нетрпеливите, пак грижа за душите, пак морални поуки, упатени кон сите итн.
Не може да се каже, дека при обичната навалица во ходниците пред ќелијата на отец Амвросиј сите посетители пројавувале нетрпеливост и незадоволство. Повеќето поклоници доаѓале со скрушени срца, со покајание и вера во себе. Трепетно тие очекувале, кога ќе им дојде редот да разменат некој спасителен збор со старецот.
Еве како ги опишува своите впечатоци од отец Амвросиј една верна душа: „Колку радосно почнуваше да бие срцето, кога одеднаш на крајот од патот ја гледаш скитската камбанарија, а оддесно бедната ќелија на смирениот подвижник! Каква леснотија чувствуваше душата во тесната и задушна „хибарка", и колку духовна светлина се разлеваше среде нејзиниот таинствен полумрак! Колку луѓе поминале оттука! Мнозина од нив доаѓале со горчливите солзи на страдањата, а излегувале со солзи на радост. Очајните си заминувале утешени, неверните и оние кои се сомневале постанувале верни чеда на Црквата! Баќушката беше извор на многу благодатности! Титулите на луѓето и нивната положба немаа никакво значење во неговите очи. Тој ја бараше душата на човекот. Таа му беше толку скапа, што тој забораваше на себеси и со сите сили се трудеше да ја насочи кон вистинскиот пат на спасението. Од утро до вечер, измачен од своите болести, старецот примаше посетители... Зборовите му се пресретнуваа со вера и беа закон. Неговиот благослов се сметаше за голема среќа. Удостоените со таква милост излегуваа од неговата ќелија, крстејќи се и благодарејќи на Бога за добиената утеха."

(продолжува)

Од книгата ОПТИНСКИ СТАРЦИ( издавач:  ЃаконијА)

Посети:{moshits}