sv.GRIGORIJ.PALAMA.jpg

79. 
7 февруари 1954 г.
Писмо до монахињата
Го добив твоето долго писмо и го прочитав со љубов. Се израдував на промената во твојот живот. Пресвета Богородица на чудесен начин те упатила на вистинскиот пат што оди кон вечното живеалиште. Дури и ти дала закрила под Својот мо¬ќен покров! Верувај длабоко дека Таа ќе ти помогне во горчливите животни мигови, бидејќи во овој живот нема постојаност, но, токму како во воздухот над нас, постојано нешто се менува. Напишав како X. да се вежба во молитвата; прочитај во писмото што и го испратив. Те советувам, но тоа не е ниту закон, ниту наредба, секојдневно да читаш „Богородице Дево, радуј се" 12 пати и 33 пати Исусовата молитва — само труди се молитвата да ја читаш внимателно, бидејќи вниманието е душа на молитвата. Исполнувај ги оние три правила, за кои порано ти пишував, душата се навикнува на духовниот живот. Особено е важно да се остави својата волја зад себе. Тоа не е лесно да се направи, но така се добива силно средство против ѓаволската гордост. На гордоста и е својствено секогаш да биде над сите, не може да се потчини на друг, упорно го задржува своето мислење. Ете, св. отци сами поминале по овој пат и ни ги оставиле тие правила за раководство. Всушност, само со нивното исполнување се стекнува внатрешниот, душевниот мир, а човекот, кој ќе го добие, каде и да живее, секогаш ќе биде мирен и спокоен. Архиепископот Теофил еднаш ја посетил нитријската гора и му дошол таткото (ава) на гората. Архиепископот му рекол: „Кое делување, според твоето искуствено сознание, е највисоко на монашкиот пат?" Старецот одговорил: „Послушноста и постојаното самопрекорување". Архиепископот рекол: „Друг пат, освен тој — нема".
Уште нешто. И да звучи безумно, нема да излезам безумник. Целиот свој живот тежнеам и се трудам да ги исполнувам тие три правила, со Бож¬јата милост, ете, добивам мир, иако тој е несовршен, сепак сум мирен и спокоен. Ме одредија за настојател во Печенскиот манстир. Од монах ме посветија во јероѓакон, јеромонах и во игумен. Две недели се подготвував за патувањето и се учев да служам и сето време, по Божјата благодат, бев мирен. Ме зачудуваа некои монаси кога ми велеа: „Колку спокојно се подготвуваш! Другите одат од ќелија во ќелија, па ќе се вознемират, а ти толку мирно го прими поставувањето на новата служба во новиот манастир!" Многу монаси многу работи ми изнакажаа. Мнозината ме советуваа да одбијам: „Па, ти одиш — на крст". Јас одговорив: „Ние не знаеме кога и каде Господ дава крст." И, ете, се подготвив за патот. Со мене тргнаа уште двајца јеромонаси. Патувавме 16 дена и ноќи: до градот Рованиеми со воз, а од тој град 500 врсти до Печенг: 250 врсти на коњи и 250 врсти на елени. Секако, не беше лесно, бидејќи не го знаевме финскиот јазик, но сепак некако стигнавме.
Допатувавме навечер. Не дочекаа со ѕвонење на камбаните. Влеговме во црквата, ми облекоа свилена мантија, ги отворија царските двери, јас и браќата јеромонаси кои дојдоа со мене, пријдовме до престолот и до ковчегот со моштите на преп. Трифон. Сето братство се насобра во црквата, свештенослужителите беа во одежди. Не бев подготвен да кажам ништо, но кога почнав да им приоѓам на браќата, помислата ми велеше „кажи нешто" и еве што реков: „Здрави да сте свети отци и браќа! Испратен сум при вас како настојател и со мене уште двајца јеромонаси. Ние се подготвивме за многу краток период. Се на се, две седмици учев да служам, бидејќи посветен сум во овој чин од прост монах. Ако било што грешам во службата, поправете ги моите недостатоци со христијанска љубов, а во домашните работи, ве молам, да ми помагате". Ризничарот одговори: „Сакаме, ќе ти помагаме!" Јас продолжив: „Свети отци, најважно од се е да се трудиме меѓу нас да владеат мирот и слогата. Ако биде така, тогаш врз нас ќе почива Божјата благодат. Амин".


Ризничарот, пак, рече: „Опрости, ние ништо не можеме да кажеме". Сите браќа потоа ми пријдоа за благослов, а потоа отидовме на чај, пирошки со лосос и лепчиња со сирење што беа подготвени. Се напивме чај во настојателската ќелија. Тука останав да преноќам и во иднина — да живеам. Просторот е голем, две сали, две соби за дневен престој и една спална соба. Се навикнав на манастирот многу лесно, проживеав во него 10 години и 8 месеци. Пред мене за настојател бил поставен некој јероѓакон, но тој тешко се разболел, почнал да добива дури и напади. Тогаш ме поставија мене.
Во Валаам минував низ разни послушанија, па, иако имаше и такви кои што не ми се допаѓаа, сепак не паднав со духот, туку бев спокоен. Од светото послушание се раѓа смирение и силата на волјата за богоугодување се поткрепува. А св. отци послушанието го сметаат, дури за мачеништво. Ава Доротеј пишува многу добро за тоа, ти советувам да ја прочиташ неговата книга.


Ние, воопшто, многу се грижиме за нашата слободна волја. А сега, одеднаш, треба да ја оставиме нашата волја и да ја исполнуваме волјата на другиот. Многу е тешко да се скриеме пред другите. Тоа можат само големите души, а слабите цврсто инсистираат на своето.
Обврзи се — во растројство никако да не донесуваш одлуки за ништо. Така советуваат св. отци.
Уште нешто за гордоста: својство на гордоста е во себе да гледа само добро, а кај другите само лошо, додека, пак, својството на смирението е кај себе да ги гледаш своите гревови, а кај другите — добрите особини.

 Друго:

  Писма на валаамскиот старец (23)

Извор:

Korica.Pisma.Valaam.jpg

Издавачка установа „Канео“ при Дебарско- кичевската епархија ,Охрид 2001

 

Главен и одговорен уредник

Митрополит Тимотеј

 

Друго: