Прозорец кон небесата



Почитувајќи ја иконата, верниците не се поклонуваат на дрвото од иконата или на употребените бои, туку на самиот светител кој е претставен (изобразен) на иконата

Киро Кипроски


Сончевите зраци само што се појавија на врвот Крчин, на западната страна од Бигорскиот манастир, а во манастирската црква „Св. Јован Крстител“ се одржуваше утрена божествена литургија посветена на св. апостол и евангелист Лука, основач на иконописот во црквата. Тој ги насликал првите икони на Богородица, како и на апостолите Петар и Павле. Посетата на Бигорскиот манастир токму на 31 октомври, четврток, не беше случајна. Целта ни беше репортажата за сегашните зографи, иконописци, фрескосликари од редот на монашкото братство на манастирот и на сестринството на метохот на Бигорски, „Св. Ѓорѓија - Победоносец“ во дебарското село Рајчица.

Пред седум години, игуменот на Бигорскиот манастир, архимандритот Партениј, ги вовел монахињите во тајната на зографисување и цртање икони. Почетоците не им биле ни малку лесни - за да се навлезе во оваа техника, во овој занает, потребно е време и стекнување искуство. Но, со љубов кон Бога и неможното е возможно.

„Со трпеливост, со работа и со молитви ги совладавме техниките и предизвиците. Добивавме помош и од врвни зографи, почитувачи на Бигорски. Но има уште да учиме и да ја совладуваме оваа уметност“, тивко, со доза на скромност вели сестра Ана, која во ателјето во Бигорскиот манастир, што се наоѓа на највисокиот дел на кулата, на височина од триесетина метри, од каде што започнува Источен палат, работеше на довршување на иконата со ликот на свети Никола.

Од сите страни се создаваат прекрасни панорами, здивот да ти застане од непрегледните убавини на овој волшебен крај. Се' е на дланка: кањонот на реката Радика, течението на бистрите води, планинските височини на Крчин и Кораб, на запад, а на исток планината. Во овие есенски денови, природата е во прекрасно руво, исполнето со спектар на бои, од темнозелена, до жолти, црвени, кафеави, сиви, небесни, со еден збор - прекрасно. Моменти за уживање. Есенскиот пејзаж одмора, мирот и тишината и' даваат спокој и творечка енергија на душата. Во ваков амбиент и атмосфера иконописците со молитва ги извршуваат своите послушенија, неприкосновено се посветени во создавањето на иконата, или пак на ликовите на фреските на ѕидовите.



Игуменот на Бигорскиот манастир, отец Партениј, задоволен ги пофали зографите, кои мошне умешно ги зографисаа таваните и ѕидовите на манастирската библиотека, на параклисот Св. Никола, кој се наоѓа во Источен палат и се наоѓа во завршна фаза. Паралелно со ова монасите и монахињите - зографи, изработуваат и икони по нарачка на верници од земјава и странство.

Отец Партениј вели: „Не мора да се нагласи, се разбира дека зографот - иконописец треба да е човек со високи морални принципи и христијански начела, кој со молитва и пост се подготвува за својата работа. Иконографијата не е израз на имагинативноста на зографот, ниту негов каприц, туку строго следење на зацртан правец во методот на работа и предметот на иконата, во согласност со традицијата на Црквата која „преку иконите го изразува своето учење, својата историја и Предание, догмите на верата и молитвата како здив на духовниот живот...“.

Сестра Ана ја запрашавме дали сликањето го научила пред да одлучи да се замонаши и како го научила зографството, што не е лесно да се работи?

„Во манастир образованието не игра пресудна улога во распределбата на манастирските задолженија, т.е. послушанија. Всушност од она претходно наученото малку има полза, доколку не е во тесна врска со послушанието што се добива. Наша вистинска учителка и помошничка во послушанијата е благодатта што ја носи самото послушание. Некој може и да нема никакво претходно знаење и искуство, па сепак толку вешто и способно да си го исполнува задолжението, што гостите во манастирот остануваат зачудени. Тоа е затоа што послушанието, всушност, доаѓа од Бога, преку духовникот и затоа Бог на послушникот му испраќа благодат и сили за да може добро да си го прави послушанието, а таа благодат не' учи на се'. И не само тоа. Божјата промисла се погрижи во манастирот да ни гостуваат и некои зографи, кои не' упатија во техничкиот дел на зографското послушание“, одговара сестра Ана.

На прашањето како ја создава иконата, сестра Ана ни појаснува:

„Според иконописните правила мора да се запазат цртите на ликот на светителот изобразен на иконата, затоа најверодостојни се иконите кои се земени како копија. Секој зограф на свој начин ја доживува иконата која преку неговата рака Бог ја изобразува, па така понекогаш се внесува и дел од самиот зограф“.

Монахот зограф Аверкиј не' запозна со начинот и времето на создавање икона.

„Техничката подготовка и изведба, покрај самото зографисување, е поткрепено со време. Носителот, штицата, мора да ја обезбеди трајноста на иконата, затоа таа треба да биде добро направена. Ние не ги произведуваме штиците, туку ги порачуваме кај мајстори специјализирани за дрвени изведби. Откако ја добиваме штицата (букова или од липа, а може и од орев) по веќе нарачаната димензија, таа се подготвува така што на неа се лепи платно со помош на туткал, а потоа се нанесуваат 9 тенки слоеви на грунд, кој треба добро да се исуши. Откако грундот добро ќе се исуши, се шмиргла, па се нанесува цртежот, според кој се лепи и злато од 23 карати, во вид на тенки ливчиња. Златото се заштитува и се пристапува кон боење. Во зависност од тоа какви бои ќе се употребат (пигменти во јајчана емулзија или акрил), времето за изработка е различно. На крајот иконата се заштитува со лак и се осветува.



За шест-седум години бигорските зографи имаат изработено околу 150 икони од различни димензии, а цената за една икона се движи од 250 евра за икона со димензија А3, а иконите со поголеми димензии се и поскапи. За наредниве неколку години капацитетот за изработка на икони однапред е пополнет. Нарачателите се задоволни од квалитетот на иконите и се најдобрата реклама и поради тоа нарачките се големи и постојано се зголемуваат.

Престојот во ателјето каде што се изработуваат иконите и дружењето со зографите беше прекрасно. Со голема љубопитност го следевме начинот на цртањето на иконите, на нанесувањето на боите, сенките, златните ливчиња. Воодушевувачка е трпеливоста на зографите, нивната виртуозност и вештината во создавањето на иконите. Во ниту еден момент не покажаа нервоза, се' работеа со задоволство. Така, со денови, со часови, одмор за појадок и ручек и тогаш кога заморот ќе ги надвладее...

Светите икони се повеќе од религиозна уметност

Зборот „икона“ доаѓа од грчкиот збор „еикон“ што значи слика. Иконите во православието се свети слики, кои го изобразуваат нашиот Господ Исус Христос, неговата пресвета Мајка - Богородица, светителите и важните настани од Светото Писмо и Преданието на Црквата. Првите икони на Христа се неракотворените образи, а првите изобразби на Богомајката ни ги оставил светиот апостол и евангелист Лука.

За православниот христијанин светите икони се многу повеќе од религиозна уметност или украс. Почитувањето на иконите е составен и светотаински дел од животот на верниците. Тоа вклучува поклони пред иконата со изобразување на знакот на чесниот крст и целивање на иконата. Сепак, треба да се нагласи дека почитувајќи ја иконата, верниците не се поклонуваат на дрвото од иконата или боите употребени, туку на самиот светител кој е претставен (изобразен) на иконата.

Иконата често се нарекува „прозорец кон небесата“ бидејќи на таинствен начин таа ја претставува реалноста на духовниот свет и царството Божјо, кое е во нас. Иконите се начин на кој Господ ни се открива нам. Преку иконите верникот стекнува созерцание за духовниот свет. Ликовите на нашиот Спасител-Христос, Пречистата Дева Богородица и светителите се оние светотаински точки на средба помеѓу верникот и оние кои се изобразени на иконите. Затоа не случајно тие ликови се претставени на нереалистички начин, надвор од законите на уметничкото сликање. Всушност, целиот човечки аспект, сиот свет на иконата е допрен и преобразен од божествената светлина. Така, тој необичен изглед на иконата има за цел да ја пренесе духовната вистина.

Отелотворувањето на Господ Исус Христос, Бог кој стана Човек, е основниот теолошки темел за светите икони. Христос зеде на Себе човечко тело, стана реален во времето, видлив и опиплив за луѓето. На тој начин материјата се прослави и освети, невидливото стана видливо и го оправда изобразувањето на Неговото физичко тело. Христос, Синот е слика, икона на Отецот; Тој е единствениот начин на кој ние можеме да Го видиме Отецот. Затоа иконата Христова е присуство, како на Синот, така и на Отецот.

Светителите, кои се преселиле во небесното царство, а прва меѓу нив е Богомајката, постојано се молат крај престолот на Бога, и кога ги славиме и почитуваме, ги потсетуваме молитвено да посредуваат за нас. Гледајќи го нивното мноштво, изобразено на фреските во храмот се потсетуваме дека сме опкружени со големо мнозинство на сведоци за реалноста на небесното царство. Овие свети луѓе, преобразени од благодатта Божја, достигнале спасение и исполнети со милосрдие, посредуваат пред Создателот за нас, нудејќи им ја својата помош на верниците.

 Извор; Утрински весник