Платон, Архиепископ Костромски

ruskikrst.prozor].jpgНатерај се себеси да станеш рано и по план. Штом ќе се пробудиш, помисли на Бога; прекрсти се и заблагодари Му за ноќта која изминала и за сета Негова милост над тебе. Замоли Го да раководи со твоите чувства, желби и дела, за да Му биде угодно се што ќе направиш и кажеш.

Додека се облекуваш, присети се на Господовото присуство, како и на својот Ангел Чувар. Замоли Го Господ Исус Христос да те облече во наметка на спасението.

Откако ќе се измиеш, почни со утринска молитва. Моли се коленичејќи, концентрирано, со страв Божји и кротост, како што е достојно пред Севишниот. Моли Го да ти даде вера, надеж и милосрдие, како и мир и сила да го издржиш сето она што денешниот ден ќе ти го донесе (неволји и искушенија). Помоли се да го благослови твојот труд. Помоли се за помош: за некоја задача која мора да ја извршиш, или во борба против некој грев.

Ако можеш, прочитај нешто од Библијата, особено од Новиот Завет и Псалтирот. Читај со намера да добиеш духовно просветлување, примајќи го во срце она што ќе го прочиташ. Откако малку си прочитал, стани, и размисли за она што го шрочита, а тогаш продолжи, размислувајќи за она што Господ му го предлага на твоето срце.

Пробај да посветиш барем петнаесет минути за духовно размислување за она што си прочитал, на твоја корист и спасение.

Секогаш заблагодари Му на Господа што не дозволил да те снема во гревовите, и што се грижи за тебе, на секаков можен начин водејќи те кон Царството Небесно.

Започни го секое утро како во тој момент да си одлучил да станеш Христијанин, живеејќи според Божјите заповеди.

Кога ќе тргнеш да ги извршуваш своите обврски, тежнеј се да чиниш во слава Божја. Не започнувај ништо без молитва, бидејќи се што ќе направиме без молитва подоцна е или штетно или бескорисно. Вистинити се зборовите Господови: „Без Мене не можете ништо да направите“.

Угледај се на нашиот Спасител, кој работел за да му помогне на Јосиф и Неговата Пречиста Мајка. Додека работиш, биди весел, ослонувајќи се секогаш на Божја помош. Добро е непрестајно да ја повторуваш молитвата: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот!“.

Ако работата ти е успешна, заблагодари Му се на Бога. Ако не, препушти и се на Неговата волја, бидејќи Он се грижи за се и се води кон добро. Прими ги сите неволји како епитимија за своите гревови, во кроток и послушен дух.

Пред секој оброк, помоли Му се на Бога да ги благослови храната и пиењето, а после секое јадење заблагодари Му се и помоли се да не те остави без духовни благослови. Добро е да си заминеш од масата по малку гладен. Во се, избегнувај претерување. Според примерот на древните Христијани, пости во среда и петок.
Не биди алчен. Биди благодарен за храната и облеката која ја имаш, угледувајќи се на Спасителот Кој се спуштил до смртност за нас.

Труди се во се да Му угодиш на Господ, за да не те гризе совеста. Знај дека Бог секогаш те види, и со самото тоа биди внимателен со чувствата, помислите и желбите на твоето срце.

Избегнувај ги и најмалите гревови, за да не западнеш во поголеми. Отстрани ја од себе секоја помисла која те оддалечува или која може да те оддалечи од Господ. Бори се против секоја нечиста желба, како против искра која паднала на твоето одело. Ако не сакаш да те мачат зли желби, кротко примај понижување од другите.

Не зборувај премногу, сети се дека за секој изговорен збор ќе одговараме пред Бога. Подобро е да се слуша отколку да се зборува: невозможно е да се избегне гревот во празнословие. Не биди љубопитен што се однесува до вестите, кои само го забавуваат и сматуваат духот. Никого не осудувај, но сметај се себеси за полош од сите други. Оној кој суди ги зема туѓите гревови на себе. Подобро е да го жалиш грешникот и да го молиш Бога да го исправи. Ако некој не го слуша твојот совет, не карај се. Но, ако неговите дела ги соблазнуваат другите, примени прикладни мерки, бидејќи нивното добро, со оглед на тоа дека се повеќе, сигурно е поголемо од неговото, со оглед на тоа дека е сам.

Никогаш не се карај ниту правдај. Биди благ, тивок и понизен. Трпи се, по примерот на Исус. Он нема да ти даде крст кој не можеш да го носиш. Исто така, Он ќе ти помогне да го носиш крстот кој веќе го имаш.

Замоли го Господа да ти даде благодат за да ги извршуваш Неговите свети заповеди онолку колку што можеш, иако изгледаат тешки за исполнување. По направеното добро дело, не очекувај пофалба, туку искушение: бидејќи љубовта кон Бога се искушува низ препреки. Не надевај се да примиш било какви доблести без тага. Во искушенијата не очајувај, туку моли се кратко: „ Господи помогни..., Научи ме да..., Не оставај..., Заштити...“. Господ секогаш дозволува искушенија, но Он исто така дава сила да им одолееме.

Замоли од Господа да го одземе од тебе сето она што ја храни твојата гордост, иако тоа ќе ти биде горко. Немој да бидеш груб, намуртен, лицемер, неповерлив, и избегнувај сукоби. Биди искрен и едноставен во твоето однесување. Кротко прими ги сите укори , дури ако си помудар и поискусен.

Што не сакаш да ти се случи, не прави им го на другите. Прави им го она што би сакал и тебе да ти го прават. Ако некој те посети, биди благ кон него, скромен, мудар, и, ако ситуацијата го бара тоа од тебе, биди и слеп и глув исто така.

Ако си мрзелив, или чувствуваш извесна безгрижност, не напуштај го востановеното молитвено правило и другите побожни подвизи.

Се што ќе направиш, посвети Му го на Господ Исус, без оглед на тоа колку е безначајно или фалично, бидејќи тоа тогаш станува свето дело на побожноста. Ако сакаш да најдеш мир, потполно посвети Му се на Бога. Нема да најдеш мир додека не се успокоиш во Бога, љубејќи Го само Него.
Од време на време, биди сам, по примерот на Исус, заради молитва и размислување за Бога. Мисли за Неговата бескрајна љубов кон нас, Неговите страданија и Неговото Воскресение, Второто Доаѓање и Страшниот Суд.

Посетувај ги службите што почесто. Исповедај се и примај ги Светите Тајни. Така, секогаш ќе бидеш во Бога, а ова е најголемиот благослов. Во текот на исповедта, покај се искрено и со омраза кон гревовите, бидејќи неисповеден грев води кон смрт.

Посвети ги неделите за милосрдни дела. На пример, посети некој болен, утеши некој кој е ожалостен, спаси го оној кој е изгубен. Ако некој му помогне на оној кој е изгубен да се сврти кон Бога, ќе прими голема награда во овој живот, како и во идниот. Охрабрувај ги пријателите да читаат духовна христијанска литература, и да учествувате во духовни разговори.

Нека Господ Исус Христос биде твој наставник во се. Стално обраќај Му се, мислејќи на Него. Прашај се: Што би направил Он да се наоѓа во слични околности?

Пред да отидеш на спиење, моли се искрено со сето срце, гледајќи строго на тој ден. Истражи го срцето свое, покај се за сторените гревови, со страдање и солзи, за да не ги повториш. Како што одиш кон креветот, прекрсти се, целивај го Крстот, и верувај Му на Господ Бог, кој е твојот Добар Пастир. Сметај дека ова можеби е твојата последна ноќ, и дека ќе се појавиш пред Него.

Сеќавај се на љубовта Господова кон тебе, и љуби Го со сето свое срце, сета душа, и сиот ум свој.

Живејќи вака, ќе го достигнеш благословениот живот на Царството на Незалезната Светлост.

Благодатта на Господ Наш Исус Христос нека биде над сите Вас.


Подготвил Б. Ѓ.

Посети:{moshits}